ФРИЗЕРСКИ АВАНТУРИ НА ГЛАВАТА

Фризерско студио Блондина

Treba ljubov i odlicna frizura - Iva GeorgioskaВо аристократски стил, со златно – кафеави нијанси, неодамна блесна модерно опременото фризерско студио Блондина на 22 годишната Ива Георгиоска. Ново отворениот салон е шармантно ателје за комплетен третман на косата, креиран да ги задоволи мечтите на современата жена, но и на мажот. А Георгиоска стои на располагање за потполна промена на изгледот во нов стил и обликување на косата или бојата.

Сефте е во бизнисот, иако со ножичките и чешелот в раце е одамна. Тргнала од домашни услови за средување на фризот на блиските. Целосно посветена на сонот за стилист, не само што ги надградила знаењата во средното за фризерка, посетувала курсеви во битолското студио Кармен. Со двегодишниот престој во Словенија направила чекор подалеку. Ем била во струката, ем се усовршила во академија. “Вооружена” со дебело искуство за инвентивни креации и обучена со иновативни вештини, се осмелила да тера сопствен бизнис. Ветер в грб í биле средствата на УНДП, а семејството и другарките најголема поддршка, оти секојдневно ја бодреле и го следеле напредокот.

– Посветеноста и времето поминато во “светот на фризурите” ме натера да размислувам дали сум способна да водам свој салон. Не ми се тресеа нозете. Осетив дека сум спремна и се “роди” Блондина. Иако името има странски термин, пријателите се шегуваат дека доаѓа од мене, оти сум русокоса – кажува Георгиоска.

{AG}390/blondina{/AG}

Комуникативна, со насмевка на лицето, срдечно ги пречекува муштериите. Секогаш дотерана како капка од главата до петиците е пример што ги “распламтува” страстите кај потенцијалните муштерии и тие да седнат во удобниот стол и со безусловна доверба, да ја препуштат косата во умешните раце на Георгиоска. Модерно опременото студио ги нуди сите фризерски услуги по пристапни цени. Има и евтини пакети за дотерување на матурантите и апсолвентите. Независно од стилот кој го преферираат, максимално е посветена фризурата да биде најубавиот детал. За оние кои сакаат да бидат и убаво нашминкани, овозможува професионален меик ап со квалитетна козметика. “Блондина” не ги заборава мажите кои држат до изгледот. Создава фантастика на машката глава со модерни фризури, на кои многумина остануваат зинати. Мајсторските раце создаваат чуда за восхит. Потврда се комплиментите кои доаѓааат веднаш по затворањето на вратата од студиото.

– Ја  истакнувам личноста и убавината во најдобра светлина. Нудам уметност за сите кои меркаат промена, а не знаат каква. Најдуваме адекватна фризура која совршено ќе им одговара на обликот на лицето и животниот стил. И идеите ги исполнувам. Ведрината е носечка, оти е сигнал дека се препуштаат на довербата. Тоа е знак за полна одговорност да се насетат очекувањата и да се претворат мислите во стварност. И не е само да се извајат прамените во необична форма, туку и да се создадат околности за лесно и самостојно одржување. Внимавам и со материјалите за креирање. Соработувам со италијанската фирма “Диксон”, кои имаат богати нијанси на бои, кои го поттикнуваат растот на косата – вели младата стилистка.

Од стартот наишла на пофалби. Од експериментални, муштериите ги претворила во постојани, освојувајќи ги симпатиите на нивните блиски и пријатели, кои останале фрапирани. Локацијата во центарот ги привлекува и случајните минувачи кои навраќаат во студиото за информации за цените и услугите.

– Денот го исполнив и сонот ми стана јаве. Се грижам за разубавувањето на луѓето и работам нешто со задоволство и корисно. Се пронајдувам со стилистичките авантури, кои им се бендисуваат на муштериите – додава Георгиоска. 

Предизвиците í се задоволства затоа што ги тестира вештините, создавајќи препознатлив имиџ не само во градов, туку и пошироко. 

Loading