ДИЛЕМА

ivce1Не си спомнуваме точно како беше формулирана реченицата. Главно, стануваше збор за определена средба на претставници на генералштабовите од повеќе земји. Вниманието ни го сврте именката ГЕНЕРАЛШТАБОВИ. Така беше употребена од новинарката. Но дали треба така? Дали треба така да гласи множинската форма? И ние се прашуваме! Ни се јавува тука определена дилема. Не можеме да најдеме некое точно толкување во Граматиката, или во некои други помагала. Што да правиме сега? За која форма да се определиме? Дали треба ГЕНЕРАЛШТАБОВИ или ГЕНЕРАЛШТАБИ? Да тргнеме по патот на логиката. Именката ГЕНЕРАЛШТАБ (е еден збор) одбележана е во сите речници. Одбележана е и во Правописниот речник. Но, секаде е регистрирана само еднинската форма. А каква ќе биде множината? Дали ГЕНЕРАЛШТАБОВИ или ГЕНЕРАЛШТАБИ? Ќе тргнеме постепено. Белки ќе дојдеме до правилната форма. ГЕНЕРАЛШТАБ е сложена именка, составена од именките ГЕНЕРАЛ и ШТАБ. Едносложните именки во множина имаат наставка “ови” или “еви”: КРТ – КРТОВИ, КЛУЧ – КЛУЧЕВИ, ШТАБ – ШТАБОВИ. Има и ретки исклучоци. Да речеме, за КОЊ ќе речеме КОЊИ, а не КОЊОВИ. Сосема јасно е дека именката ШТАБ во множина ќе биде ШТАБОВИ. Токму по таа форма се подведуваат и новинарите кога велат ГЕНЕРАЛШТАБОВИ. Според нашето мислење, тоа е погрешно. Рековме дека станува збор за сложена именка ГЕНЕРАЛШТАБ. Составена е од четири слога. А четирисложните зборови и сите повеќесложни (обично) во множинската форма имаат наставка “и”, а не “ови”. Во конкретниов случај, именките ГЕНЕРАЛ и ШТАБ го немаат првобитото значење, туку тие се соединиле и создале сосема нова именка, со сосема ново значење. Сега веќе не не интересира множинската форма на именката ШТАБ, туку ја бараме множината на новосоздадената именка – ГЕНЕРАЛШТАБИ. Таа треба да си се нареди во редот на сите други повеќесложни зборови и во множина да се добие наставка – “и”.

Да го поткрепиме ова и со еден друг пример. Да ја земеме сложената именка ДРВОРЕД. Таа е создадена од именките ДРВО и РЕД. Именката РЕД (кога е сама) во множината има наставка “ови” – РЕДОВИ. Но, сега двете именки (и ДРВО и РЕД ) го изгубиле првичното значење и се добила нова именка ДРВОРЕД. Јасно е дека нејзината множинска форма ќе биде ДРВОРЕДИ, а не ДРВОРЕДОВИ. Овде никој нема да згреши, никој нема да рече ДРВОРЕДОВИ. Примери за тоа има многу.

И покрај се друго, именката ГЕНЕРАЛШТАБ (ови) создава извесна дилема. Повеќепати сме ја слушале, а и сме ја прочитале во весниците како ГЕНЕРАЛШТАБОВИ. А правилото за образување на сложени именки не вели така. Повеќесложните зборови, независно на каков начин се добиени, во множинската форма имаат наставка “и” (во најголем број случаи).

Можеби постои некаде некакво поточно и поконкретно објаснение. Нам таков материјал не ни е достапен. Затоа тргнавме по патот на логиката. Убаво би било да чуеме некое поинакво мислење или толкување.

Еве сега нешто без никаква дилема. Пред некое време слушнавме на телевизија дека во Струмица, на карневалот имало БРОЈНА публика. Сме чуле да се вели БРОЈНИ настани и друго. Но погрешно е тоа. Може да имаме, на пример, бројна именка: ДВОЈКА, ДЕСЕТИЦИ, СТОТИЦИ, ЧЕТВОРКА. Сето тоа се БРОЈНИ именки. Имаме БРОЈНИ придавки: ПРВ, ВТОР, ЧЕТВРТ, ДЕВЕДЕСЕТТИ и многу такви. Порано ги викавме РЕДНИ броеви. (Така е во школската граматика, но Блаже Конески вели дека тие и според формата и според својата служба што ја вршат треба да се сместени меѓу придавките)

Ако треба да се каже точниот број на ученици во некои училишта, бројот на работници во некоја фабрика, се вели каква е БРОЈНАТА  состојба. Тоа може да се каже и за стока и за животни, ако треба да се осознае соодветниот број, односно БРОЈНАТА состојба. Чудно е зошто со овој збор се прават толку грешки, односно тој се употребува со погрешно значење. Ако имало многу публика на карневалот, ќе речеме МНОГУБРОЈНА публика, а не БРОЈНА. Ако се случуваат многу настани, ќе речеме МНОГУБРОЈНИ, а не БРОЈНИ. МНОГУБРОЈНИ и БРОЈНИ не е исто. Но, ете, сведоци сме на МНОГУБРОЈНИ вакви грешки. Можеме да кажеме и БЕЗБРОЈНИ.                                      

Loading