СААТОТ ПОАРЕН ОД БРИСЕЛ, ВОДЕН ИЛИ ЛАЗУРОТ НА ХИОС

Македонскиот Грк Димитри Лиакос е наш сограѓанин 15 години

– 75 годишникот се токми да стане асли прилепчанец со невеста и лична карта

Ke stane asli prilepcanec- Dimitri LiakosНиту европската престолнина Брисел, ниту родниот Воден со водопадите во Грција, ниту тиркизните води на брегот на Егејското Море крај островот Хиос не го маѓепсале 75 годишниот грчки Македонец Димитри Лиакос колку раскошот на прилепскиот пазар и  грандиозниот градски саат во Прилеп. Затоа е наш сограѓанин веќе 15 години. Посакува да ги остави коските овде со македонска лична карта, дури и да застане на лудиот камен со друшка во осмата деценија од животот. Прилеп му е легнат на душата, оти му отворил порти да создаде пријатели со кои катаден пие кафе низ муабати и ги минува пензионерските денови. Го впил и мајтапчискиот дух, својствен за градските курнази. Со егејски акцент, прераскажува шеги, пренесувани низ еснафите. Одвај чита кирилица, но затоа течно говори француски, покрај грчки.

Вели дека по 30 годишниот гурбет во Брисел, во Белгија, решил првин пензијата да ја арчи во Кавадарци каде имал родини. Одвреме навреме се потсетувал на детството и младоста, патувајќи на родната грутка на неколку километри од грчкиот град во Егејска Македонија, Воден. Европјанинот, кој живеел и во Франција, Белгија, Португалија, Шпанија, ја одбрал Македонија, оти низ неговите вени пулсира поривот кон својот народ.

Му го пофалиле пазарот во Прилеп и посакал да стане прилепчанец. Меракот не му исчезнува 15 години додека е кираџија.

– Овде живеам, а не во Франција или Грција, оти сум Македонец и сакам да сум со Македонците. Тука ми е најдобро. Што ќе правам во Грција. Таму немам никој. Овде сум меѓу своите. По 5-6 години во Кавадарци, во сабота дојдов во Прилеп на пазар. Ме бендиса хигиената и ми се допадна животот. Љубовта кон Прилеп не ме напушта веќе една ипол деценија. Создадов и пријатели со кои ги делиме пензионерските денови. Прекрасно ми е – кажува Димитри.  

Старецот кој никогаш не го пробал вкусот на алкохолот, човекот со витка става, се носи со ниет да се задомаќини. Веќе нашол сродна душа од неговата возраст во Прилеп заеднички да ги живеат годините од староста.

– Цел живот сум сам. Сега имам години, а немам никој свој крај себе, ни мајка, ни татко, ни сестра. Друшка ми треба, да не живеам осамено меѓу четири ѕида. Двајцата да си го олеснеме животот. Убаво е некој да готви манџа, да мете, да пиеме кафе или чај, да си правиме муабет, да се прошетаме во куќата на островот или каде било додека нé држат нозете и здравјето. Арно е некој да помага за перење, да се гледаме еден со друг. Имам добра пензија, добро ќе живееме. Ќе застанеме пред матичарот и ќе добијам и партнерка за навек, и државјанство, македонска лична карта –  вели Димитри.

Тој бил во туѓина 30 години. Првин како рудар во јама за јаглен на 1200 метри под земјата. Работниот век на 55 години го завршил како сервисер на автомобилите Ситроен. Спечалил куќи во Воден и во Брисел и два апартмана на островот Хиос. Секоја година дел од летото го минува на песочните плажи и во сенките на островската вегетација.

Од младоста е вдовец, но двајцата синови, близнаци, ги извадил на пат. Едниот не успел да го кандиса да се задомаќини, но од другиот има две внуки, студентки во Брисел. Понекогаш се среќаваат со синовите и внуките на островскиот рај на Егејот.

Пријателите велат дека е добра душа, без нервоза.

Леб од раздавачки по гробишта

Димитри не сака многу да зборува за детството и младоста, оти од дете бил одгледуван во железна дисциплина со маќеа, откако му починала мајката. Тргал животни маки, со празен стомак, бил дрвар нешколуван, хранет во македонските храмови кај Воден, јадејќи поскури, раздавачки од гробишта, чукајќи ја камбаната.

Секоја година оди во Грција да се пријави дека е жив, да може пензијата да ја добива, да не му ја блокираат сметката. 

Loading