ВАЈАР СО ГИПС КАРТОН

Гипс Декор Монт

Ureduvanjeto na domovite e umetnost - JosifoskiМладиот Игор Јосифоски, учејќи занает за завршни градежни работи – ентериери и екстериери, накалемил искуство и од калфа станал мајстор на сопствениот бизнис Гипс Декор Монт. За мераклиите на современо внатрешно и надворешно уредување на домовите, врши монтажа на гипс картон, и тоа од Кнауф, Ригипс, термофасади, глетовање, молерисување, изведби и фигури од гипс картон, ѕидни комоди, абрибт, опшивки, односно крпење на прозори и врати. Им стои на располагање на сите оние на кои им се “здодеал” нефункционалниот распоред на просторот, нудејќи оригинално и иновативно архитектонско решение.

– Четири-пет години работев со мајстори, “печејќи го занаетот”. Ова не е само струка која се работи со љубов, туку и уметност, која бара креација и внесување на душа во домот, творештво и уметнички приод. Се пронајдов, оти материјалот нуди неограничени можности за израз на фантазијата. Од ништо се прави нешто со гипс картонот како вајарство. Првин пробав, а од септември официјално стартував со државна помош – кажува Јосифоски.

Нуди услуги за адаптација и реновирање на просторот во куќа или стан, го преуредува домот во топла и удобна средина која по интервенцијата не можат да ја пропознаат ниту домаќините. За исполнување на мечтите на сопствениците и за декорирање, урива ѕидови и крева нови за да се разубави семејното гнездо. Ѕидната гипсена декорација од Кнауф и од другите фирми за ентериери, со мајсторската рака се претвора во визуелно уживање и ефикасно искористување на просторот. Со спуштањето на таваните, ем се постигнува подобра топлотна изолација, ем се сокрива водоводната, канализационата, електричната или некоја друга инсталација, а просторот зрачи од естетика. Гипс картонот овозможува и звучна изолација. За заштеда на енергија и за потопол дом со помали давачки за греење во зимските денови, изведува термофасади со моќна енергетска ефикасност. За Цересит фасадите гарантира 15 години експлоатибилност. Заштитата од влага ја сузбива со хидроизолација.  Да нема нем и мувла во домот, да се минува денот во здрав животен простор, ја заробува влагата и не дозволува повторно да избие.

Марифетите на занаетот, дополнети со квалитетниот материјал и почитувањето на договорените рокови, се гаранција за создавање на дом од соништата.

– Бум се термофасадите и гипс картонот, оти се намалуваат трошоците за греење. Декорацијата се постигнува со спуштањето на таваните и ѕидовите во комбинации со соодветно осветлување на лед ленти, ѕвездено небо и изведувањето на разни дизајнерски решенија. Така таваните и вертикалите често се пресудни за преземање на зафат за реновирање или преуредување на новиот простор. Кога естетиката е во прашање, можностите се безгранични. Изведуваме рамни, заоблени, брановидни тавани, сводови,… или било која замисла на клиентот можеме да ја спроведеме на дело. Младите брачни двојки особено се интересираат и бараат видени по интернет инвентивни модерни решенија за дома – додава Јосифоски.

Тој е сé во едно. И стопан, и административец и работник и дизајнер. Посетува семинари и обуки, за да биде во тек во браншата која нонстоп има нешто ново.

– Понапорно е со обврските за администрација, а од друга страна се работи на терен, да пазариш материјали, да се консултираш со сметководството… Со добра организација се постигнува сé. Се трудам повеќе и успевам. За прогрес во бизнисот е нужна соработка со еснафот. Сам никој не може. Со добар квалитет можеш да се пробиваш, а некогаш и со цена да бидеш конкурентен. Засега сум задоволен, а муштериите се воодушевени – констатира младиот Јосифоски.

Им  излегува во пресрет на муштериите со идеи, ги почитува роковите со квалитет да не ги разочара и да привлече нови инвеститори. И трајноста е значаен фактор, зашто интервенциите треба да се користат и просторот да е во кондиција дваесетина години. 

Лани работеле за Жалфија, дотерувал приватни домови и деловни простории на фирми. Ги “освоил” семејствата на околните села и фатил уредување во Кавадарци и Битола.

Плановите ги насочува кон проширување низ осовременување на технологијата. Низ главата му се врти апликација на 3Д фолија по ѕидовите за огледало ефект. Се надева дека и сопругата ќе ја активира во набавките. 

Loading