ЕФТИМ ИЛИ ЕВТИМ

ivce1Постојат многу колебања околу тоа, како треба да се пишува името, ЕФТИМ или ЕВТИМ. При изговорот ние го слушаме како ЕФТИМ. Поинаку и не можеме да го чуеме. Но, дали треба така и да го пишуваме? Според правилото за едначење според звучноста треба да се пишува ЕФТИМ, со Ф. Точно е тоа. Но во многу случаи (или во најмногу) тоа едначење не се одбележува, поради многу особености и специфичности на гласот В. Во таа проблематика не навлегуваме (и не можеме). Ќе се задржиме само на практичната страна, на тоа, како треба да се пишува ЕФТИМ или ЕВТИМ. Со Ф или со В? Тоа име е дојдено кај нас од грчкиот јазик. Во Правописот е убаво објаснето. Грчките дифтонзи (како и латинските ) АУ, ЕУ, се предаваат со АВ, ЕВ. Бидејќи ова име во грчкиот јазик започнува токму со дифтонгот ЕУ, во македонскиот ќе почнува со ЕВ. Иста е ситуацијата и со името ЕВТО (ЕФТО). Ова име е доста застапено кај нас. Тоа е, всушност, скратена форма од името ЕВТИМ. Треба да се пишува со В, а не со Ф, значи ЕВТИМ и ЕВТО. А ние, мошне често, ако не и редовно, го читаме, го гледаме напишано како ЕФТО. Рековме, според специфичните особености на гласот В едначењето по звучност не се одбележува. Имаме многу случаи кога се слуша Ф, а се пишува В. На пример: Се пишува ОВЦА (со В), а се чита како ОФЦА (со Ф), имаме ОВЧАР (со В) а се слуша ОФЧАР (со Ф) и така натаму. Таков е случајот и со дифтонгот АУ во некои зборови. Ние изговараме: АФТОНОМИЈА, АФТОМОБИЛ, а пишуваме: АВТОНОМИЈА, АВТОМОБИЛ. Постојат многу такви примери.

Има еден друг збор кој исто така создава забуни околу тоа како треба да се пишува. Сево ова што го кажавме за ЕВТИМ (ЕВТО) важи и за тука. Се работи за зборот ЕВТИН (ефтин), оттука и за разни изведенки – ЕВТИНО, ЕВТИНИЈА, ЕВТИНЏИЈА. Ова најмногу се употребува во трговијата, кога се сака да се укаже на некои ниски цени. Речиси редовно се пишува ЕФТИНО, со Ф. Во Прилеп постои продавница која носи име ЕФТИНИЈА. И овој збор има грчко потекло. И за тука важи истото правило во врска со дифтонгот ЕУ. И овде тој преминува во ЕВ и затоа ќе имаме ЕВТИНО(со В), а не ЕФТИНО (со Ф). Се разбира и: ЕВТИНЏИЈА, ЕВТИНИЈА и слично.

Со овој збор – ЕВТИНО, полесна е работата. Денеска ќе го напишеме вака, утре можеме да го поправиме поинаку. Но, што да прават луѓето кои го носат името ЕВТИМ (ЕВТО)? Поради недоволната писменост на матичарот, тие цел живот ќе си го носат погрешно напишаното име. Од вакви причини, многу имиња (лични) погрешно се напишани. Со определени административни процедури тоа може да се поправи, но ретко некој презема такво нешто. Во презимињата сличните грешки се уште почести. Но…

Согласната група НБ (МБ) создава забуни во многу случаи. Безброј пати сме сретнале зборот БОНБОНИ да биде напишан како БОМБОНИ, со МБ наместо со НБ. Зборот БОНБОН потекнува од францускиот јазик (bonbon). Значењето му е општопознато, но во врска со тоа како ќе биде напишано, постои често колебање. Во македонскиот јазик тоа е именка од машки род, а во српскиот е од женски. Кај нас е БОНБОН, а кај Србите е БОНБОНА. Под влијание на српскиот јазик често ја слушаме и ние формата БОНБОНА (бомбона). Тоа е една од грешките. Втората грешка е правописна. Како што споменавме треба да се пишува БОНБОНИ, а не БОМБОНИ. Така е утврдено со нашиот правопис. Така би гласеле и зборовите – БОНБОНЧЕ, БОНБОНИЕРА (не бомбоњера).

Со српскиот правопис, врз основа на некои фонетски, изговорни законитости, утврдена е формата со МБ – БОМБОНА. Бидејќи кај нас се увезуваат многу вакви производи од Србија, напишани на ваков начин, многу наши луѓе ја прифаќаат таа форма – БОМБОНА.

Ист е вкусот на бонбоните и кај нас и во Србија. Но, пишувањето малку се разликува. Кај нас е БОНБОН, а кај нив е БОМБОНА.

Благоја Ивчески

Loading