ЈА УДРИ ДРОПКАТА

ivce1Интересно! Се употребуваше некогаш овој израз. Сега е подзаборавен. Или, речиси, сосема заборавен. И ние, лично, го имавме заборавено. Случајно, прелистувајќи некои приказни од Марко Цепенков го сретнавме и се потсетивме. Пребаруваме во речниците и насекаде го има зборот ДРОПКА. Во Тритомниот речник е одбележан и изразот: “Ја удри дропката”.

Најпрво да видиме што е тоа ДРОПКА. Оној збор што се употребува во математиката не нé интересира. Другото значење на зборот ДРОПКА! Тоа е еден вид дива гуска. Крупна, со силни нозе. Нели, и за некоја крупна, дебелка, опната жена се вели дека е како дропка. Дропката е голема среќа за секој ловџија. Голем успех е и среќа да се улови дропка. И, ете така, во народот се создал и тој соодветен израз. Ако постигне некој некаков голем успех, ако му се случи некаква голема среќа, се вели (се велеше): “Ја удри дропката”, нешто како “Му падна секирата во медот”. Тој израз се употребуваше и во обратна, иронична смисла. Ако некој промашеше некоја цел, ако му се случеше голем неуспех, ќе му речеа (потсмешливо): “Сега, ја удри дропката”, слично на она: “Го обра бостанот”.

А зошто го заборавивме тоа: “Ја удри дропката”? Го забораваме нашето, а земаме некои туѓи изрази, кои кај нас не се карактеристични и во најголем случај не значат ништо. Србите имаат еден израз – ТРЕЌА СРЕЌА. Многу наши луѓе (новинари) божем го помакедончуваат и велат – ТРЕТА СРЕЌА, во случај ако некој постигнал успех во третиот обид. Кај Србите тоа си е во ред. Тоа всушност кај нив има значење: ТРЕЌА ЈЕ СРЕЌА. Има тука и некаква рима – ТРЕЌА СРЕЌА. Преведено на македонски, тоа не значи ништо, односно значи нешто сосема друго. ТРЕТА СРЕЌА! Значи, имало прва среќа, втора среќа и еве сега трета среќа. Но, не е целта да се каже тоа. Се сеќаваме на еден новинарски извештај за фрлањето на крстот на Водици. Некое момче се фрлало во водата двапати пред тоа, но еве сега, на третиот обид успеало да го фати крстот. Новинарката вели дека тоа било – ТРЕТА СРЕЌА. Не е точно, тоа е всушност, прва среќа, зашто претходните фрлања биле неуспешни, немало среќа. Еве, во вакви случаи може да се земе напомош дропката. Може да се рече дека на третиот обид момчето – ЈА УДРИ ДРОПКАТА.

Ова сега звучи малку чудно и необично за нашиве уши. Не сме свикнале, сме го заборавиле тоа. А наше е! Но нам полесно ни е да земеме туѓи изрази, да ги “помакедончуваме” и од тоа да правиме карикатури, како она – ТРЕТА СРЕЌА.

Велиме дека помакедончуваме (божем) некои туѓи, обично српски зборови или изрази. А многу често слушаме српски зборови како да се повеќе од наши. Слушавме една докторка во некоја телевизиска емисија. Какви ли се зборови не употреби таа госпоѓа. ПРОПРАТНИ (наместо придружни), ЗАПУШЕНИ (наместо затнати) и што ли уште не! Капак на сето тоа беше ПЛУЌНА ЕМБОЛИЈА (наместо белодробна). Зборот ПЛУЌА го употреби безброј пати. Таа именка не само што е српска, туку таму, во српскиот јазик е во множинска форма. – “Плуќа су ми болна” (не плуќа ми је болна) гласи песната. А докторката, плуќата па плуќата. Ќе ѝ се смее секој што барем малку го знае српскиот јазик.

Слушаме пренос на фудбалски натпревар. Покрај вообичаените грешки што ги слушаме речиси, редовно, овојпат го забележавме и зборот – ВИСПРЕН. Досега не сме го чуле. Не сме го чуле од наши, македонски коментатори. Кога слушаме пренос од нивните српски колеги тие, се разбира, го употребуваат. Нашиов коментатор зборува за некој фудбалер и вели дека бил многу ВИСПРЕН. Вели: “Знаете ли колку виспреност има во тоа момче”?

Во српско-македонскиот речник одбележан е тој збор. ВИСПРЕН значи БРЗ. Би рекле, играч кој веднаш, брзо и снаодливо може да тргне.

Никако да го погодиме нашето. Расипани ни се нишанските справи. Гаѓаме на погрешно место. Никако да ја удриме дропката.

Loading