Се случуваат понекогаш некои работи за кои човек неможе да го најде вистинскиот збор, вистинската квалификација. Дали тие се случуваат од невнимание, дали од неодговорност или пак од нешто трето. За да дојдеме до темата ќе мораме да направиме едно претходно објаснување.
Извесна пациентка од САД имала потреба од трансплантирање на матични клетки. Тешко било да се пронајде донатор. Најпосле, се констатирало дека таков компатибилен дарител може да биде единствено еден Македонец од Скопје. Човекот го прифаќа тоа безрезервно и се чувствува среќен што ќе може да ѝ го спаси животот на односната госпоѓа од САД, која дури и не ја познава. Благородно и големо дело. Браво! Тоа веднаш станува тема и во нашите медиуми. И во електронските и во печатните. Слушаме и читаме пофалби од сите страни. Човекот и го заслужува тоа. Среќаваме опширен напис во еден наш дневен весник. Но, како што споменавме, и со најмало невнимание или неодговорност може да се добие обратен ефект. Јасно е дека со споменатата статија во весникот, благородниот дарител треба да биде пофален, но… Еве го насловот на таа статија: “Важно ми е само со моите матични клетки да се спаси пациентката од САД“. Зар не е јасно дека со овај наслов наместо пофалба, на човекот му се накалемуваат особини на егоизам. Ајде, да го проанализираме односниот наслов. Како е напишано и што би значело тоа ? – “Важно ми е само со моите матични клетки да се спаси пациентката од САД“. Од ова произлегува, дека на човекот му било важно пациентката да се спаси само со НЕГОВИТЕ МАТИЧНИ КЛЕТКИ. Значи, САМО СО НЕГОВИТЕ, а не и со некој други. Излегува дека тој сака некое себеистакнување, некоја желба само тој да биде херојот што ќе спаси човечки живот. А случајов воопшто не е таков. Овој благороден човек и не помислува да се фали со своето дело и да биде само тој што ќе сака да помогне. Неговиот гест заслужува длабок поклон. Веруваме дека и од редакцијата на весникот сакале да го потврдат тоа. Но, ете, насловот од статијата укажува на нешто друго. Ако се внимавало проблемот можел да се реши само со додавање на заменката ТОА и со запирка по неа. Во тој случај насловот би гласел: “Важно ми е САМО ТОА, со моите матични клетки да се спаси пациентката од САД“. Овде е веќе сосема јасна желбата на дарителот, нели? Во прашање е нијанса, но токму на таков начин се менува смислата на реченицата. Редакцијата на весникот би можела и да се извини за ваквиот конфузен наслов, (веруваме ненамерен пропуст), Но, најверојатно, тоа ќе поминe така, незабележано, како што поминуваат многу други работи.
Парламентот! Ух! Што сé нé сме чуле и таму. Таму смеело да се зборува, да се навредува, да се клевети, а никој да не одговара. Ако се изречеле такви зборови надвор од Собранието, човекот што го направил тоа, може да биде и тужен. Но во Собранието смеело да се каже сé. Тоа ги надминува нашите сознанија за правните законитости. Но знаеме со сигурност дека во нашето Собрание треба да се зборува на македонски јазик. А што сé нé сме чуле! Не само српски зборови, туку и цели реченици, па и пошироки изрази. Пред извесно време го слушнавме најгрозниот израз што воопшто сме го чуле на собраниска заедница. Зборува пратеникот! Напаѓа! Тоа е во ред. Секој смее да напаѓа или да брани, според своето разбирање. Односниот пратеник, зазбивтан, без никакви кочници, зборува, напаѓа. Се заканува на претставник од спротивниот табор. Во таа неконтролирана егзалтираност, за да биде поуверлив одбира српски изрази и му ги упатува на противникот: “Другови, долази време ќорке“. На нашиов избраник не му бил доволен нашиот Речник со повеќе од 60.000 заглавни зборови, не успеал да најде израз што ќе биде доволен за неговата сурова, па и примитивна желба за навреда. Не можел да најде израз што ќе го исполни со радост за глупоста што ја изрекол. А барем за такви зборови не сме сиромашни.
Еве, не сме сиромашни и за такви луѓе, како нашиов избраник.
![]()

