Награда за најчитач од градската библиотека „Борка Талески“
– Нови светови се откриваат меѓу кориците
Читањето книги е поттик, желба да се дознае повеќе. Да се совладаат нови светови, да се научат нови зборови, да се создадат нови мисли, а со тоа да се креираат нови идеи. Вртејќи ги страниците се влегува во нов, неоткриен свет. Понекогаш читателите се себеоткриваат во ликовите, а некогаш извлекуваат поуки. Се доживуваат различни чувства, патувања, откривања, сознанија за животот. И во највисоката цивилизација, читањето книги е најголемото задоволство. Не само што тие душевно исполнуваат, туку се можност да се живеат неколку животи додека се чита.
Читањето книги í е убава навика на новинарката Каролина Мицеска, која се родила со љубопитството да открива нови светови. Таа беше прогласена за најчитател за 70 годишната од библиотеката. Нема што нема прочитано, од белетристика, научна литература, стручна, историски книги… Моментно е окупирана со “Практика на односите со јавноста” од Фрејзер Сејтел.
– Пријатно се изненадив од признанието за читател на годината. Искрено, никогаш не сум го очекувала. Дури кога ми се јави директорот на библиотеката, Петар Петрески, ѝ ми рече “Ти дадовме признание”, мислев дека се шегува. Можеби не е скромно, но ми годеше – вели Мицевска.
Книгите ги врти низ рацете од 7-8 годишна возраст. Била маѓепсана од првиот момент кога зачекорила во библиотеката. Книгата í станала секојдневие, а библиотеката втор дом. Дури и кога била на студиите по новинарство во Скопје, не пропуштала шанса да не се врати и да не земе книга да ги проширува видиците со нови погледи.
– Гори чувството да откривам нови светови од дете до денес. И не спласнува со секоја нова книга и со секоја мината страница. Лектирите “ги таманев” со уживање. Растев читајќи ги бајките од целиот свет. Не знам дали некој друг ги прочитал сите во храмот на книгата. Низ раце ми помина сé што беше достапно. Никогаш не ги заборавам зборовите на една од библиотекарките, која сега не е жива, а ми ја пренесе мислата на Ајнштајн, кога го запрашале на кој начин децата можат да станат поинтелегентни. Одговорил едноставно – ,,Ако сакате да станат вашите деца интелегентни, читајте им бајки, а ако сакате да станат уште поинтелегентни, читајте им уште повеќе”. Со годините, читањето стана навика, која ја храни душата, оти со секој завртен лист дознавам нешто ново, интересно – кажува Мицевска.
Со библиотеката е врзана не само како читател, туку и како новинар кој многу години ја следи институцијата во постојана промоција и афирмација на книгата.
– Со мое залагање руската амбасада донираше во библиотеката наслови на руски јазик. Особено стручна литература која најде свое место во катчето за странска литература. Претежно стручна литература, руски книги однесов и во СОУ „Орде Чопела“ – додава Мицевска.
Таа вели дека секој треба да ги прочита класиците на Толстој, Достоевски, потоа извонредните Раскази од Чехов, книгите од Кафка, особено Процес, од Херман Хесе, Умберто Еко, Џибран, од Сент Егзипери, “Малиот принц”, научните “Кратка историја на времето” од Хокинг, “Критика на чистиот разум” од Кант, “1984” од Орвел и многу други – неброени.
– Купувам добри наслови за скромната домашна библиотека. За различни поводи подарувам книги на моите пријатели. Со книгата сум во својот имагинарен свет. Нема лоша книга. И во новите, сегашни наслови се наоѓаат полно прекрасни дела. Има современи добри автори кои пленат со стилот на пишување и се задоволство да им се читаат делата. Сепак, ми лета криминалистичката литература од било кој автор. Ми лежат делата од Роберт Ладлам. Ги имам дома, и тоа во два примероци и на српскохрватски и на македонски јазик – кажува Мицевска.
Читателот на годината, според библиотеката, наместо завршница рече дека никогаш нема да ја изневери љубовта кон книгата. Колку што ѝ дозволува времето, ќе се предава во прегратките на книгите во потрагата по нови возбудувања.