ТАТКО ЗАБОРАВИЛ БЕБЕ ВО ТАКСИ

ТАКСИСТИТЕ – ПОШТАРИ ИЛИ „ПОТРЧКОВЦИ“?

– Бакшиш за презервативи

– Превоз на квасец и црн бибер од пет денари за такси услуга од 50 денари

Taksi vozilata za brza posta„Мајсторе може ли да го однесеш ова до таа и таа локација? Ќе те пречекаат таму и ќе ти платат.“ Нема таксист што не ја слушнал оваа реченица. Таксистите, покрај превозници на патници, сé почесто се  ставаат во улога на поштари или носачи на брза пратка. Тие често се алтернатива за брзо испраќање храна, лекови, документи и слично од една до друга дестинација. Исполнувањето на “желбите” е сé помасовна практика на такси превозниците.

Не е некоја новина дека таксистите се курири за остварување на побарувањата. Од пица до скара, не е ни тема на дискусија. Такаречи секојдневно разнесуваат низ градот.

Ги “скокотнавме” такси возачите да откријат некои пикантерии во мистериозните мисии. До кој степен отишла заборавеноста, мрзеливоста, па и човековата лудост и глупавост. Еве, некои од поинтересните “такси приказни”.

Таксистот Бранко кажува дека “поштарството” преку такси има правила на игра. И ден денес се чуди како таткото успеал да го заборави бебето, и од такстист морал да се стори штрк.

– Млеко, чоколадо, што заборавиле за децата. Најчести се порачките за достава на скара, пици, алкохол. Навечер се почести, оти кога ќе заседнат, ќе се заборават, па брзо викај такси да ти донесе што ти треба. Сум разнесувал и торби од автобуска. Дури и цемент, вар, маси, столици, музички инструменти. Има правила на играта. Наплаќам плус 20 денари за услугата што ќе се симнам од возилото да купам во продавница, но никогаш не сум се симнал вторпат да доставам точно до дома. Обично ме чекаат пред влезот на куќата или зградата. Само еднаш направив исклучок, оти врнеше многу дожд и излегов од автомобилот со чатор да í поддадам торта на жената. Еднаш татко го заборави седум-осум месечното дете заспано на задните седишта. Можеби бурен живот, или беше нервозен, напред седеше, и кога го превезов, излезе и го остави бебето. Не сетив, оти не заплака. Диспечерката ми јави да се вратам и да го однесам бебето назад – раскажува Бранко.

Возачот Валентин е изненаден од луѓето кои живеат на еден чекор од продавница, а бараат такси за пазарање.

– Во 6.30 ч. наутро ми порачаа цигари од маркетот и да ги однесам сто метри потаму на петти кат. Некои бараат достава до станот. Постара жена, на првиот кат, со скршена нога, секоја вечер порачуваше килограм маслинки, а некогаш се случуваше и литар со литар вино и вода. Најчесто носиме храна и цигари. Бурек се бара дури и по 3-4 пати во ноќта – кажува такси возачот Валентин.

Илчо не разнесува сé и сешто. Особено нешто помасовно. Правило му е само ако го собира во багажникот од возилото.

– Масички, столици, правошмукалка, бојлерче, кои влегуват во гепекот, сум пренесувал од едно место до друго. Некогаш се подумувам и за зајрето од пазар. По такси ми пратиле нов костим, претходно однесен да се скуси на шнајдер. Сопствениците на бутикот ми го донесоа до автомобилот. Слично е и со чевлите од поправка. Сум бил поштар за поголема сума пари. Некогаш во коверт запечатен, некогаш изброени на рака – памети Илчо.

За Дејан порачките преку ден се реткост, а го товарат со сé и сешто ноќе.

– Ме праќаат по пиво, па и по 10 ѓевречиња. Основни продукти од маркет – леб, млеко, цигари. И по бензин, кога останале луѓе на пат. Ретко преку ден, но ме товарат со сé и сешто, од ламинати, до машина за перење. Сум носел лекарства за бебиња од аптека. И презервативи. Девојчињата претежно праќаат алишта и штикли за излегување. Од дома тргнале со една облека, па кај другарката се преслекуваат во кусо за в чаршија – вели Дејан.

На таксистот Гоце му нарачале да плати ливче во обложувалница.

– Нема што не сум доставувал. Некогаш сум пазарџија, а не таксист. Од толку случаи, заборавам која професија всушност ја работам. Дури ме пратиле и спортска да им пуштам. Има и нешто добро. Ако ми се видат симпатични натпреварите, истото ливче и за себе го пуштам и да станам добитник. Не се чудни порачките ни на презервативи – кажува Гоце.

Зоран доставува само “сериозни” пратки.

– Да се чудиш. Порачуваат црн пипер преку такси. За 5 денари, плаќаат повеќе од 50 денари за такси. Па ми порачале да купам и квасец. Во нормално време, кога работат продавниците, возам по леб. Дали од мрзеливост или од којзнае што – се прашува Зоран.

Драган бил личен курир со достава на ѕвонче, и тоа за презервативи и мастики.

– Порачале в база да им се купи мастики и презерватив. Оти бев најблиску, диспечерката ме прати, ама не ми кажа преку радиостаница, туку да í се јавам на мобилен, да не се смеаат колегите. Ми кажа дека за услугата ќе има плус пари, ако ги доставам лично на рака. Купив, што купив, се качив во зградата и излезе еден дечко од станот. Му ја дадов пратката со фискална од продавницата и од таксиметарот и му побарав плус 100 денари. Првин зачудено ме погледна и ми даде повеќе да се честам. Ме пратиле да купам женски хулахопки, перлон, големина три. Се изначекав додека излезе жената да ја подигне итната порачка – раскажува такси возачот Драган.

 Таксистот Горан е по документите.

 – Преку мене пратиле клучеви. Ги заборавиле и не можеле да влезат дома. И сред бел ден и навечер, мораш да им се најдеш на муштериите за сé. Праќаат преку такси и делови за автомобили, упат за на лекар, документи, лична карта, па и лектири и тетратки за на училиште. Најсмешно ми беше кога еден доктор преку мене прати вилици. Сум носел и алишта за излегување. И овали, лаптоп, полнач за телефон, па и мобилен – вели Горан.

Таксистите сé повеќе стануваат вид професија, која како и поштарите, сé и сешто виделе и слушнале.

Loading