55 години Економски факултет
Магијата на интелектуализмот, кој се негувал и се негува во аулите на најстарата високообразовна инстутуција во југозападниот дел на државата, на Економскиот факултет, кој одбележува 55 години, е сочувана низ фотографиите на кои е прикажана долгата историја и настаните кои ги организирал факултетот. Изложбата беше збогатена и со објавените книги, учебници и помагала, чии автори се професори од докажаната престижна институција на економската наука и во едукацијата на кадрите во економијата, бизнисот менаџментот, сметководството, ревизијата, маркетингот и информациските технологии.
– Економскиот факултет се гордее со сé што е направено во изминатиот период, со секој свој дипломиран студент, магистер и доктор на науки. Впрочем, изложбата не е само тука во факултетот, туку насекаде во градот и во државава, секаде низ светот каде што се нашите студенти, магистри и доктори на наука, насекаде каде што се присутни нивните дела, а делата се создаваат и растат секој миг. На изложбата недостасуваат и илјадниците напишани трудови објавени во годишниците на факултетот, во домашни и странски списанија и конференции на кои активно учество зеле нашите професори, како и големиот број проекти изработени за стопанството на државата – потсети Ѓорѓи Манчески, декан на Економскиот факултет.
Факултетот е инвестиција на македонската интелектуална авангарда, на прилепското стопанство преку директни инвестиции во времето кога се градел. Дело е на големи одрекувања и пожртвувања на сите кои на различни начини работеле и гравитирале околу факултетот. Во подолг период на неговото етаблирање, во него работеле професори од и денес престижни универзитети, кои зад себе оставиле високо квалитетен професорски кадар.
– Создавањето квалитетен кадар е еден од врвните императиви. На овој факултет бил инсталиран и еден од двата најдобри компјутерски системи во поранешна СФРЈ. Системот нашол соодветна примена во едукацијата и бизнис секторот. Бил јадро околу кое гравитирал интелектуалниот капацитет на регионот, кој бил почитуван од целата тогашна територија на СФРЈ и надвор од нејзините граници. Бил генератор и катализатор на сите прогресивни идеи. Импактот на оваа институција низ градот и општеството, создава посебно чувство на почит низ делата создадени од оваа инстутиција. Нашиот факултет се гордее со секој свој дипломиран студент, магистер, доктор на науки. Нашите дипломи се во Прилеп и насекаде во светот, што докажува дека со сé поголемиот број студенти, кои својата професионална кариера ја градат во западните високо развиени земји, факултетот уште поцврсто се позиционира како престижна високо образовна институција и надвор од границите – истакна Манчески.
На факултетот студирале и стотина странски државјани. Имало студенти од Гана, Албанија, Косово, Србија…
Во рамките на чествувањето на 55 години постоење, се организираше и крводарителска акција. Се доделија и наградите за спортските активности организирани по повод јубилејот.