ПЛАЧ ЗА ЧЕНТО ВО СИДНЕЈ

Театарска претстава на петтиот континент

Изведбата на монодрамата за страдањата на првиот претседател не можеше да ги собере сите македонски љубители на театарот, затоа половината стоејќи следеа трагичен дел од историската вистина

Nagradi za akterite i za RistevskiАвстралиско – македонскиот театар од Сиднеј премиерно ја изведе монодрамата ЧЕНТО од Душан Ристевски во режија на Стефо Нанцу, а во изведба на Васко Србиновски и Стефо Нанцу. Во салата со сто седишта беа пуштени уште над 200 љубители на театарот да стојат, за да се задоволат барањата. Без да се чуе ниту дишењето на публиката на 35 минутната изведба се воодушевуваше и амбасадорот Веле Трпевски.

Со претставата театарот го проширува репертоарот и претендира да прерасне во професионален ансамбл, кој умее да постави на сцената уникатни текстови.

– Трагедијата на Ченто ја шокира публиката. Ова не сум го доживеал. Трогателната слика на Ченто кој сонуваше да ја обедини Македонија, ја расплака публиката. Изведбата ја врати публиката во минатото кога првиот претседател на Македонија, Методија Андонов – Ченто, бил невино осуден и отслужувал казна во самица во затворот во Идризово. Со воодушевување оценувам дека оваа улога за Васко Србиновски преставуваше предизвик и најтешката одиграна на сцена  – изјави авторот на текстот Душан Ристевски.

 Авторот објаснува дека Ченто секогаш му бил инспиративна личност, оти бил претседател на привремената македонска влада за време на Втората светска војна кога Македонија била окупирана од фашистите и монархофашистите на Германија, Бугарија, Италија и Грција.

Cento maestralno go odigra Vasko Srbinoski– Како прв претседател на македонската влада по формирањето на Македонија во југословенската федерација, тој по овој период не постоеше во македонската историја. Испари од политичката сцена без објаснување, а неговите современици добро знаеја за подлото отстранување на монтиран процес и затворање во самица. За младата генерација беше енигма поради таа љубопитост го истражував неговото дело. Во 1990 година се отстрани црното петно и бев шокиран – кажува Ристевски.

Пребарувањата за Ченто во забранетиот архив и разговорите на неговите другари и соборци фрлија нова светлина.

– Книгата за Ченто на Фиданка Танаскова, ме поттикна да ја напишам монодрамата за оваа личност за која малку се знаеше во македонската дијаспора. Сакав публиката да ја вратам во времето кога не беше лесно да бидеш Македонец, особено кога сите соседи сакаа да грабнат делови од Македонија и да ја уништат македонската нација. Се формираше државност со сите карактеристики, јазик, правопис, институции и установи, училишта и факултет, се воспостави правниот систем. А Ченто беше на кормилото за опстанокот на македонската нација. Тој е идеологот за независна и обединета Македонија, идеолог за воспоставување демократска држава на Македонците кои самостојно ќе ја решаваат својата иднина – објаснува Ристевски.

centoСпоред авторот на текстот, Ченто имал визија, која делумно се оствари по повеќе од четири децении кога Македонија стана независна држава.

– Секогаш настојуваше и се бореше за обединување, но, за жал другите решаваа за иднината. Верувам дека тој многу повеќе ќе постигнеше за македонската нација доколку не беше отстранет од своите сограѓани по наредба на КПХ. Животот трагично го заврши, но со верба дека борбата не е залудна – вели Ристевски.

По претставата беа доделени наградите за глума и театарска уметност под името Александар Македонски. Музичкиот дел беше исполнет со настапи на КУД Илинден и познатите музичари Петко Чавкоски, Илија Ампевски и Божин Бојковски, кои настапија со македонски традиционални инструменти.

Покровители беа стоматологот Гордана Цвејоска Стеванс, македонското пензионерско друштво и прилепското социјално друштво на Методија Андонов – Ченто од Сиднеј.

 

Награди

Жири комисијата во состав на Тони Радевски, режисер на кратки филмови, Радица Бојковска, новинар и продуцент, Иван Трпоски, поет и писател, во неколкуте категории од изведените драми Ограда и Доктор Жими Мајка заедно со публиката ги одредија наградите.

Театарските награди Александар Македонски за глума за 2015 година ги добија – за најдобра машка улога, Стефо Нанцу за улогата на Кевин во Ограда, најдобра женска улога, Јаворка Котевска за улогата на Петкана во Др. Жими мајка, најдобра машка придружна улога, Петар Павловски за улогата на Петар во Ограда, најдобра женска придружна улога, Гордана Милошевска за играта на Магда во Др. Жими мајка.

Најдобар дебитант е Антонио Нешковски за ролјата Тони во Др. Жими мајка.

Публиката се определи да го награди Стефо Нанцу за улогата на Кевин во Ограда.

Наградата за животно дело во театарската уметност му припадна на Душан Ристевски.

Loading