НОВА ЕРА НА ПРИЛЕП

Очи во очи со градоначалникот Марјан Ристески

Што направи локалната власт во 2015 година за подобрување на  економската и социјалната положба на граѓаните за намалување на невработеноста и подобрување на условите за стопанисување? Влегоа неколку странски инвестиции…

risteskiГлавното залагање на локалната самоуправа и на Владата беше комплетно уредување на индустриските зони и привлекување на домашни и странски инвестиции. ТИРЗ кај Алинци доби комплетна инфраструктура, водоводна мрежа, електрична инсталација, оптички кабли, асфалтирани улици… Се гради комплекс на мултинационалната компанија Гентерм. Инвестицијата е повеќе од 20 милиони евра да се вработат повеќе од 2000 невработени од Прилеп и околината. Гентерм почна со 2000 м2, а планира да се распространи на 25 илјади м2, за производство на грејачи за автомобилската индустрија. Индиректно ќе се активираат многу локални фирми, како превозни, обезбедување, кетеринг служби… Инвестицијата ќе го размрда стопанството и ќе го подобри локалниот економски развој. Очекувам уште 300-400 нови вработувања со отворањето на Гентерм. Интересот не стивнува. Премиерот најави дека се во тек преговорите уште за една компанија од автомобилската индустрија, заинтересирана за вложување во ТИРЗ. Станува збор за Акумпласт. Можеби е помала, но ќе овозможи егзистенција за 300-400 фамилии. Градбата е предвидена идната година со план за проширување и зголемување на капацитетите. И други компании се интересираат за инвестирање, зашто има многу плацеви. Сигурен сум дека зоната, за 5 до 10 години, ќе биде целосно исполнета со мултинационални компании со илјадници работни места од пелагонискиот регион.

Локалната власт понуди неколку економски зони за развој на домашните фирми. Има ли интерес за проширување на производствените погони?

Локалната власт прави напори за изградба на индустриските зони, предвидени во генералниот и деталните урбанистички планови. Комплетно се уредува индустриската зона Прилеп 1. Се продадоа многу плацеви и се појави потребата за изградба на инфраструктура, која обврска ја презеде локалната самоуправа. Изгради водоводна мрежа, електрична инсталација, асфалтира патишта, направи сé што е потребно за функционирање на индустриските капацитети. Досега локалната власт вложи близу милион евра за оспособување на економската зона со 20 парцели. Некои домашни компании купија и по две парцели на јавното наддавање. Зоната е веќе продадена. Веќе градат фирмите Дониа, Депилиор, Годам, Тритекс, Марфил… И други инвеститори кои купиле плацови веќе имаа изготвено проекти и се подготвени да градат. Се очекува да има од 10 до 12 компании и ангажман на 1500-2000 невработени. Поради успешно завршниот проект, влезот во градот на потегот од Лук Оил до Солидност, добивме нов грант од Светската банка од 130 илјади евра, кои наменски се насочија за финансирање на изградба на инфраструктурата во зоната. Избран е изведувач и продолжуваат активностите за уредување. Даваме приоритет на економијата и отворањето на нови работни места, поттикнувајќи ги домашните инвеститори. Се работи и на зоната Прилеп 2, со 15 локации. Анализите покажаа дека малите и средните претпријатија имаат интерес да ги прошират капацитетите. За кусо време ќе биде распродадена и ќе почне инфраструктурното уредување. Очекуваме работен ангажман на  околу 1000 лица. Се работи на економската зона Прилеп 3. Таа ќе се отвори откако ќе заврши уредувањето на двете,  Прилеп 1 и Прилеп 2. Постои перспектива многу компании да инвестираат и отворање на нови работни места.

Тутунот и Прилеп се поврзани преку тутунопроизводителите и Тутунскиот комбинат. Стратегиското партнертво на Комбинатот со интернационалната компанија Филип Морис го “разбуди“ стопанскиот “загубар“ и му даде можност да се крени на нозе?

Влегувањето на Филип Морис во Тутунскиот комбинат значи голема стабилност не само за вработените, туку и за градот и околината, за тутнопроизводителите. Се направи одличен социјален пакет при што над 500 луѓе доброволно заминаа. Со воведувањето на новата технологија почна производството на реномираните цигари Марлборо, со што значително се подобрува економската состојба на комбинатот. Тоа влева надеж загубарот да премине во профитабилна компанија. Со Комбинатот се поврзани кооперантите, тутунопроизводителите, кои годинава ги зедоа субвенциите. Меѓу нив владее задоволство од откупот на тутунот, поради високите цени. Тоа е од интерес за градот, бидејќи милиони евра се слеваат во нашиот крај преку тутунот и субвенциите.

За инвеститорите важна е инфраструктурата – градската, патната, канализациите и водоводите, па и парковите?

Плетвар е рак рана на целиот регион. Тендерите се завршени и брзо ќе почне градбата на експресниот пат и доградба на третата лента, со што ќе се зголеми сигурноста и безбедноста во сообраќајот. Ќе се зголеми и конкурентноста на регионот во привлекување на домашни и странски вложувачи. Потенцијалните инвеститори се интересираат за доградбата на патниот правец Плетвар. За година ипол ќе има нов безбеден и инвестициски атрактивен патен правец. Важна е целата патна инфраструктура во градот и селата, локалните и регионалните патишта. Затоа постојано градиме, доградуваме. Прилеп е рекордер во патната инфраструктура со преку 200 км., нови патишта во општината. Последен е до манастирот Св. Петка во Лениште, па до викенд населбата Маркова чешма, почна за Волково, ќе се гради за манастирот Прилепец. Има проекти за Полчиште, Бешиште, Крстец, поврзување на Бонче со Подмол… Имаме проекти и постојано аплицираме. Порано, скоро и да не постоеше асфалтиран пат до село, а сега скоро и не постои „живо“ село без асфалт. Интенција е целата територија на општината, секое населено место да се покрие со асфалтни патишта. Се обидуваме селата да добијат и чиста вода за пиење и да изградиме канализациона мрежа. Канализации се изградени во местата со над 1000 жители, како Канатларци, Мало и Големо Коњари. Се прават проектите за селата со помалку жители. Ќе бидам презадоволен доколку во третиот мандат барем пет населени места добијат канализации, бидејќи канализациската мрежа со пречистителна станица чини над половина милион евра. Тоа се скапи инвестиции, но корисни за подобрување на условите на живеење. Водоводните мрежи веќе се поставени речиси во секое село. Се прават напори за Лопатица, Кадино село… Не се запоставува и градската патна инфраструктура. Претстојат доста инвестиции за асфалтирање на многу улици на периферијата, да се направат канализациони мрежи, на многу места е поставено ново улично осветлување. Прилеп е најосветлен град и тоа со економични светилки. Продолжува градбата на тротоари. В година тротоари ќе се градат на ул. ,,Трајко Николоски“, „А. Македонски“, на дел од ,,Димо Наредникот“ до Сточниот пазар, на ул. „Борка Талески“, ,,Ленин“ и на други пофреквентни улици со пешаци. Продолжуваме со кружми текови на крстосниците, кои се покажаа како подобра опција од семафорите за регулирање на сообраќајот. Се заврши кружниот тек кај крстосницата кај Солидност. После создавањето на прекрасниот влез кај Лук Оил, почнува градбата на авенија од кружниот тек кај училиштето „Гоце Делчев“, а после и до мостот Табаана. Се планира на мостот да се изгради кружен тек. Ќе се градат неколку пешачки мостови за поврзување на двете страни на реката. Парковите се украс на градот. Во 2015 година изградивме и урбано го уредивме паркот во Точила 2, до крајот на наредната година ќе се доизгредат и во Точила 3. Нови зелени површини ќе никнат и во Бончејца, Ѓогдерe, ново детско игралиште ќе има на Рид 1. Претстои градбата на музичкиот парк во Врбеско маало. Тендерот е завршен. Градот ќе добие нови катчиња, нови зелени површини за одмор и рекреација. А градскиот превоз е гордост. Почнавме со пет автобуси, а денес се десет. Има тендер за набавка на нови автобуси за комплетирање на линиите. Се планира поврзување на селата поблиску до градот, како за тополчанско, мариовско…

Реконструкцијата на водоводната мрежа и изградбата на пречистителната станица создаде раскопани улици и мало незадоволство. Што добива градов и пелагонискиот регион. Кога ќе се санираат улиците во градот?

Заврши успешно првата фаза, поставување на примарната канализација, долга 23 км. Пред две недели Владата потпиша договор со ЕУ за втората фаза. Претстои градба на нови 47 км. секундарна канализација во различни делови од градот. Тоа е поврзување на секундарната во примарната канализација. Паралелно, се гради пречистителната станица блиску до Кадино село. Целата отпадна вода ќе се слева во колекторски систем, а потоа ќе се прочистува. За хигиенско функционирање на градот во наредниот период ќе има многу копање и прекопување. Затоа некои улици уште не се асфалтирани. Би апелирал до граѓаните да покажат трпеливост. За година ипол Прилеп ќе има комплетна внатрешна и надворешна инфраструктура и ќе биде единствен град во Македонија со квалитетна канализациона мрежа за подобар квалитет на живеењето и најчиста река во Македонија.

Подобри услови за децата е иднина не само на градот. Грижата за идните генерации е во квалитетот и амбиентот за настава?

Најбитни се вложувањата во образованието. Инвестирани се преку 12 милиони евра во сите образовни институции, вклучувајќи ги основните средните и училишта во градов и во селата и и музичкото училиште… Изградивме нови спортски сали, терени за подобрување на физичкиот развој на учениците, се смени дограмата во многу училишта, фасадите, обновен е инвентарот, се уредуваа училниците, тоалетите… Нема образовна установа без нов изглед. Секоја година вложуваме преку милион евра во образованието. Од капиталните објекти значајно е поставувањето на парно греење во ООУ „Кире Гаврилоски – Јане“, нова дограма во ОУ ,,Блаже Конески“ и во ОУ „Кочо Рацин“, спортска сала во СОУ ,,Кузман Јосифоски –Питу“, во тек е градбата на спортска сала во ОУ ,,Добре Јованоски“… Ги знаеме приоритетите на секое училиште, и тоа прави проекти, а ние ги реализираме. Годинава се изградија нови училишта во Беровци, Галичани и Чепигово. Се реконструираа старите училишта во селата. Најпотребно е училиште во населбата Сточен пазар. Не успеавме, поради проблеми со земјиштето и се бара алтернатива. Проектот  се работи спрема државно земјиште за да не се одлеваат буџетски општински средства за експропријација, односно купување земја од приватните сопственици. Парите да се искоритат за градба само на училиштето. В година ќе бидеме сведоци на градба на современо  училиште за петолетка за децата од Сточен Пазар и Жабино маало. За таму, размислуваме и за градинка.  Вакви објекти недостасуваат во градот, иако велиме наталитетот се намалува. Поради ниската цена за дневен престој во државните градинки, интересот кај родителите е голем, а капацитетите недоволни. Анализите покажуваат дека недостигаат 200-300 места. Затоа ќе се уредуваат простории во работничкиот универзитет, кој делумно ќе прерасне во градинка за 60-70 деца. Со дел локални и дел државни пари ќе се реконструира и ќе биде отворена и старата градинка од Тутунскиот комбинат. Но, и граѓаните да размислат за приватни градинки или старски домови, со одредено субвенционирање понудено од Владата. Локалната самоуправа ќе помогне. Планираме да отвориме градинки и во Беровци, Канатларци и Коњари. Убеден сум дека до крајот на 2016 година ќе се зголеми капацитетот за 300 деца од предшколска возраст.

Во подем е алтернативниот туризам, забавно – културниот живот? Како се поттикнува спортот?

Приоритет е развојот на спортот, пред сé, психофизичкиот развој на младите. Збогатена е спортската инфраструктура. Комплетно е завршена салата во СОУ „Кузман Јосифоски – Питу“, се доградува салата во ОУ „Добре Јованоски“, направен е стадион со вештачка трева од 700 илјади евра. Заедно со ФФМ, УЕФА и општинскиот фудбалски сојуз се најави комплетна реконструкција на градскиот стадион. Милион евра ќе бидат вложени, а поголем дел се донација од УЕФА. Остатокот е од локалната самоуправа. Ќе бидат поставени нови рефлектори, нови седишта, покривање на одредени делови и реконструкција на трибините, на тревната површина и соблекувалните. Стадионот ќе биде во можност за одигрување на меѓународни натпревари. Се работи на фудбалско игралиште во Алинци. Се очекува реконструкција на фудбалските игралишта во Канатларци и Големо Коњари. Тревата од градскиот стадион ќе се постели на еден од постојаните стадиони во градот да се овозможат повеќе терени за тренинг и натпревари. Очекуваме градба на тениско игралиште во дворот на Гимназијата и мултинаменско игралиште во Канатларци. Ќе бидат изградени и реконструирани и други игралишта надвор и во дворните места на училиштата. Се изгради прекрасен скејт парк. Мотокрос патеката веќе ја надградуваме и планираме да се одвива европско или да аплицираме и за светско прственство. Тоа е дополнителна туристичка и спортска атракција. Болдерингот е влезен на голема врата. Посилен замав земаат маунтибајкот и велосипедизмот. И параглајдингот, со изградбата на платформата под Трескавец, се равива за европски и светски купови. Со јавно приватно партнерство се изгради балон сала во ОУ „Блаже Конески“. Со донација од Лозана, Швајцарија, се гради балон сала во ОУ „Гоце Делчев“. Прилеп е познат по фудбалот и ракометот. Должни сме заедно со бизнис секторот да инвестираме во Победа, кој е бренд на градот и ракометниот клуб Прилеп. На полето на културните манифестации градот се воздигна во еден од центрите на Балканот за развој на т.н. фестивалски културен туризам. Зашто најпосетени градови во светот се не само оние на море или метрополи, туку оние каде што се нудат културни содржини, споменици, имаат манифестации. Прилеп развиваше непозната гранка, а тоа е културниот туризам. Успеавме. После Скопје и Охрид имаме најмногу туристи поради Пивофестот, џез фестивалот, карневалот Прочка, Мариовско-мегленските средби, Театарските игри, богатото и долго културно лето, 11 Октомври, Свети Никола, како посебна туристичка актракција. Уредувањето на Старата чаршија, новите плоштади, фонтаните, парковите, новите споменици, културно-историските знаменитости кои се реконструираа се своевидна мамка за туристи. Се реконструираа и Могилата на непобедените, Участакот, Градскиот часовник… Се создадоа впечатливи содржини за привлекување на луѓето отстрана. Сето тоа е надополнето со хигиена и уредени паркови. Тука е и прилепската кујна и љубезните домаќини на рестораните.

Беа ли потребни нови спомен обележја?

Горд сум на спомениците, иако има многу луѓе кои викаат „зошто се споменици“. Мислам дека тие луѓе не ја ценат и почитуваат историјата и минатото на Прилеп. Спомениците се одраз на минатото и сегашноста на градот. Прилеп отсекогаш бил културен, политички, економски центар. Ние секогаш се гордееме со делата на одредени луѓе, како за Марко Цепенко. После многу децении се изгради споменик на последниот македонски крал кој живеел во Прилеп, на врвот од Марковите кули, по што Прилеп го знаат и како Марков град. Тоа е импозантниот споменик на Кралот Марко. Изградивме обележја, тргнувајќи од Карпалак, Прилепски бранители, Блаже Конески, Круме Кепески, Кузман Јосифоски – Питу, Ѓорче Петров, Пере Тошев, Пеце Атанасоски. Направиме споменик за легендата Итар Пејо. Нема да престанеме да ги негуваме и одбележуваме личностите кои потекнуваат од Прилеп, кои со нивните дела нѐ задолжиле и нас и идните генерации. Предвидено е да се кренат споменици на Методија Шаторов Шарло, на битката на Ножот, спомен обележје на Мирче Ацев и ќе се постават многу ѕвезди на заслужни прилепчани од областа на културата и литературата на патеката на славните.

На моето семејство и на сите семејства во општина Прилеп, им посакувам многу здравје, среќа, мир, благосостојба, меѓусебно почитување и заедно да направиме уште многу поуспешни проекти во наредната 2016 година.

Капела на старите гробишта

Лани се стави во употреба капелата на Новите гробишта и се задоволи една долгогодишна потреба на граѓаните. Со средства од Здружението за одржување на Старите гробишта и од локалната самоуправа, веќе и во Старите гробишта се гради уште една капела. За задоволување на духовните чувства на ромските муслимани во Тризла, забрзано се гради и џамија. Со тоа се потврдува вековниот хармоничен соживот.

Каква е понудата на станбен и деловен простор во Прилеп?

Со законот за градежно неизградено земјиште се продадоа повеќе локации за градба на колективни станбени објекти и деловен простор. Очекуваме да паѓа и цената за квадратен метар за станбен и деловен простор, со што ќе се раздвижи градежниот сектор. Во проектот Градина за индивидуални семејни куќи за млади брачни двојки се продадени преку 40 локации. Цената за квадрат е поволна и достигнува до 1,5 евра.  Во меѓувреме, заврши тендерот за инфраструктурата за оваа населба. На ова се надоврзува процесот на легализацијата на над 8 илјади објекти. Процесот забрзано напредува и особено е привлечен со продолжувањето на рокот за легализација на дивоградбите.

Влечат туристи манастирските бисери

Развиваме и манастирски туризам. Заврши тендерот за изградба на конаците на манастирот Трескавец. Владата ќе вложи околу милион ипол евра. Тука е изградбата на источниот конак во манастирот Св. Архангел Михаил. Достапен со асфалт стана и манастирот Зрзе. Одредени се средства за реконструкција на црквата Св. Никола од 13 век во селото Манастир во Мариово. Се изградија многу цркви за граѓаните. По 100 години, се освети црквата Св. Петка. Претстои осветување на црквите Св. Пантелејмон во болницата и Св. Наум Охридски кај салата Македонија. Околу ќе се градат мали плоштади, како и околу храмот Св. Петка во Точила. Се освети и црквата Св. Елена и Константин. Предвидени се уште три маалски цркви во Жабино маало и Сточен пазар за задоволување на духовните потреби. Другите се во Тризла и во Марино маало. 

Loading