ОД ПЕТЛЕТО ЌЕ ЛЕТААТ ГУЛАБИ

ivce1Постојат многу луѓе одгледувачи на гулаби. Меѓу нив и оние кои одгледуваат гулаби писмоносци. Интересни се тие птици. Летаат и се враќаат од големи далечини. Пред некое време прочитавме во наш дневен весник дека такви одгледувачи од Србија донесле гулаби во Македонија, во Демир Капија, и оттука ги пуштале. За брзо време гулабите се враќале во Србија, во своите гулабарници. Тоа не нѝ е тема. Нé заинтересира тоа што беше напишано во весникот, односно како беше напишано. Прочитавме дека гулабите биле пуштени од ПЕТЛЕТО на стариот автопат кај Демир Капија. Какво ли е тоа ПЕТЛЕ? Што ли е тоа? Тоа е сигурно КЛУЧКАТА на автопатот. Србите ја викаат ПЕТЛЈА. Кај нас тоа е малку потешко за изговарање, па многу наши луѓе ја викаат ПЕТЛА. Зборот КЛУЧКА е одамна усвоен и регистриран како норма, но ние, ете, уште се плеткаме со ПЕТЛАТА. Најверојатно, тоа било местото од каде се пуштале гулабите. Па авторот на текстот веројатно насетил дека ПЕТЛЈА или ПЕТЛА не одат во нашиот јазик, па го нарекол тоа место ПЕТЛЕ. Така е напишано и во поднасловот на статијата, а и потоа во текстот.

Направена е уште една грешка. Редовно ја слушаме. Сме пишувале и порано. Имено, во поднасловот пишува дека гулабите ПОЛЕТАА од петлето. За петлето кажавме. Погрешно е употребен глаголот ПОЛЕТАА. ПОЛЕТАА значи дека летале извесно време и престанале. Исто како што е, на пример, со глаголот ПОСЕДОА. Значи седеле извесно време. ПОИГРАА, значи поиграле и престанале да играат. Истото е и со ПОЛЕТАА. Треба да се каже дека гулабите ЛЕТНАА или ИЗЛЕТАА, а не ПОЛЕТАА. Таквата грешка ја слушаме редовно кога сме информирани за авионите, кога слетале и кога полетале. Дека авионите СЛЕТУВААТ точно е. Но ПОЛЕТУВААТ треба да гласи ЛЕТНУВААТ или најдобро – ИЗЛЕТУВААТ. Се навраќаме понекогаш на некои грешки за кои сме пишувале. Но, тие се повторуваат од такви места од каде најмалку треба да се случува тоа.

Заврши фестивалот во Валандово. Одамнешна водителка известува дека ќе сме слушнеле некои ПРОПРАТНИ вокали. И во Битола се одржуваше фестивал. И битолскиот новинар информира дека имало и многу ПРОПРАТНИ содржини. И водителката од Валандово и новинарот од Битола не се личности кои не треба да знаат дека придавката ПРОПРАТНИ не е наша. Глаголот ПРАТИ го нема во нашиот јазик со такво значење. Кај нас тоа значи дека некој може да прати писмо, да прати порака или којзнае уште што може друго да прати, да испрати. Во двата случаја (и водителката и новинарот) требаше да употребат наш збор – ПРИДРУЖБА. ПРИДРУЖНИ вокали и ПРИДРУЖНИ содржини, а не ПРОПРАТНИ.

Огревните дрва биле проблем. Ги немало, велат оние на кои им се потребни. Надлежните велат дека нема да постои таков проблем, дека дрва ќе има. За сите. Новинарите редовно информираат. Тоа им е работа?! И, еве што слушнавме: “За сите што се грејат со дрва, ќе има огревно дрво”. Сите медиуми, без исклучок, сите велат ОГРЕВНО ДРВО, а не ОГРЕВНИ ДРВА. Зар не е апсурдна реченицата што ја приведовме погоре? На тие што им требалe ДРВА, ќе имало ОГРЕВНО ДРВО. Зар многу треба да се мисли за да се почувствува дека е ова грешка, дека е нелогично? Никој не купува едно дрво. Никаде дрвата не се продаваат напарче, едно по едно. Никој нема да рече дека оваа зима потрошил многу ДРВО. Секој ќе рече дека изгорел многу ДРВА. Нема никаква потреба во случајов да се употребува еднинската форма – ОГРЕВНО ДРВО.

Така може да се рече за нас, за сите. На сите, кога е во прашање јазикот, ни треба едно ГОЛЕМО ДРВО (не огревно).                                                                                

Loading