УБИСТВО СО СМРТНИ ПОСЛЕДИЦИ!!!

ivce1Прочитавме, во Кавадарци постоело Здружение на точакџии. ТОЧАКЏИИ? Ете, во еден збор 3 грешки. Првата е таа што не треба да се вели ТОЧАК. Во македонскиот јазик тоа е ВЕЛОСИПЕД. Но, добро. Тие употребиле ТОЧАК, односно ТОЧАКЏИИ. Тоа биле луѓе, велосипедисти, кои возеле велосипеди (или како што велат тие точаци) во Витачево, околу езерото. Да ја видиме сега именката ТОЧАКЏИЈА. Не е наша, но тие ја употребиле. Во нашиот јазик постојат именки изведени од именки, кои можат да имаат наставка – ЏИЈА или ЧИЈА. Но, во кој случај, кога би се употребиле? Ако именката завршува на вокал -АЛВА, ќе имаме наставка ЏИЈА – АЛВАЏИЈА. Ако завршува именката на тврда согласка, исто така ќе имаме ЏИЈА – КОРАБ – КОРАБЏИЈА. Но ако завршува именката на мека согласка, тогаш наставката е – ЧИЈА. ЌЕБАП – ЌЕБАПЧИЈА. Именката ТОЧАК завршува на мека согласка (К) и затоа наставката ќе биде – ЧИЈА, односно ТОЧАКЧИЈА. Тука е втората грешка. Именките (на ЏИЈА, ЧИЈА) се однесуваат на некакво занимање, професија. АЛВАЏИЈА е човек кој прави алва. ВЕЛОСИПЕДЏИЈА е човек кој прави или поправа велосипед, а тој што вози велосипед е ВЕЛОСИПЕДИСТ. Значи, рековме, втората грешка е во погрешната наставка, а третата е во самото значење на зборот. ТОЧАКЧИЈА (?) би бил човек што прави или поправа ТОЧАЦИ, а овде не станува збор за тоа.

Се случила сообраќајна незгода. Имало повредени. Докторот зборува за повредените и за карактерот на повредите. Некои поголеми, некои помали. Еден од повредените имал напрслина на коската. Така вели докторот – НАПРСЛИНА. А зошто не ПУКНАТИНА, зошто не нашиот збор? Можеби би можело да се рече дека повредениот имал НАПРСНАТА коска, но никако не може и не смее – НАПРСЛИНА.

Во наш дневен весник читаме за некои настани кои се случувале пред почетокот на војната. Авторот сакал да се изрази малку покултурно, посликовито и вели: “Во праскозорјето на војната”. Чудно е како го зел на помош овој збор, оваа именка – ПРАСКОЗОРЈЕ. Во српски текстови сме ја среќавале многу често, но во македонски текст досега не сме ја сретнале. А не треба и да ја среќаваме. Таа именка не е наша. Кај нас тоа е нашиот преубав збор – МУГРА. Може и ЗОРА, и ОБЗОРУВАЊЕ. Но овие наши именки не можат да се употребуваат во такви случаи за кои авторот ја употребил српската именка ПРАСКОЗОРЈЕ. Во српскиот јазик може така. Кај нас не. Не може да се рече – во муграта на војната. Но, затоа постојат поинакви изрази. Ако не сакал авторот да каже едноставно дека тоа било пред почетокот на војната, можел да рече – “Во предвечерието на војната” или пак “Во самиот зародиш на војната”. Но, ете, тој одбрал туѓ збор.

Спортскиот коментатор ни соопштува дека точно во тој момент се играл ракометниот натпревар меѓу Германија и Шпанија. Коментаторот вели: “Германија, засега, ја добива Шпанија”! Веројатно сакаше да каже дека Германија ВОДИ против Шпанија. А таа може да го добие натпреварот, а не да ја добие Шпанија. Истиот  коментатор направи уште неколку други, чудни грешки. Ни соопштува дека ракометната репрезентација на Германија, досега сите натпревари ги победила. Како тоа? Како сите натпревари ги победила? Таа ги победила противниците, а не натпреварите. Натпреварите ги добила. Чудни се овие грешки. Чудно е и кога нашиот спортски коментатор (истиот) ќе рече – “Нашата најдобра ракометна репрезентација”. Како ние да имаме којзнае колку репрезентации, па сега ќе игра најдобрата. Се знае, кога ќе се рече репрезентација, се мисли на најдоброто што го имаме. Некаков предзнак треба да се стави, ако станува збор за млада репрезентација или младинска репрезентација, или можеби “Б” репрезентација. А репрезентација е една, тоа е најдобриот состав на секоја земја. На големите натпреварувања учествуваат репрезентациите. Нема никаква потреба да се нагласува дека е тоа најдобрата или помалку добрата.

Од презентерите за прогнозата на времето, се имаме изнаслушано – “Долж речните долини”, “Долж Повардарието” и слично. Е, сега, кога се појави бегалската криза, слушнавме: “Долж, мигрантската рута”. Зошто новинарите не знаат дека ДОЛЖ не е предлог, туку прилог. Тој покажува како, а не каде, и секогаш е префиксиран – ВДОЛЖ, ВШИР. Ливадата ја измеривме и ВДОЛЖ и ВШИР.

За крај, еден “бисер”. Се случило убиство. Новинарот не информира: “Извршено е убиство со смртни последици”. Според него, може да биде извршено и убиство без смртни последици.

Loading