ОД ЧИТАЛИШТЕ ДО МОДЕРНА БИБЛИОТЕКА

Седум децении на библиотеката „Борка Талески”

Odbdlezani 70 godini od formiranjeto na bibliotekataСо промоции на книги, изложби, библиотеката „Борка Талески” одбележа седум децении. Директорот Петар Петрески вели дека низ годините библиотеката придонесла за културниот развој и напредок на градот.

Првата библиотека била формирана на 22 октомври 1945 година по името на славниот руски писател Максим Горки. Прилеп има традиција уште со библиотеките во манастирите, како Трескавец.

– Во 19 век, градот доживеал економски просперитет.  Во 1843 година е отворено првото училиште, а по извесно време и првото читалиште „Надежда”. Тоа станало општ двигател на културниот живот. За жал, било затворено во 1874 година – вели Петрески.

Не било запоставено библиотекарството меѓу двете светски војни. За окупацијата се настојувало да се обнови читалиштето и да се шири пропагандата дека Македонците се дел од бугарскиот народ. При обидот за обнова, револуционерот Борислав Петров Талески, (Борка Талески) студент по медицина, го предложил името „Гоце Делчев”. Поради големата љубов што ја негувал кон книгата, библиотеката го носи неговото име.

При формирањето во 1945 година библиотеката располагала со скуден книжен фонд од околу 1000 книги. Во 1951 г. влегува во состав на новиот Дом за културата. Во 1955/56 г. продолжила да функционира како самостојна установа. Во 1961 г. се преселува во куќата на д-р Шајкар, а од 1984 година во едно од крилата на Домот за култура „Марко Цепенков” каде се наоѓа и денес. До 2010 година библиотеката имаше и подрачни оддели во Варош, во Ропотово, Тополчани и Кривогаштани. По барање на ЛС од Кривогаштани, отстапена е просторијата, а книгите се сместени во Тополчани, а во Ропотово е затворена.

– Библиотеката денес е модерна, технички добро опремена установа со високо едуциран кадар и богат книжен фонд (преку 150.000 примероци), во кој книги позајмуваат над 6000 членови. Прерасната е во своевиден информативен центар на градот. Од 2014 година функционира електронското зајмување, со што во голема мера се заокружи компјутеризацијата и автоматизацијата на библиотечните процеси. Подобрени се условите, набавени се компјутери, печатачи, видеопроектори, камери, лап топ и други технички средства, фискализација при уписите, реновирана е големата читалница, роднокрајниот оддел, одделот за странска литература, реновирана е малата читална, набавени се нови книги, и што е најважно. Зголемен е бројот на книги во одделот за возрасни и за деца – вели Петрески, потенцирајќи дека недостасува повеќе простор и млад и образован кадар.

Промоции и изложба за јубилејот

За јубилејот се промовира книгата „Прилепски спортски големини” од Драгуљуб Драги Башески. Јаве доживеа и книгата „Сеќавањата за Борка Талески” чиј редактор е д-р Наде Караџоска, а ја претстави д-р Тодор Чепреганов. Беше отворена и изложбата на книги од раритетната збирка на библиотеката.

Loading