КОЛЕ НЕДЕЛКОВСКИ – РЕЖИСЕР!

ivce1При толку многу написи, при толку регистрирани јазични грешки, понекогаш помислуваме дека веќе нема за што да се пишува. Но, веднаш стигнуваат деманти од сите страни. Од телевизиските емисии, од дневниот печат, од политичарите и од каде не!

Гледаме ТВ емисија, а долу на екранот тече текст. Читаме: “Вечерва, 16 февруари (вторник) на сцената на МНТ ќе биде поставена претставата “Парите се отепувачка””. Ќе биде ПОСТАВЕНА! На глаголската придавка ПОСТАВЕНА не и е овде местото. Претставата ќе биде ПРИКАЖАНА, а не ПОСТАВЕНА. Таа глаголска придавка (поставена) може да се каже, на пример, ако соопштиме дека во репертоарот од оваа година ќе биде поставена таа и таа пиеса. Ќе биде ПОСТАВЕНА, значи ќе се подготвува, ќе биде на репертоарот. Може да се рече дека односната пиеса ќе ја ПОСТАВИ тој и тој режисер. Откако ќе се постави, откако ќе се подготви, откако ќе се одржат многу проби ќе се дојде до завршниот чин. Ќе се направи претстава. А таа, претставата, ќе биде ПРИКАЖАНА, а не ПОСТАВЕНА. Претставите се ПРИКАЖУВААТ. Откако го прочитавме тој текст на екранот, помисливме дека можеби е случајна грешка. Но гледаме дека текстот и понатаму тече. Сега читаме: “Вечерва, 16 февруари (вторник) на сцената на Драмски театар ќе биде поставена претставата “Солунски патрдии“ во режија на Коле Неделковски“. Значи, не била случајна грешка. Тие од телевизијата така мислат дека треба. Но, сега и друга, зачудувачка грешка. Пишува дека претставата ја режирал Коле Неделковски. Оваа претстава се врти со години на репертоарот на тој театар. Оние од односната телевизија (најверојатно лекторите) можеби и не се сеќаваат дека режисер е Коле Ангеловски. Но, на тие луѓе не треба да им е туѓо името КОЛЕ НЕДЕЛКОВСКИ. Тој е еден од ретките поети (заедно со Кочо Рацин) од прет Втората светска војна. Тие, од телевизијата, зар не слушнале за неговата херојска смрт! Зар не знаат дека Коле Неделковски за да не падне во рацете на полицијата се фрла од мансардата на една софиска шестокатница. Така завршува неговиот живот на 2 септември 1941 година. Во македонската јавност, особено во културните кругови, тоа име е мошне познато. Но, ете, односната телевизија се прогласи (како што се вели сега) за ненадлежна за тоа. Таа го стави неговото име како режисер на “Солунски патрдии“.

Пак за телевизиите! Во последно време, некако, најзастапени се разни емисии од областа на кулинарството. Се презентираат разни специјалитети, разни манџи, рецепти. Се појави и една прилепчанка. Така се претстави. И таа имала свој специјалитет. Бил исклучиво нејзин. Зборува таа и за други традиционални јадења. Вели: “Ние ја гаиме традицијата“. Веројатно за да звучи покултурно, вели дека ја ГАЕЛЕ традицијата. Но, откаде го измисли тој збор. Во Прилеп тој ретко се користи, а не треба и воопшто и никогаш да се користи. Тој не е наш. Ние можеме да ја НЕГУВАМЕ традицијата, а не да ја ГАИМЕ. Меѓу другото, во тие емисии од областа на кулинарството слушаме многу недоследности, многу “мирудии“, што ја загорчуваат манџата.

Слушаме, речиси редовно, едни грешки за кои не сме сигурни зошто се толку присутни во нашава комуникација.

Пред некое време, еден поранешен висок политичар, висок интелектуалец, универзитетски професор, зборува за животот и делото на негов починат колега. Меѓу другото, вели дека односниот господин бил голем ерудита. ЕРУДИТА! Во нашиот јазик тоа е ЕРУДИТ, човек со широки знаења. Инаку, коренот на зборот е латински. Во српскиот јазик се употребува ЕРУДИТА, но во нашиот јазик не може. Слична грешка се прави и со зборот АТЛЕТ. Токму така треба во македонскиот јазик – АТЛЕТ. А колку често слушаме да се вели АТЛЕТА. Сето тоа се прави под влијание на српскиот јазик. Зар малкупати сме слушале да се вели – СПОРТИСТА, наместо – СПОРТИСТ. Па дури сме чуле да се вели и ВИОЛИНИСТА, наместо ВИОЛИНИСТ.

И што ли не?  

Loading