ПОЗДРАВИ И ЧЕСТИТКИ

ivce1По многу време, би рекле, по многу години, ни допадна в раце книгата “Од дневникот на Прилеп” од Миле Алимаскоски. Со задоволство ја препрочитавме во еден здив. Нема таа некои високи уметнички вредности. Повеќе станува збор за историски факти. Се потсетивме на некои нешта кои веќе сме ги подзаборавиле. Но, има нешто друго во таа книга што заслужува полно внимание. Тоа е јазикот. Македонскиот јазик. Особено, синтаксата. Книгате е печатена во одамнешната 1952. Во тоа далечно време ја имавме само Граматиката од Круме Кепески. Немаше никакво друго јазично помагало. Граматиката од Блаже Конески уште не беше издадена, а да не зборуваме за Речникот на македонскиот јазик. Тој е објавен многу подоцна. Покрај некои јазични неотпорности, кои се неминовни за тоа време, јазикот во книгата е мошне чист. Сме среќавале книги (особено преводи), објавени во денешно време, кои предизвикуваат револт со ужасно нечистиот јазик. Споменатава книга е само потврда за тоа дека во тие времиња се обрнуваше поголемо внимание на јазикот.

Еве уште еден пример. Пред некој ден, во наш дневен весник, беше објавена статија за прославувањето на Нова година во педесеттите години од 20 век. Цитирани беа и делови од весникот “Нова Македонија” од тоа време. Гледаме дека на секаде пишува “ Пречек на новата година”, а не ДОЧЕК, како што читаме и слушаме сега. Точно е тоа, ПРЕЧЕК треба да биде, а не ДОЧЕК. Сретнавме некаде и “Честита Нова година“. Сега заборавивме на таквиот вид честитање. Сега, сите преземаме некои туѓи изрази. Се разбира, најмногу од српскиот јазик. Редовно слушаме и читаме – “Среќна Нова година“. И не само за Нова година. Ние сега велиме – СРЕЌЕН празник, СРЕЌЕН роденден, СРЕЌЕН именден и така натаму. Наместо придавката СРЕЌЕН, некогаш се користеше ЧЕСТИТ (честита, честито). Па нели и картичките што ги купувавме и што си ги испраќавме за Нова година ги викавме честитки. Со нив си ја честитавме Нова година. Нели и сега одиме на ЧЕСТЕЊЕ (честитање) на именден, на роденден, на свршувачка. Така е и во Речникот (тритомниот). И за Нова година, и за роденден, и за именден е напишано: честито, честит, а на српски е предадено како: среќна Нова година, среќан имендан. Приведен е и изразот: Честита ви работа. На српски: Среќан вам рад. Така беше и така треба да биде. Речникот е издаден во постаро време. Но, тоа воопшто не ни дава право да бегаме и да отстапуваме од она што е напишано таму. Ама, како и во многу други области така и овде го напуштаме нашето, вековното и прифаќаме туѓо. Не треба од ова да се сфати дека зборот СРЕЌЕН (среќна, среќно) не треба да се употребува, но тоа не било и не е својствено за нашиот јазик во ваквите ситуации кога се честита нешто. Зар не е нелогично? Купуваме и испраќаме честитки, а пишуваме – СРЕЌНА НОВА ГОДИНА !

Ова што го напишавме, овие грешки со честитките, станува практика, која тешко ќе се искорени. За жал !

Да набележиме и некои други грешки, кои можеби помалку ги слушаме. На една наша телевизија една млада водителка расположено, разиграно како ластовичка,  соопштува нешто за програмата што ја подготвиле. Вели: “Сакаме да ги заголицаме нашите гледачи“. А наша е телевизијата, македонска. А ние Македонците се скокоткаме, а не се голицаме. Именката СКОКОТ е општо позната. Глаголот СКОКОТКА (скокоткаат), глаглоската именка СКОКОТКАЊЕ, исто така. Зошто девојчето вели дека ќе ги ГОЛИЦАЛЕ гледачите?! Ништо! Скопјанче е, а границата со Србија не и е далеку. Но, јазичната граница треба да биде многу поизразена и многу построга. Да не се пропушта се и сешто

Ајде за крај ! Презентерката ни ги пренесува советите од лекарите. Имало многу магла, многу смог, нечист воздух. Вели: “Да се излегува надвор само за нужна потреба“. НУЖНА ПОТРЕБА! Веројатно би можело и за ПОТРЕБНА НУЖДА. Тафтологија. Можеби сакаше да каже – НЕОПХОДНА ПОТРЕБА.

Многу замаглени работи во нашиов јазик. И пороен дожд не би ги расчистил.

Loading