МАТОРИЦА, А НЕ КРМАЧА

ivce1Отишла новинарката во една свињарска фарма. Разговара со сопственичката на фармата. Интересно. Гледаме мали прасенца со нивната мајка маторица. Одговара сопственичката на многуте поставени прашања. Во еден момент, употребува ваква реченица: ,,Она што е потребно на крмачата,,. Го употребува повеќепати зборот КРМАЧА. Го прифаќа и новинарката. А зошто, се прашуваме? Таква именка, со таква форма, со таква наставка, не може да постои во нашиот јазик. Именката во машки род е КРМНАК. Во женски род не се развила таква именка, туку се користи именката МАТОРИЦА. По теориски пат можно е од именката КРМНАК да се развие именка во женски род, која би гласела – КРМНАЧКА. Но, тоа не се случило, а и нема потреба. Едноставно, тоа си е МАТОРИЦА. Ќе набележиме еден сличен случај. Двегодишниот брав (овен) се вика ЅВИЗАК. Според начинот на нашето зборообразување може да се изведе именка од женски род – ЅВИЗАЧКА. Но, никако не – ЅВИЗАЧА како што не смее и КРМАЧА. Ама во односниов случај, народот си нашол подобра, пократка форма. Веднаш, на основниот дел си ја ставил наставката ,,КА,, и си добил именка – ЅВИСКА. Има и други примери. Од ДИВЈАК – ДИВЈАЧКА, од ПРОСЈАК – ПРОСЈАЧКА. Накусо – КРМАЧА никако не може да оди во нашиот јазик. Како што не може – ЛОЗОВАЧА, ДУДОВАЧА и така натаму. Именки со таква наставка ние немаме.

Секој ден требало да се јаде по една ПОМАРАНЏА. Така ни беше советувано во една ТВ емисија. Во нашиот јазик, како норма, утврдена е именката ПОРТОКАЛ, чие латинско име гласи citrus aurantium. Зборот нема македонско потекло, но одамна е навлезен кај нас. Значи, ПОРТОКАЛ, а не ПОМАРАНЏА.

Во една народна приказна, на некоја од нашиве телевизии, слушнавме од актерот како вели: ,,Јас сум терзииче младо,,. Чудно е зошто се прават вакви грешки и тоа мошне често. Деминутивната (галовна) форма од именките кои завршуваат на ,,ИЈА,, (терзија) немаат две ,,И,, туку едно. ТЕРЗИЈА – ТЕРЗИЧЕ. Такви примери постојат многу. Од ШАМИЈА, имаме ШАМИЧЕ, а не ШАМИИЧЕ. Ваквите грешки се присутни во скопскиот говор и сега преку ТВ програмите се пренесуваат насекаде. За мала чашка ракија скопјани велат – РАКИИЧЕ наместо – РАКИЧЕ. Па, ете и терзичето станало ТЕРЗИИЧЕ. А нели постои и народна песна – „терзичето мамо, комшичето“. Има и друга песна: „Шеќерџиче, јабанџиче

Да пукнеш, ќе те земам“.

Значи, ШЕЌЕРЏИЧЕ, а не ШЕЌЕРЏИИЧЕ. Некои пак прават поинаква грешка. Наместо ШАМИЧЕ или РАКИЧЕ, велат (пишуваат) ШАМИВЧЕ, РАКИВЧЕ, КУТИВЧЕ. На ,,В,, не му е тука местото. Се знае, ШАМИЧЕ, РАКИЧЕ, КУТИЧЕ. Во приватни разговори ваквите грешки се мошне чести, но во телевизиските емисии тие не смеат да се случуваат. Ги слушаме во текстови кои се лекторирани или треба да бидат лекторирани. Ги слушаме во приказните, во говорот на презентерите, во преводите на ТВ сериите.

Во некои делови од нашава земја се појавиле фалсификувани банкноти. Фалсификаторите уште не биле пронајдени. Новинарот од една наша телевизија објаснува надолго и нашироко. Во еден момент вели: ,,Пронајдени биле фалсификувани банкноти од илјада и петстотини денари,,. Што ли сакаше да каже новинарот? Банкноти од илјада и петстотини денари?! Па такви банкноти не постојат. Треба човек малку да се помачи па да се досети што сакаше да каже новинарот. Зошто нему не му е јасно дека предлогот (во овој случај) ,,ОД,, понекогаш е неопходно да се повтори. Слушаме вакви или слични грешки од многу негови колеги. Ајде малку да расчистиме, да разјасниме, што сакаше да каже новинарот. Биле фалсификувани банкноти од ИЛЈАДА И ПЕТСТОТИНИ денари. Само малку ако размислел ќе се сетел дека тоа е дезинформација. Не постои таква банкнота. Каде е грешката? Во испуштањето (неповторувањето) на предлогот ,,ОД,,. Ако речеше дека биле фалсификувани банкноти од ИЛЈАДА и од ПЕТСТОТИНИ денари, веднаш ќе беше јасно дека станува збор за две различни банкноти. Банкноти од ИЛЈАДА и од ПЕТСТОТИНИ денари.

Ваква конфузија (па уште и во напишан текст) на новинар не смее да му се случува.

Loading