КРАЛЕ МАРКО НА ПЛОШТАД

ivce1Уште еднаш за Марка Кралета. Овојпат со посебен повод. Известени сме од повеќе медиуми дека на плоштадот во Прилеп ќе се постави споменик на Крале Марко. Слушаме и читаме од медиумите, слушаме и во приватни разговори дека тоа ќе биде споменик на КРАЛИ МАРКО. Токму тоа, токму името КРАЛИ МАРКО не натера повторно да укажеме на евентуалната грешка што би можела да се направи. Веројатно на споменикот ќе биде испишано токму така – КРАЛИ МАРКО. Зборот КРАЛИ не значи ништо. Необично е и чудно како навлезе тој збор во јазичната комуникација. Го среќаваме и во официјални наслови и манифестации. Едно прилепско пиво носи име КРАЛИ МАРКО. Да речеме дека тоа некако, може и да оди така. Во определени услови и околности на пивото му е дадено тоа име. Во таквите ситуации важно е да биде правилно напишано, да нема правописни грешки, а самото име си го одбира сопственикот. Затоа велиме дека тоа може некако и да се толерира. Нека биде така – КРАЛИ МАРКО. Подобро е да не е така, но сега, реалноста е таква и тешко дека може да се измени.

Да, така е тоа. Но на самиот споменик ако се напише така (Крали Марко), тоа е веќе грешка. Би се рекло дека е грешка што не смее да се допушти. Изградбата на такви споменици е ретка и тие траат долго, да речеме дури и вечно. Со самото тоа и погрешно напишаното име ќе биде вечен сведок на нашата (голема) негрижа за јазикот. Па, да речеме, и на нашата неодговорност за фактите.

Да не зборуваме напразно. Ќе го поткрепиме нашево тврдење со аргументи, непобитни. Прво, да кажеме дека титулите како КРАЛ, ЦАР, БАН и други, кога одат со име, воопшто не ја менуваат својата форма и не се членуваат – ЦАР САМОИЛ (не царот), КРАЛ ПЕТАР, КРАЛ АЛЕКСАНДАР, БАН КУЛИН и многу такви. Според тоа, така ќе биде и со КРАЛ МАРКО. Тоа е правилното. Но името КРАЛЕ МАРКО (Марко Крале) е обнародено и во колективната меморија сосема зацврстено. Уште еднаш изразуваме чудење како се појави, како се роди зборот КРАЛИ.

Блаже Конески, во една од своите книги со песни, има посебно поглавје кое носи наслов КРАЛЕ МАРКО. А и на повеќе места Конески го употребува токму така.

Ќе се вратиме малку поназад во времето. Една приказна од Марко Цепенков носи наслов – “Марковото кале на исарот во Штип”. А една од речениците во приказната гласи:  “На врвот од тумбата имат едно кале што го праел Марко Крале”. Еве цитат од една друга приказна на Цепенков: “Татко ми ми каза за оти црквите биле праени од поеќе кралеи и банеи, а најпојќе Марко Крале имал напраено цркви и манастири”. Една приказна од Цепенков носи наслов – “Марко Крале и Кузман Капидан”. И така, насекаде МАРКО КРАЛЕ и никаде КРАЛИ МАРКО.

Ќе се вратиме уште поназад. Во 1859 година, Стефан Верковиќ, во цариградскиот весник број 44 објавува народна песна со наслов – “Крале Марко се побратимува со самовила”.

И така, во многу приказни, во многу народни песни името на овој легендарен јунак е КРАЛЕ МАРКО или МАРКО КРАЛЕ. Кирил Пенушлиски во своите коментари секаде го употребува името КРАЛЕ МАРКО. Безпредметно е да наведуваме уште примери, а нив ги има многу, премногу. На многу места, во многу песни и приказни од народното творештво се среќава и МАРКО КРАЛЕВИЌ. Се разбира, тоа сега воопшто не е актуелно. Во разни услови, во предлитературното време се преплетувале и разни јазични влијанија.

Во самиот почеток сакавме да го споменеме покојниот Миле Попоски, но ете го испуштивме. Јазикот му беше повеќе од преокупација. Си спомнуваме на една реченица од една негова хумореска: “Не сум јас Крале Марко па да се борам со сите”.

Не знаеме што ќе биде напишано на споменикот. Имаме илузија дека можеби ќе предизвикаме определен интерес и ќе иницираме некаква размисла.

КРАЛ МАРКО е точното, КРАЛЕ МАРКО е народното име, КРАЛИ МАРКО не значи ништо.

Да размислиме! Еднаш се прави тоа.

Loading