ЗА КУЛТУРАТА, 13 МИЛИОНИ ДЕНАРИ

Од општинскиот буџет

Околу 13 милиони денари оддели општината од буџетот за поддршка на културните манифестации за годинава. Според Снежана Ристеска, советник за култура, станува збор за настаните кои го негуваат културното наследство и традицијата.

– Пари има за меѓународниот карневал Прочка, Пиво фестивалот и Џез викендот, во делот на музичката програма, театарскиот фестивал Војдан Чернодрински, Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“, Деновите на Крали Марко, Мариовско-мегленските средби. Во програмата, културни манифестации и творештво, предвидено е финансиски да се следат одбележувањата на значајни личности и празници, како 11 Октомври, Трети Ноември, Св. Никола, дочекот на Нова Година, Водици и други настани од историјата и личностите кои се од значење за градот и земјава – вели Ристеска.

Планирана е поддршка на развојот на атрактивниот туризам, што е значаен за промоција на потенцијалите на градот. Тука се Крали Марко болдер фест, Велосипедска тура Мариово, Ултра маратонот „По стапките на Крали Марко“, Европското првенство во параглајдинг и други рекреативни настани.

Од развојната програма КА предвидени се дополнителни средства за изградба на споменици, од кои годинава ќе се постави спомен-обележје за жртвите од битката на ножот и за Мирче Ацев.

Loading