Како и во сите области, така и во народните песни (стари или новокомпонирани) се среќаваат грешки или нелогичности. Во новокомпонираните, грешките се направени при пишувањетo на текстот. Кај старите народни песни, се среќаваат некои (веројатно несвесни) измени кои ја нарушуваат логиката.
Во една таква народна песна девојчето се сомнева во своето либе, во својот љубовник. Мисли дека тој сака и некоја друга. Затоа девојчето прашува:
„Кажи, кажи верно либе,
која љубиш освен мене? …“
Нелогично, зар не? Ако девојчето мисли оти либето ѝ е верно, не би се сомневало дека љуби и некоја друга. Песната, всушност, не гласи така. Девојчето вели (треба да вели): “Кажи, кажи мило либе“, а не “Кажи, кажи верно либе“. Јасно е, нели? За верното либе не треба да постои сомнеж дека љуби друго либе. А милото либе, може да биде неверно, иако е мило. Без да се мисли, зборот МИЛО пејачите го заменуваат со ВЕРНО и се менува смислата, односно се менува логиката.
А ја слушаме песната редовно, мошне често. Дури, понекои слушајќи ја и ја тананикаат, ја потпевнуваат. Никому грешката не му паѓа на ум. Ниту на интерпретаторите, ниту на слушателите.
Една друга, новокомпонирана песна, ја слушаме многу често. Особено на разни веселби. На свадби или на некои други прослави. Дури и се игра оро. Ја пеат сите. Не само односниот пејач, туку и сите учесници во џумбусот. Песна, на сите позната:
“Среќата со пари не се купува,
љубовта без мерак век не векува.“
Да се согласиме дека среќата не се купува со пари. Она другото дека љубовта без мерак век не векувала не ни прилега на некој логичен израз. Самата песна не може да се нареди во редот на некои наши поубави народни песни. Но тоа, дека љубовта без мерак век не векувала, нé натера да се впуштиме во еден поширок коментар. Што е тоа ЉУБОВ, а што е тоа МЕРАК?
Во претходната песна често (како и во други песни) се споменува зборот ЛИБЕ. Освен во народните песни, ретко дека денеска некој би го употребил. Можеби ќе се сретне во некои наши народни говори. Зборот ЛИБЕ е од исто потекло со зборовите ЉУБОВ, ЉУБОВНИК, ЉУБОВНИЦА. Во Речникот е одбележан и глаголот ЛИБИ со значење – ЉУБИ. Се гледа дека понекогаш вториот вокал се менува (ЛИ – ,ЉУ -) Во согласност со некои фонетски развојни тенденции. Се поставуваше некогаш прашање дали и германското DIE LIEBE – љубов, LIEB – мил, драг, дали има ист корен со нашето ЛИБЕ. Одговараше наш познат лингвист. Не ќе да имаат некоја директна врска германското DIE LIEBE и нашиот збор. Но, тој вели дека во науката се смета DIE LIEBE и ЛИБЕ и ЉУБОВ и други на таа основа се надоврзуваат на еден збор – корен уште во индоевропското време. Сите тие имаат заедничко потекло. Исто како и латинското LIBIDO (љубов, страст, сексуален нагон). Но, тоа да му го оставиме на Зигмунд Фројд.
Да се вратиме на ЉУБОВТА и на МЕРАКОТ. Нашиот лингвист објаснува дека зборот ЉУБОВ (љуби, љубовник, љубовница) се развил во последно време. Кога вели во последно време, мисли на периодот пред двете светски војни. Пред тоа, во народните говори за таква употреба бил турскиот збор МЕРАК. Исто така, мошне позната е употребата и на зборот МИЛОСТ. Изразот “Да си ја имаме милоста“, беше во честа употреба до скоро. Па, и сега можеме да го чуеме од повозрасните луѓе. Значи – “Да си ја имаме љубовта”.
Како и да е, како и да било, денеска го имаме зборот ЉУБОВ и како народен и како литературен. Оттука и сите други на таа основа – ЉУБОВНИК, ЉУБОВНИЦА, ЉУБИ, ЉУБЕЊЕ и така натаму. Всушност, така е и во сите словенски јазици – српскиот, бугарскиот, рускиот… Зборот ЛИБЕ, останува само во народните песни. Но, песната –
“Среќата со пари не се купува,
љубовта без мерак век не векува“ нé натера на овој поширок коментар.
Значи, турскиот збор МЕРАК значи исто што и зборот ЉУБОВ. Затоа, нелогичен е изразот во песната. Каква е таа љубов без мерак? Каква е таа љубов, без љубов? Не знаеме, но веројатно авторот сакал да каже дека бракот без мерак (љубов) век не векува.
Вака, да си ја имаме милоста, ама грешката е голема. Изразот е сосема неточен.