СЈАЈ НА СВЕЌИ И ЗВУК НА ЦРКОВНО ЅВОНО

Осветена црквата “Света Петка” во Точила

– В година ќе се уреди и дворот на црквата која во Прилеп се гради по 100 години

Mermer i ikoni vo enterieroitСекое утро и повечерие бие црковното ѕвоно во новиот верски објект кој го изградија прилепчани. Се разлева звукот низ Точила, а редовни се и службите во црквата Света Петка која се крена во градот под Марковите Кули по пауза од 100 години, откако сите жители и голем број компании придонесоа да никне новото велелепно сакрално здание. Се палат свеќи за здравје, се вкрстуваат венците на главите за венчавки, се помазуваат новороденчињата со миро на крштението. Црквата градена од народот, сега е со ширум отворени врати за секој верник, добронамерник, за прилепчани.

Пред големиот празник Петковден, во присуство на голем број верници и ктитори, се изврши големото осветување со кое чиноначалствуваше Митрополитот Преспанско – пелагониски и администратор Австралиски и Новозеландски Петар. Се постигна целта, се виде крајот на макотрпната работа на иницијаторите и поддржувачите, кои 8 години неуморно организираа акции, донаторски конференции и вложуваа во црквата во која сега прилепчани, пред сé, жителите од населбата ќе ги изразуваат своите верски чувства,  со што православната вера и традицијата така се одржува.

– Душите и срцата се исполнети со голема радост, оти после еден век се изгради и освети православниот храм. Голема благодарност до бизнис секторот, до фирмите од градов и сите граѓани кои помогнаа во изградбата на црквата. И до иницијативниот одбор кој неколку години се залагаше да се изгради храмот и до МПЦ, која овозможи на оваа прекрасна локација да никне еден од најубавите храмови – изјави на осветувањето градоначалникот Марјан Ристески.

Препородената маченица Параскева, позната како Света  Петка, е меѓу најпочитуваните светители, после Св. Никола, кој е и заштитник на градот. Со секоја света служба, благодадта ќе се носи од Божјиот храм во домовите.

– Благодадта на светиот дух ги исполнува оние кои се молат, доколку ги бараат правдата и царството божјо, а останатото на сите ќе ни се даде. Прилеп заслужи после еден век да има велелепен прекрасен храм за собир на верниците на заедничка молитва – рече владиката Петар.

– Македонската православна црква секогаш била столб на возвишието на македонскиот верник, секогаш го носела крстот на миговите кои биле тешки за верниците и за македонскиот народ. Ова сведоштво покажува колкави се силата и духот на македонскиот народ и колку знае умниот македонски народ што значи да се гради црква и манастир во ова историско време кога се обединува православието – рече Валентина Божиновска, претседател на комисијата за односи со верските заедници. 

Во црквата која е градена во  византиски стил, несебично учествуваа сите. Значајно е учеството на бизнис секторот.

– Исполнети се во целост желбите на сите граѓани, вклучувајќи  го бизнис секторот и градоначалникот. Ќе продолжиме да донираме во дозавршувањето. Очекуваме сличен објект да се изгради и на друга страна од градов – вели претседателот на управниот одбор на Витаминка, Симон Наумоски.

– Спокоен и среќен сум што сум верник и што успеавме да пуштиме ваков свет храм. Претпоставувам ќе биде мотив повеќе младата генерација на ист начин да продолжи да ја гледа верата, да веруваат во природното што ќе ги носи напред. Сé што е створено во Пиварницата, особено во последниве десетина години чувствувам дека е со Божја промисла и сé е дар Божји што успеавме – изјави за медиумите Кирил Самарџиоски, од Прилепската пиварница на денот на осветувањето.  

– Да помогните во остварување и реализирање на вакво свето место е на големото задоволство, поготово на жителите на оваа многубројна населба, и сега слободно можат да го остварат својот духовен мир. Благодарам на сите вработени на Комфи ангел кои несебично донираат – вели Ирена Јакимоска.

Продолжува фрескоживописувањето на црквата Света Петка, која има олтар од бел прилепски мермер. Треба да дозаврши изградбата на камбанаријата, а за в година е планирано уредување на дворот, па понатаму да се подигне и административна зграда.

И ВО ЛЕНИШТЕ НАРОД ЗА ПЕТКОВДЕН

И манастирот Св. Петка во Лениште беше преполн со верници за празникот Петковден. Домаќините за сведенот се гордееа со гостите  кои дојдоа и запалија свеќа за радост и здравје и ја исполнија трпезаријата. И градоначалникот Марјан Ристески беше меѓу своите прилепчани во манастирот кој е посветен на празникот Света Петка и е заштитник на прилепските бранители. 

Loading