НЕУСЕТНИ ГРЕШКИ

ivce1Се прават некои грешки кои, некако, минуваат неусетно. Неусетни и за тој што ги прави и за тој што ги слуша. Ќе набележиме неколку такви случаи.

На некоја од нашиве телевизии постои емисија што ја водат двајца, младо момче и исто така младо девојче. Шетаат тие во разни предели или интересни места и ни ги објаснуваат карактеристиките на тие места. Овојпат беа во некој лозарски крај во Тиквешијата. Зборуваат за лозјата, за лозарите, за производството на грозје. Момчето држи во рацете прскалка (пумпа) со која се прскаат лозјата и овошките. Зборува брзо, динамично и вели: “Со оваа прскалка се прскаат лозјата за да се заштитат од пестициди”. Зборува, објаснува и воопшто не помислува дека прави грешка. Лозјата да се заштителе од пестициди. Па нели лозјата се прскаат со пестициди за да се заштитат од разни штетници и болести?! Ама ете, момчето развива нова теорија и вели дека лозјата се прскале за да се заштитат од пестициди. Најверојатно тоа не е свесно за грешката а и на голем дел од слушателите им поминува тоа така, незабележано.

Во една друга емисија се разговара за проблемите во судството. Во центарот на вниманието – госпоѓа со големо искуство во таквата област. Образложувајќи таа за некои проблеми кои се јавуваат таму, во еден момент вели: “Зависи во кој смер ќе се насочи судството”. Каде е грешката? Зборовите СМЕР и НАСОКА имаат сосема исто значење. Но зборот СМЕР е српски а зборот НАСОКА е македонски. Зошто ја прави госпоѓата оваа грешка? Мошне често слушаме и други луѓе кои ги мешаат овие зборови. Мнозина велат СМЕР наместо НАСОКА. Госпоѓата ги употребува двата. Ами, ако станува збор за тоа каде ќе се НАСОЧИ судството, самото тоа ни кажува дека ќе тргне во таа НАСОКА а не во тој СМЕР. И во овој случај, веруваме дека госпоѓата не е свесна за нелогичноста. На слушателите исто така (на поголем број) им минува тоа , онака,  покрај уши.

Друг случај! Новинарката зборува за хаосот во сообраќајот. Зборува за разни случаи. За разни сообраќајни несреќи, за тоа колку жртви имало во оваа година. Во еден момент таа констатира дека најголем број жртви во сообраќајни несреќи биле точаците и велосипедистите. Еве ја пак грешката. Велосипедистите возат ВЕЛОСИПЕДИ а не ТОЧАЦИ. Таа сака да каже дека велосипедите како превозно средство најмногу се оштетуваат при сообраќајните несреќи а на таква опасност се изложени и велосипедистите. Но, зошто употребува ТОЧАЦИ и ВЕЛОСИПЕДИ? Именката ТОЧАК не треба да се користи. ВЕЛОСИПЕДИ се тоа, а тие што ги управуваат се ВЕЛОСИПЕДИСТИ.

Читаме репертоар на театарот. На крајот пишува дека влезници се продавале во билетарницата. Штом се продаваат во билетарницата тогаш тоа се билети. И така треба да се викаат – БИЛЕТИ, ВЛЕЗНИ БИЛЕТИ. ВЛЕЗНИЦА е непотребен превод од српското УЛАЗНИЦА. Несмасноста е во тоа што се вели дека ВЛЕЗНИЦИ се продаваат во БИЛЕТАРНИЦАТА. Па, како што се продаваат слатки во слаткарницата, брашно во брашнарницата, килими во килимарницата, така и во БИЛЕТАРНИЦА се продаваат БИЛЕТИ.

Слушнавме и вакво нешто. Некој човек бил нападнат и убиен од бик. Новинарката вели дека тоа се случило додека човекот ги напасувал своите говеда.

Сме слушале и за тоа дека сточниот фонд (овчарството) бил намален бидејќи немало овчари. Никој не сакал да биде овчар и затоа немало кој да го напасува стадото. Чудно е зошто глаголот ПАСЕ се употребува во свршен вид – Говедарот ги НАПАСУВАЛ говедата а немало кој да ги НАПАСУВА овците. Говедарот ги ПАСЕЛ ( не ги напасувал) говедата а овците немало кој да ги ПАСЕ (не да ги напасува). Нели и песната вели: “Стар бел дедо овци пасе, горе на Пирина”. Никогаш не се знае дали говедата или овците се напасени. Говедарот и овчарот ги пасат а дали ќе бидат напасени не знаеме. Затоа треба да се употребува несвршената форма – ПАСЕ а не НАПАСУВА.

Loading