ПОЛНО ЌЕСЕ ЗА ПРЕТСТАВИ, ИЗЛОЖБИ…

Културните институции во 2016 година

Pretstoi raskosna kulturna godinaКултурните институции годинава ќе имаат побогата понуда. Тоа е генералниот поглед на прифатените проекти на Министерството за култура. Во ЦК „Марко Цепенков“ изразуваат задоволството што Министерството визирало околу 30-40 проценти повеќе проекти во споредба со лани.

– Ќе продолжи печатењето на два броја на списанието за литература, уметност и култура Стремеж. Ќе бидат следени четири претстави на театарот и тоа „Обѕрни се во гневот“ од Џон Озборн во режија на Кристина Димитрова, „Фигурае Венерис Хисториае“ од Горан Стефановски во режија на Наташа Поплавска, „Хамлет во село Долна Мрдуша, општина Блатуша“ од Иво Брешан во режија на Кирил Петрески и „Во сенката на ветрот“ од Пол Емон под режисерската палка на Југослав Кочоски. Државата ќе даде пари за меѓународна театарска промоција на културата за претставата „Кирил и Методиј, Who Are You“ на фестивал во Париз. Од музичко сценската дејност,  посебен третман добиваат осум проекти, концерти, меѓу кои и гостувањето на  Македонската филхармонија со детскиот симфониски концерт „Петре и волкот“. Поддршка има за Балканскиот изворен фолклор и за октетот Прилеп и КУД Моминок. Државни пари ќе се слеат за 33 ликовни презентации и манифестации – информира Тони Чатлески, директорот на ЦК „Марко Цепенков“, потенцирајќи дека дел од настаните ќе се реализираат со сопствени средства.

И Завод и Музеј изведува обемна програма во музејската дејност, но и во заштитата на културното наследство.

– Ќе се реализира проектот „Училиштата во музеите или музеите во училиштата“, проектот – Лапидариум, Етнолошко етнографската поставка и санација на депото на институцијата… Првпат има средства за истражување на локалитетите Сурун кај селото Дупјачани и на Попов нос. Ќе се санираат и реконструираат конаците на Трескавец. Паралелно ќе се работат проектите за конзервација на црквата и трпезаријата на манастирскиот комплекс, потоа на проекти за валоризации и ревалоризации на објекти, за ограден ѕид на манастирот Зрзе, неколку реконструкции на фасади на куќи и заштитно конзерваторски основи – вели директорката Гордана Д. Спироска.

Институтот за старословенска култура ќе ја издаде книгата од група автори, “Археолошкиот локалитет Висока меѓу небото и земјата”. Пари ќе има и за проектот “Иванка – Иванденски празнувања во Ресен” и за истражувања на локалитетот Кале Стрезов Град, селото Человец и на Дрма Бадер во селото Бадер.

Министерството за култура продолжува со поддршка на МТФ „Војдан Чернодрински“, Фестивалот „Пеце Атанасоски“, манифестациите Денови на македонска носија и Етно маски во Кривогаштани, карневалот Прочка, Мариовско – мегленските културни средби. Списанието „Врв“ ќе добие средства за книгата  „Врзопче светлина“ од Панде Ристеска, здружението Зодијак за проектот „0 = 1 никој и ништо е нешто“. АРТ продукција ќе се следи за детскиот хор „Мали ангели“, а ФА „Мирче Ацев“ од Тополчани за јубилејниот концерт за 40 годишнината. И центарот „Визант“ доби поддршка. Изложбата „Орнаментот како можен пејзажен знак“ на уметникот Атанас Атанасоски ќе добие средства за патување во македонскиот културен центар во Њујорк, а Софија Грабулоска ќе се претстави во Прима центарот во Берлин. 

Loading