ПОП СО АНТЕРИЈА

ivce1Подолго време игрената продукција на нашиве телевизии ја нема. Исклучок прават народните приказни. Нив ги има често. Добро, ете и тоа е потребно. Луѓето ги гледаат. Јазичните грешки – како и насекаде. Пред некој ден слушнавме ваква реченица: “Си биле двајца млади, се сакале се сакале и се земале”. Ете, и македонските народни приказни како да се претвораат во скопски народни приказни. Се сакале и СЕ ЗЕМАЛЕ. А колку време се земале? Наместо да рече дека СЕ ЗЕЛЕ, тие по скопски – СЕ ЗЕМАЛЕ.

Во друга приказна, едно момче и дава чевли на една сиромашна девојка и ѝ вели: “Ајде облечи ги”. Како тоа? Па чевлите не се облека, туку се обувки. Чевлите се обуваат а не се облекуваат.

Сега, за една друга грешка. Поголема. Во една приказна, се појавува млад човек со попска облека, со мантија. Партнерот му вели: “Убаво ти стои антеријава”. Потоа, зборот антерија (за попската облека) се повторува повеќепати. Сметаме дека грешката е голема. Поп не може да носи антерија. Го споделуваме мислењето со некои од присутните. Некој вели дека тоа не е грешка. Имало и некаква пословица. Кога имало натрупано многу предмети, кога имало голем неред, се велело: “Недостасува уште попот со антеријата”. Се сеќаваме на тоа, но колку што нé држи помнењето, се велеше дека недостасува попот со шапката, а не со антеријата. И така, се појавија поделени мислења. Тоа нé натера да обрнеме посериозно внимание на оваа, според нас, голема грешка. Уверени сме дека поп (православен свештеник) никогаш не носел и не би носел антерија. И што ни останува сега? Што можеме да правиме за да го најдеме точното, односно, да го потврдиме своето мислење? Почнуваме да пребаруваме во речниците. Прво бараме во Тритомниот речник. Таму се регистрирани двата збора, и АНТЕРИЈА и МАНТИЈА, но без никакво објаснување. Едноставно, ни се кажува само тоа дека и двата збора ги има во нашиот јазик. Одиме понатаму. Бараме во Речникот на Зозе Мургоски. Зборот АНТЕРИЈА таму не е одбележан. Штета. А токму тој повеќе нé интересира. А именката МАНТИЈА е регистрирана, со објаснување дека тоа е попска или калуѓерска долга наметка со широки ракави. Точно е тоа. Попот носи мантија, а не антерија. Но одиме понатаму. Треба да ја најдеме именката АНТЕРИЈА. Таа облека е останата од турско време. Ја носеа и оние кои не се Турци, но никако не поповите. Одиме понатаму. Мораме да потврдиме дека попот не може да носи антерија. Како што се зборува во приказната.

Еве едно интересно толкување. Бараме во Речникот на странски зборови и изрази од Јанаки Стрезов. Стрезов е роден во 1818 година во Охрид, а умрел во 1903 година во Софија. Овој негов Речник за првпат е издаден во 2014 година. За антеријата тој пишува вака: “Антериа, тур.: дреха којато се носит обикновено од турските Евреи, долга како дрехите на Кавказците”. За мантијата пишува: “Мандиа, гр.: горна долга дреха за владика”. Општо познато е, а еве и кај него, објаснето е дека зборот МАНТИЈА има грчко потекло.

Продолжуваме. Го земаме напомош и д-р. Братољуб Клаиќ и неговиот – Речник страних ријечи и кратица, издаден во 1951 година во Загреб. Таму е одбележано: “Антерија, тур. дел од народна облека кај муслиманите. Мантија: Широка, долга свештеничка наметка”. Можеби толкувањата на Клаиќ се најпрецизни. Слично е објаснувањето и во новиот Толковен речник: Старинска долга облека, долга до потколена или куса до појас (приведена е и една реченица “Беше облечен во антерија на риги и модри шалвари”).

Изнесовме доволно аргументи. Православен свештеник во никаков случај не може да биде облечен во антерија. Видовме, антеријата може да биде и во разни бои и на риги и долга и куса до појас. А се знае, свештеничката, попска облека е секогаш црна и долга.

Режисерот, лекторот, актерите и сите кои учествуваат во подготовката на приказната, треба да се однесуваат поодговорно. Вакви грешки не треба и не смеат да се допуштаат!

Loading