“ЗАБЕЗЕКНАТ” БИЗНИСМЕН

ivce1Емисија на Радио Скопје. Новинарката разговара со познат бизнисмен. Пред извесно време, односниот бизнисмен се занимаваше и со политика. Сега имал намера пак да ѝ се врати на политиката. Со определен број истомисленици, ќе формирале некаков фронт, движење кое ќе служело како коректив на власта. Можеби, во иднина, движењето да прераснело и во политичка партија. Во излагањето на бизнисменот нагласен беше патриотизмот, македонштината, демократијата и, пред сé, ЧОВЕКОТ. Во најстрогиот центар – ЧОВЕКОТ. Македонскиот човек! Вели бизнисменот, дека се што се случува, се што се прави во Македонија, сé што излегува од Македонија треба да биде АВТЕНТИЧНО МАКЕДОНСКО. Се заинтересиравме да го слушаме. Нагласениот патриотизам и тоа дека се треба да биде АВТЕНТИЧНО МАКЕДОНСКО, нѝ го зголемија вниманието. Тој вели дека за ваквите нешта не треба да се трошат многу зборови, дека тоа треба да биде редовна практика. И еве, без да троши многу зборови, а сепак да биде во духот на македонската автентичност, бизнисменот вели: “Секој сувишен збор е превише”. СУВИШЕН и ПРЕВИШЕ! Еве, и ние ќе речеме дека не треба да се трошат отповеќе зборови да се објаснува колку е македонски автентичен овој израз.

Патриотизмот и македонштината и понатаму бликаат во излагањето. Имал желби, визии бизнисменот за некои состојби за подобро утре. Вели: “Јас постојано сањам”! Ете, САЊАЛ човекот. Нашето СОНУВАМ, не му предизвикува ни дремка, а не пак сон.

Уф! Мораме за момент да прекинеме со темава. Телевизорот е пуштен. Се емитува некоја епизода од редовните серии. Нé прекина, би рекле, нé штрекна една многу гласно изговорена реплика: “Аман бре, го утепа човекот”. “УТЕПАНИ” сме од вакви преводи на нашите телевизиски емисии. А таквите текстови ги говорат актери со завршена академија. Ништо! Програмата на телевизијата, си тече. Не ја слушаме. Но, односната реплика беше изговорена толку гласно што навистина нѝ го привлече вниманието. Има, постојат, во нашите телевизиски куќи, и лектори и уредници и главни уредници, но како никого да не го интересира тоа. Јазикот како да им е најмалата грижа.

Но, да се вратиме на разговорот меѓу новинарката и бизнисменот, потенцијалниот нов политичар. Невозможно е, не можеме да успееме да ги забележиме сите грешки, сите зборови и изрази кои отстапуваат од нормите на македонскиот јазик. Важно, во Македонија сé треба да биде автентично македонско. Тоа го слушаме повеќепати од излагањето. Повеќепати го чувме и тоа дека човекот, пред сé ЧОВЕКОТ требало да биде во центарот. Најважен е – ЧОВЕКОТ. Точно е! Па, уште Максим Горки едно време беше рекол дека “Човек, тоа звучи гордо”. Еве и сега – ЧОВЕКОТ. ПРЕД СЕ! Нашиов Македонец, бизнисмен, политичар, еднаш не го слушнавме личната заменка во прво лице да ја употреби на македонски. Наместо ЈАС тој постојано вели ЈА. Веројатно мисли дека и тоа е автентично македонско. Таговно и тегобно звучат неговите искажувања за патриотизмот, за македонштината. Еве го сега и најголемиот “доказ” за таа македонштина. Господинот бил изненаден од некаква состојба. Не очекувал такво нешто да се случи. Го критикува таквото нешто. Ги критикува оние кои си дозволуваат така да работат. Тоа било штетно за државата, за ЧОВЕКОТ. Кога разбрал за таквото нешто, останал ЗАБЕЗЕКНАТ. Навистина, човек да остане “забезекнат”, кога ќе чуе вакво нешто. Во почетокот дури и не разбравме што значи тоа. Треба малку да се подразмисли, зашто тој збор досега не сме чуле да го употребува некој. Се присетивме. Тоа значи (на македонски) ВЧУДОВИДЕНОСТ, ВЏАШЕНОСТ, ГОЛЕМО ИЗНЕНАДУВАЊЕ. Човекот се нашол во чудо. Проверивме и во Српско-македонскиот речник. Го има тој збор точно со овие објасненија што ги приведовме. Но, нашиов господин не го употребува српскиот збор ЗАБЕЗЕКНУТ. Тој го “преведува” на македонски – ЗАБЕЗЕКНАТ. Браво! Во Македонија сé треба да биде автентично македонско.                             

Loading