СТРАСТЕН КОЛЕКЦИОНЕР СО ЗБИРКА ОД ЧЕТИРИ ИПОЛ ИЛЈАДИ СТРИПОВИ

Александар Јованоски и по три децении уште е „гладен“ за добар стрип

– Легнување и будење со приказните за омилените стрип јунаци

Magijata na stripovite se prenesuva niz generaciite -   Jovanoski so kerkata2Богатство од стрип уметноста се открива во домот на 39 годишниот Александар Јованоски. Над 4,5 илјади наслови на стрипови, се уредно сместени на полиците и заштитени од атмосферски влијанија. Љубоморно ги чува и од љубопитната ќеркичка, која се надева дека ќе ја продолжи страста на нејзиниот предок. Горд е што зачувал во добра кондиција околу 100-150 изданија од 68-72 г. Колекционерскиот мерак не му стивнува по три децении. Не се одделува од магијата, уште е “гладен” за добар стрип кој денес се третира како уметност.

Нема дефиниција за “вљубеноста” во стриповите. Се случило спонтано, кога татко му на шест години му го купил првиот и останал верен до денес и додека ќе постои.

– Ме заинтригираа сликчињата. Ме привлече начинот на кој се пренесува приказната, оти ја сакам авантурата, во која се влегува во непознати светови, базирани на митови и легенди. Посебна е дарбата на стрипмајсторите. Ги илустрираат стрип јунаците, предизвикувајќи зависност кај читателите. Дури сонот не доаѓа, ако не прелистам романче в постела. Едноставно, еднаш кога ќе се заљубиш, не можеш никогаш да ги оставиш – кажува Јованоски.

За разлика од помладите генерации кои малку или воопшто не знаат, тој растел со стриповите. Вриеле децата низ маалата за размена. Немало семејство да не чита со ќеф. Особено било перчењето со уникатните броеви. За да се “продаде” дупликат, се одело од едниот и до другиот крај на градот.

Првиот стрип бил Загор. Не се делел секој ден од омилениот стрип јунак.

– Неразбирливо е како младите се откажуваат од задоволството да се почувствува мирисот на хартијата и бојата од стрипот, да ги фаќа сонот и да се будат со нацртаните непобедливи херои. Тоа беше забава и навика. Вриеше од стрипови по трафиките по ниски цени, и тоа не на македонски јазик. Сега децата имаат други занимации – се чуди Јованоски.

Располага со сите жанрови, од детските Дизни, до научна фантастика, хорор, иако, според него, авантуристичкиот е темел на стрип културата. Ужива и да ги гледа наредени по број. Знае секој стрип точно на кое место стои.

Zagor od zlatnata era– Целиот џепарлак го трошев на сé што излегуваше. Сега повеќе собирам, отколку што читам. Стрипот стана скапа играчка. Тиражот се намали и е достапен за мал број зависници. Додека кај нас се смета за изумрена страст, во светот се вртат милиони долари. Инаку, некои безвременски приказни не згазнати од времето, ги препрочитувам. Претежно од италијанската школа, како Загор, Алан Форд. Поретко се следеат суперхероите со надприродна моќ како Бетмен, Супермен, Спајдермен. Стрипот е приказна со позитивни примери како со филмовите, како Тарзан, па сé до Марвел јунаците. Дел од стрип јунаците уште се филмуваат – истакнува Јованоски.

Сегашната колекција е втора. Првата, од 1.500 стрипови, ја продал, оти цената достигнувала големи цифри. Веќе шест години се враќа на старата љубов.

Со стрипманијата ја заразил и сопругата. Станала фан на Дилан Дог, хорор – трилер за кој Холивуд има снимено и филм.

– Не í е лесно да живее со колекционер. Чита и таа нашла од пријатели 200-300 примероци – додава Јованоски.

Бил и издавач. Страста го навела толку што омилените јунаци Алан Форд и Загор ги откупил од Италијанците и издал 24 броја со тираж од над 1.500 примероци. И тоа на македонски јазик, за три години издаваштво. Поради скапата хартија, го одложил издавањето за подобри времиња.

Покрај неколкуте паузи, жарот за стрип уметноста не стивнува, туку предизвикува пламен. Се токми да ја обнови веб страницата stripon.mk.com, која функционирала седум години. Во меѓувреме, напишал преку 400 текстови за стрип јунаци и стрип автори од кои 99 отсто се првпат срочени на мајчин јазик.

За него стриповите се и пријателство со целиот свет. Се нашол со колеги од Италија, на кои им праќа македонски верзии на Алан Форд и Загор.

Збирката од стрипови ги привлекува постарите, кои му даваат по некој комплимент. Додека се лачат колекционерите, неколку пријатели упорно собираат само стари ретки броеви. 

Loading