ПОВЕЌЕ ПЛАЦЕВИ ЗА БИЗНИС ВО ЗОНАТА СЛАВЕЈ

Кривогаштани      

– Вложуваат домашни и странски претприемачи за ублажување на невработеноста

Selo kako grad - KrivogastaniСе проширува индустриската зона Славеј кај Кривогаштани од шест на 13 хектари, поради растот на интересот за вложувања на домашни и странски инвеститори.

– Се подготвува урбанистичката документација за нови седум хектари земјиште за идните вложувачи – истакна градоначалникот Тони Заткоски.

Досега две домашни компании купиле 11 парцели. На три, фирмата Кривогаштани промет го развива откупот и преработката на земјоделски производи. Претпријатието Стефан купи осум парцели за градба на капацитет за преработка на замрзнат зеленчук. Градежните работи се очекува да почнат со подобрување на временските прилики.

Во тек се уште две инвестиции.

– Едната е браунфилд на Цветко Петрески, иселеник во Америка, кој го купи старото училиште во селото Славеј за да отвори фабрика за конзервиран зеленчук и овошје. Инвестицијата е милион долари. Втората е кај селото Врбјани на фирмата Чико лукс. За 200 илајди евра и за 20 до 50 работници се гради погон за кори и други тестенини – објаснува Заткоски.

Заврши огласот на Министерството за земјоделство за концесионирање на 550 хектари земјиште кај селото Славеј. Инвеститор од Турција се токми на земјиштето да произведува пченка и масло од пченка. Втор инвеститор од Дубаи мерка земја за градба на голема добиточна фарма и кланица.

Инвестициите во голема мера ќе го амортизираат отежнатиот пласман на пиперките и ќе го поттикнат производството.

Село со градска физиономија

Во општината Кривогаштани, од рурална да прерасне во атрактивна урбана средина, се градат четири нови улици со тротоари за 250 илјади евра од Агенцијата за рурален развој. Три улици се во Кривогаштани, а една во селото Славеј. Потпишан е договорот за градба уште на три нови улици, долги 2,5 километри, со кредит од 200 илјади евра од Светската банка. Ќе се асфалтираат улици по современи стандарди од селата Воѓани до Бела Црква и од Обршани до Бела Црква. Третата улица е во Кривогаштани.

Регулацијата на сообраќајот годинава ќе се одвива преку кружен тек до плоштадот. Ќе се асфалтираат и ќе се уредуваат тротоарите и улицата кон селото Подвис и до градинката.

Општината вложува 500 илјади денари за нов покрив и комплетна санација на објектот на пожарникарите и на клубот на пензионерите.

Вложувањата во инфраструктурата ќе го подобрат квалитетот на животот.

Loading