„Конекција” е насловот на изложбата на вајарот Марјан Стојаноски отворена во ЦК во Кичево. На првото самостојно претставување вајарот изложува 11 скулптури во дрво и во метал, преку кои ја прикажува поврзаноста меѓу сонот и јавето и човечкиот стремеж за вечен живот.
Изложбата ја отвори сликарот Тони Чатлески кој потенцира дека авторот е романтичен бунтовник, кој, преку делата, трага по смислата на постоењето, се обидува да ја открие врската меѓу минатото, сегашноста и иднината.
– Тој го претставува континуитетот на вечниот човеков живот. Марјан шета низ соништата, комуницира со претците и го бара одговорот на прашањето – „која е смислата на животот”. За младиот автор, пред кого претстои долг пат на истражување и откривање, не е битно дали ќе најде одговор. Со делата остава печат во вечноста – вели Чатлески.
Стојаноски дипломирал на ФЛУ во Скопје во класата на Беди Ибрахим. Автор е на металната скулптура „Мир” на задниот дел од мозаикот посветен на Тоше. Моментално е претседател на ДЛУП.
![]()

