Дваесет и шест годишната Мирјана Николоска не се срами од келнерството
– Муштерија не натурила, но сама жива вода се направила
Дваесет и шест годишната Мирјана Николоска, осум години е во светот на угостителството. Таа е келнер, разнесувајќи од пијалоци до разни јадења по кафулиња, пицерии, ресторани. Работела три месеци и во ресторан на црногорското крајбрежје. Љубезна, комуникативна, секогаш со насмевка, небаре потскокнува додека ги послужува муштериите. Ненаметлива, секогаш е тука во близина на гостите, без постојано да се плетка околу масата. За 70 отсто од муштериите, напамет знае колку пати неделно или дневно идат, какво кафе пијат. Без да праша, го носи саканото кафе. Ги освоила симпатиите кај гостите не само со услугата, туку и со ведрината. Затоа повторно се враќаат.
– Почнав од љубопитство. Ме “зарази” другар кој беше професионален келнер. Така почнав да работам и ја засакав оваа професија, за која е нужно знаење и искуство. Првин се стекнува доверба кај газдите, се развива комуникација со муштериите и се успева. Нема срам – вели Мирјана Николоска.
Според неа, не е умешноста само да се носи таблата со пијалоци. Скромно вели дека по осум години во угостителството, уште треба да го пече занаетот. Пример е тоа што, таблата треба да се носи со лева рака.
– Келнерот е сликата на ресторанот, кафулето. Првин се пречекува гостинот. Ако е неуреден, создава лоша слика. Нужна е култура, домашно воспитување, љубезност, особено со повозрасните. Потребно е да зрачи позитивност, а не да му излегува од лицето намуртеност – вели таа.
Разлика има во работата во кафетерија и ресторан.
– Во Црна Гора доаѓаа Руси, Англичани, Црногорци. Првин не знаев добро англиски, и ми беше потешко. Барав помош од колегите, се препотував да разберам што сакаат од менито. Им вртев српско – англиски и им беше смешно – вели Мирјана.
Во досегашното искуство, муштериите немале срце да í се развикаат. Сретнала секакви карактери, но трпението и разбирањето е атрибут на секој келнер, без ралика на нервозата од другата страна.
– Разбирам да се налутат, ако кафето не им се донесе во нормално време. Со шега се надминуваат слабостите на персоналот и се влијае на расположението на гостите. Правам распоред колку што е можно побрзо да услужам. Ако им се објасни, разбираат поголем дел. Некои се малку безобразни. Најдуваат во јајцето влакно. Но тоа е во службата. Десетпати да те вратат, треба да се смееш и да работиш без нервоза. Како и да е, секогаш гостите се во право и нужно е да им си на раполагање или што се вели “на тацна”. Не сум перфектна, и правам понекогаш пропусти. Тоа е во рамките на “службата” – вели Николоска.
Само еднаш добила поплака кај газдите.
– Се пожалија за резервирана маса, а беше метеж, а и не бев информирана. Им се извинив заради мојот пропуст. Газдите се коректни, ако се работи правилно. Некогаш се ставаат повеќе маси за малку персонал, па не се стасува. Еден келнер треба да служи три маси. Со кафе или пијалок не сум натурила муштерија, но самата сум се сторила жива вода со превртена табла со чаши вода – додава Николоска.
Не се жали од работата, оти е динамична и различна, понекогаш и забавна. Запознава нови лица и добива бакшиш.
– Сум добила дури 2.000 денари бакшиш, а во Црна Гора дури 100 евра. Никој не дава за убавина туку за надпросечна квалитетна услуга. На гостите треба да им стоиш диван. И тие тоа го ценат и го наградуваат. Малите награди не ме навредуваат. И тоа го ценам и почитувам. Добредојден е и денар, оти е знак за благодарност плус – ги кажува келнерските искуства Николоска.
Во келнерскиот стаж имало моменти на дузина комплименти, рози и калезби за вечера.
– Некои луѓе сакаат да делат комплименти и подароци, особено ако си женско. Сум се сретнала со секакви табиети. И 60 годишници нуделе да ме почестат пијалок. Имало покани за средби и од млади. Културно ги одбивам, оти работата не дозволува непристојност. Во пицерија ми оставиле кутивче за сувенири со моето име. Имаше роза, а внатре напишана песничка. По 2-3 дена пак кутивче со бела роза. И ден денеска не знам кој беше тајниот обожувател – низ смеа кажува Николоска.
Николоска по осум години е во мирување. Размислува за странство, но проблем í е јазикот. Не е исклучено да служи Словенци.
Сервис на Неда Украден
Најголема чест í била довербата да ја служи Неда Украден. Им носела храна и пијалоци на цела македонска естрада, па и на политичари.
– Газдите не ги гледаат исто муштериите. Ако седнал бизнисмен, сакаат да биде побрзо услужен. А не би требало да се прави разлика. Интересно ми беше кога една гостинка порача “она што го носите со црвена цефка”. Ü кажувам дека имаме различни цефки. Прашувам, “нескафе?”, а таа, “Да, да, е тоа со црвената цефка.” – раскажува Николоска
![]()

