ДОБРО Е ШТО УПРАВАТА СЕ БОРИ

Ракомет: Горан Шаренац, лев бек на Прилеп

– Многу сум задоволен како помина полусезоната – вели Босанецот

Ubavo mi e vo Prilep - Goran SarenacЕсеноска екипата на Прилеп стигна до второто место од табелата на ракометната Супер лига. Успехот кажува дека во овој период имаше повеќемина истакнати поединци, меѓу нив бекот Горан Шаренац. Тој е најдобриот клупски голгетер со 72 гола, со кои е меѓу петтемина најдобри во Лигата. Немаше дуел да не се запиши во листата на стрелците. Во тој ритам издржа 14 меча, од почетокот до крајот.

– На четири кола пред крајот на основниот дел, го осигуравме плеј-офот. Го постигнавме саканиот резултат. Многу сум задоволен како помина полусезоната – вели Шаренац.

Тешко е да се издвои најдобрата партија, оти ги имаше повеќе. Совладани беа, по еднаш Радовиш и Борец, по двапати Пелистер, Металург 2, Пролет и Вардар јуниор. Ако се погледне статистиката, на два дуели, против Пролет дома и со Вардар јуниор во Скопје, Босанецот имаше најголема ефикасност. Тогаш беше расположен и незадржлив. По осумпати ги тресеше противничките мрежи.

– Имавме добри натпревари. Можам да го издвојам дуелот со Вардар јуниор. Сепак, ракометот е екипен спорт и сите се заслужни. Мило ми е што дадов придонес – додава голгетерот.

Ракометарот кој немал идол, но уживал да ги гледа мајсториите на Ивано Балиќ, во дресот на Прилеп ја имаше улогата на разбивач на противничката одбрана. Кога тргнува офанзивно, од него се очекува правовремено и точно проигрување кон соиграч во поволна позиција или пак шут. Во мешаницата дел од секундата е важна да не се згреши, оти речиси секоја грешка се наплаќа со противнапад и примен гол. За среќа, есеноска имаше воиграни акции и настрадаа противничките голмани.

– Шутот е природен и спонтан. Како што се одвива акцијата и играта, ја донесувам одлуката каде и како да го упатам ударот – појаснува бекот.

РК Прилеп е единствениот клуб во градов со странци. Тие можат да го споредат нивото на организација со средината од каде доаѓаат и нивната оценка е важна. Интересно е и како гледаат на градов, кој сака да се претстави во најдобро светло. 

– Добро е тоа што управата на клубот се бори да ги обезбеди потребните средства. Затоа добро се тренира. Градот многу ми се допадна. Луѓето се љубезни, убаво нé прифатија – заврши Шаренац.

Можни се мали измени

Во РК Прилеп не ја исклучуваат можноста за евентуални мали измени во играчкиот кадар. Зависи од тоа дали ќе се оствари најавата некој да замине. Доколку тоа се случи сигурно дека ќе се доведат адекватни замени. Многу појасно околу ова прашање ќе биде в понеделник. Тој ден, во 18:45 часот, во салата на СОУ “Ристе Ристески – Ричко” ќе се случат првата прозивка и тренингот. Ракометната федерација одлучи стартот на пролетниот дел да биде во март. Според тоа, има доволно време за добри подготовки под водство на Томче Петрески.

Loading