ПОБЕДА ИМА 20000 МЕНАЏЕРИ

Фудбал: Гоце Ингилизов, претседател на фудбалскиот бренд

– Барем половина да ги доведеме на стадион е голем успех

Stariot i noviot pretsedatel so trenerite i   fudbaleriteДоктор Гоце Ингилизов е новиот претседател на Победа, наследник на Горан Хаџи – Ристески. Јавноста нема многу трпение, сака сé да дознае. Во нејзин интерес, со придржување кон транспарентноста, првиот човек на најголемиот прилепски спортски бренд веднаш прифати да ги изнесе своите видувања.

Што за Вас претставува Победа?

– Победа е еден од малкуте спортски колективи во земјава, кои оставиле трага во историјата на спортот. Има многу позитивни моменти кои ги радувале не само прилепчаните, туку и сите Македонци. За атмосферата на натпреварите со Перуџа и Парма уште се зборува со восхит. Таква атмосфера не сум доживеал на многу поважни настани, на поголеми стадиони.

Кои се предизвиците во водењето на клубот?

– Предизвик е самата можност да се организира и раководи овој клуб и да се води кон победи и просперитет. Меѓутоа, предизвик ќе бидат и сите проблеми, но и тие во иднина кои ќе излегуваат. Што се однесува до пласманот, екипата е на неколку бода до првото место, но исто толку ја делат од зоната за отпаѓање. Лигата е израмнета, тоа се виде есеноска и нијанси ќе решаваат во остатокот од првенството.

Првите потези на управата?

– Многу е важно што остануваат сите договорени спонзори. Најавувам приклучување уште на неколку да бидеме финансиски постабилни. Има долгови кои ќе ги сервисираме брзо.

Засилувања?

– Со стручниот штаб разгледуваме неколку во сите линии. Ќе доведеме играчи кои ќе го кренат нивото на екипата. Победа е клуб кој ќе го направиме да стане гордост на прилепчаните. Мораме сите заедно да сфатиме дека публиката и навивачите постојат за клубот и дека секој треба да придонесе за резултатите. Во Прилеп има 20000 “менаџери” кои ја знаат тактиката подобро од тренерот. Голем успех сме направиле ако барем половина ги донесеме на стадион.

Може ли пролетта да биде подобра од есента?

– Очекувањата се големи. Победа е од најфудбалскиот град и нормално е да се стремиме кон првата лига. Играчите се тие кои победуваат. Од нив зависи дали ќе бидеме први на табелата. Ќе се потрудиме да обезбедиме услови да дадат 100 отсто од можностите.

Кои големи фирми?

Јасно е дека со новиот претседател доаѓаат и нови спонзори. Нема да се објават имињата додека не се договорат деталите. Дотогаш се шпекулира низ чаршијата. Се споменуваат гигантите од градов, но и отстрана. Некои се убедени дека Трифун Костовски со Кометал има шанси да се приклучи. Летоска го помагал велешки Борец.

Манчевски останува

Прозивката е на 10 јануари, зимскиот рок стартува пет дена подоцна, но некои работи околу играчкиот кадар на Победа порано се разјаснуваат. Од клубот потврдуваат дека сите голмани остануваат, почнувајќи од засилувањето Ванче Манчевски. Напролет ќе се смета на Ѓорѓи Јованоски и Даниел Котевски. Се очекува задржување на сите други истакнати првотимци.

Loading