ГОЛЕМО ОСВЕТУВАЊЕ НА ЦРКВАТА СВЕТА ПЕТКА

В сабота

– Со донаторски конференции, помош и акции се изгради храмот во Точила      

Pred osvetuvanje crkvata Sv.PpetkaЌе се освети храмот Св. Петка во Точила. За в сабота е закажано  големото осветување на црквата која прилепчани ја градат после еден век. Со чинот на осветување ќе чиноначалствува Архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан, во сослужение на Митрополитот Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско-новозеландски г. Петар и Епископ Хераклејски г-дин Климент, по што ќе следува и свечена литургија. Утрената богослужба со Божествена Архиерејска литургија и осветување на храмот ќе започне в сабота во 7 часот наутро.

Се исполни сонот. По век никна нова црква. Нема граѓанин кој не е ктитор, градител на храмот. Со посебна љубов и почит кон православната вера, секој стави по едно камче. Се крена божјиот дом и со донаторски конференции и акции од повеќе фирми, поединци и поддршка на Советот на општината. 

– Црквата е гордост на оваа генерација, бидејќи оставаме светост на сегашните и идните поколенија. Продолжуваме со доизградба на камбанаријата која се надевам за кусо време ќе биде дигната до фаза на карабина – вели градоначалникот Марјан Ристески.

Црквата не се изгради на темелите на старо светилиште, туку е на нова локација, во Точила. Населбата се шири и народот има потреба за изразување на верските чувства каде ќе се крштеваат и венчаваат прилепчани.

– Кога ќе се изврши големото осветување, тогаш комплетно е даден благословот. Слегува Светиот Дух врз престолот во светиот храм, каде изобилно е присутен светиот дух – вели владиката Петар.  

Во црквата Света Петка иконостасот е од бел прилепски мермер. Покрај изградбата на камбанаријата, останува уредување на црковниот двор, како и доживописувањето на внатрешните ѕидови на верскиот храм. 

Loading