МАНАСТИРОТ ЗРЗЕ СЕ ПРОБРАЗУВА СО ЉУБОВ

Na osvetuvanjeto na konacite - Kanceska- Milevska i   gradonacalnikot Marjan RisteskiМанастирскиот комплекс Св. Преобразени – Зрзе е духовно македонско светилиште од каде постојано се упатува универзалната порака за постојано преобразување, прифаќање и соочување со сопствените креативни потенцијали. Духовниот потенцијал се почувствува и при осветувањето на новоизградениот владички и реконструираниот монашки конак во присуство на претставници од МПЦ, од Министерството за култура, градоначалниците на Прилеп, Долнени, добронамерници и верници. Осветувањето го изврши архиепископот г.г. Стефан, потенцирајќи дека Зрзе зрачи со светлост и хармонија, бидејќи се преобразува со љубов.

За министерката за култура, Елизабета Канческа – Милевска, манастирот е креативен амбиент кој ги изнедрил ремек делата на македонската средновековна уметност, двете антологиски икони, Зрзескиот Христос и Богородица Пелагонитиса од 14 век, а кои се дел од светската иконописна ризница.

Zrze raj Bozji– Манастирот Зрзе е органски дел од ранохристијанската духовна структура, осведочена во новооткриениот старохристијанскиот комплекс со базилика и гробница на локален мартир од петтиот век. Зрзе е уникатна монашка населба, врежана во бигорната карпа со автохтоно монаштво од крајот на 9 век. Манастирот е дом и завештание на Митрополитот Јован Пелагониски и брат му Макариј еромонахот, еминентни зографи на Балканот. Зрзе е средновековен скрипториум и книжевен центар, познат по Зрзевското Четвороевангелие од 16 век. Манастир е на зрзевскиот монах Јосиф кој станува Пелагониски Митрополит, а подоцна и Охридски архиепископ во 18 век. Прибежиште е на руската црковна емиграција во 20 век. Денес е дом на седуммина монаси кои креативно творат дела како легитимни наследници на богатото духовно наследство на овие простори. Реконструкцијата на духовниот центар ја демонстрира со посветеност и заложби за чување на богатото културно наследство, со обезбедување на соодветна заштита, промоција и достапност. Сите добронамерници можат непречено да го посетуваат светилиштето со огромно значење. Св. Преображение – Зрзе е место за уживање во убавините на македонската земја, во мирот и спокојството на овој манастир, кој ја дарува најубавата глетка на пелагониската котлина – рече Канческа- Милевска.       

Според неа, со поддршка на Министерството за култура, надлежните установи извршија повеќе археолошки истражувања кои потврдија дека историјата на комплексот не потекнува од третата деценија на 14 век, како што се претпоставуваше, туку средновековна монашка населба со две пештерни цркви и вешто организирана целина  од доцниот 9 век.

– Археолошките истражувања содржеа целосна ревитализација на монашкиот и владичкиот конак. Возобновената иконописна работилница ја продолжува традицијата на познатата зрзевска иконописна школа од 14 век на Митрополитот Јован Зограф и неговиот брат Макариј Зограф. Обезбедени се сите предуслови за импрегнација и подготовка на дрвото, позлата, завршна заштита и конзервација на иконите кои грижливо ги цртаат монасите од Зрзе. Од исклучително значење е и копаничарството во духот на познатата прилепско-слепчанска плитка резба, негувана во 16-17 век. Монасите можат успешно да ги изработуваат копаничарските дела, а одделен е и простор за изработка на линорез. За обновување на исклучително значајниот културен и верски објект Министерството за култура издвои 92 милиони денари – изјави Канческа- Милевска.           

Според владиката Климент, направен е голем исчекор.

– Конаците внатрешно ќе бидат доуредени. Новиот пат носи многу посетители и се очекува реконструкција на монашките келии. На секој посетител да му се понуди сознание за средновековниот монашки живот, добро функционира иконописната школа – рече Климент.

Градоначалниците на Прилеп, Марјан Ристески, и на Долнени, Боше Милошески, потенцираа дека обновените конаци ќе донесат развој на манастирскиот туризам.

Во април на Трескавец

Тргнува градбата на опожарените конаци

Пред старт е градбата на опожарените конаци на манастирот Трескавец. Ова го најави директорот на Заводот и музеј Гордана Д. Спироска.

– Изведувачот е во одмината фаза на подготовки. Останува да се решат ситуациите за стабилност на електричната енергија и дотур на вода и на втори април да се стартува изградбата – рече Спироска.

Loading