НЕЖНИТЕ ПРСТИ ГО ВРАЌААТ ЖИВОТОТ НА ЧАСОВНИКОТ

Вера Трајкова – единствената жена саатчија во земјава

Часовниците се накит и знак на статус на сопственикот

Мераклии за мерачи на времето од две илјади евра

Saatcija so stabiulni race - Vera TrajkovaТик-так, тик так, се слуша рамномерниот и точен ритам на механизмите на часовниците, естетски наредени во витрините во тесното дуќанче на сатчијата Вера Трајкова. Единствената жена саатчија во земјава одолева на времето опкружена со стотици часовници околу себе. Повеќе од две децении, 47 годишната мајсторка со љубов го одржува занаетот, пренесен од татко í Иван.

Се мрдаат стрелките кај некои без курдисување, бидејќи  се движат со силата на енергијата на батериите. Други, постари модели, ги врти федер што се затегнува, односно се навива. Врви и се мери времето низ мераклиски дотераниот декор. Не се продаваат часовници, туку се богатство што го разубавува просторот.

Вера ги поправа и ги враќа во живот, главно рачните часовници со механизам или собните или ѕидните. Располага со резервни делови и за најстарите, оти татко í своевремено набавил големи количества. На електронските, интервенира само со замена на батериите и на ремчињата.

– Нежен и пипав е овој занает. Нужно е да се располага со дарба за внимателност, спокојна рака со прсти што не треперат, покрај познавањата на марифетите. Трпелива и смирена душа, со остар вид, може да биде саатчија. Во руските фабрики работат само жени, оти се претпазливи во пристапот со ситните делчиња кои често се гледаат и поставуваат со леќа и пинцета, а се лесно кршливи – кажува Трајкова.

Тајните на саатчискиот занает ги открила со помагање на татко í од дете. Првин е малку комлицирано, со време и се зрее и се освојуваат деталите.

Алат í се мали шрафцигери, ситни клешти и пинцети.

Semejna relikvija - satot so telefon star 110 godini– Прилепчани се мераклии за одржување на рачните часовници. На срце им се. Секој има своја приказна. И по пет – шест децении ги врзуваат спомени од војска, од матура, од диплома, родендени, свадби, венчавки, од прослави, каде ги добивале на подарок или сами си ги купувале по некоја пригода, а не само од потреба. Ги негуваат како своја амајлија. Ги третираат како накит. Навистина, саатот со соодветно ремче или белезица на рака е украс како прстените на рацете, обетките на ушите или скапоцените ѓердани околу вратот. Часовникот е симбол на статусот на сопственикот. Брачни сопатници од Битола располагаа со по два часовници од марката Радо, кои вредат по две илјади евра. Ги носат секојдневно и доаѓаат во Прилеп на замена на батериите. Им лежат, и не штедат. Ги одржуваат. Ќеф им се – вели искусниот саатчија од понежниот пол.

Најпознати се марките Сеико, Омикрон, Дарвил, па руските. Во последно време се вадат од визбите старите ѕидни часовници  за обновување.

–  Од прашината ги враќаат дома како антиквитет, но и да бидат во функција. Уживаат на тонот како камбана во одредено време. Ги доживуваат како фотографии од младоста, кои секојдневно ги потсетуваат на старите добри мигови. Ги разбирам, оти и јас сум носталгична, па љубоморно го чувам мојот голем часовник со телефон од татко ми, што е стар повеќе од 110 години – раскажува Трајкова, низ чии раце минале илјадници мерачи на времето од разни модели и за поставање на секакви места.

Вртат стрелките на часовниците, но во чекор со новото време. Женскиот мајстор не му се инаети на времето. Не сака децата да ја наследат, оти венее бизнисот. Ниту гравирањето на пораки на накит или на капачињата од часовниците не помага да се спаси или запре залезот на занаетот. Од десетина саатчии во градот преживеаја само тројца. Додека коси информатичкото време, на Трајкова секојдневно нозете сами í итаат кон дуќанот на средба со сé поретките муштерии и на чаршиските муабети со комшиите.

Loading