СПОРТИСТИТЕ ПОД ТЕНДА

По 4-5 месеци се изгради балон салата во ОУ „Блаже Конески”

Nikna balon salata vo OU Blaze KoneskiНајпосле, во дворот на ОУ „Блаже Конески” никна новата монтажна спортска сала за мал фудбал, со вештачка трева, прва од ваков тип во градов. Училиштето прогласено за најспортско го доби проектот во вредност од 130 илјади евра, со поддршка на локалната самоуправа и инвеститорот, поранешниот фудбалер на Победа, Тони Наумоски. Конечно сите спортисти, ентузијасти и љубители на малиот фудбал од Точила и пошироко ќе можат да ги користат преубавите, така речи европски услови на новата балон сала. А Коневци за возврат ќе имаат бесплатни термини додека не се изгради нова сала за часовите по физичко воспитување.

– Заслужено, учениците ќе можат да ги развиваат спортските вештини, користејќи ги новите квалитетни услови за спорт – вели директорката Марија Дулевска.

Градоначалникот Марјан Ристески истакна дека со изградбата и на мотокрос патека, тениски терени, мултинаменски игралишта, игралишта за мал фудбал со вештачка трева, кошаркарски игралишта, вештачка карпа за качување, кои ги користат ентузијастите, како и спортските клубови се придонесува за развојот на спортот.

– Заедно со бизнис секторот, Владата, министерството за образование ќе ги зголемуваме капацитетите за сите спортови. Досега се изградени повеќе спортски сали. Две се во тек, а наскоро ќе биде изградена уште една балон сала и во ОУ “Гоце Делчев”. Градот добива најдобра спортска инфраструктура – рече Ристески, упатувајќи апел до бизнис секторот да инвестира и во спортски објекти како добар начин за отргнување на младите од пороците и за правилен психофизички развој.

За 4-5 месеци новата сала е ставена на располагање за сите деца од градов. За околу еден месец ќе се финализира и градбата на соблекувалните.

– Недостасуваше балон сала со вештачка трева. Направивме добар потег и за децата и за повозрасните, помагајќи во овозможувањето добри услови за разонода и игра – додаде Наумоски. 

 Еден од капиталните проекти кој ќе започне оваа и наредната година е комплетна реконструкција на градскиот стадион Гоце Делчев во вредност од еден милион евра.

Loading