КУРНАЗЛАЦИТЕ НА ИТАР ПЕЈО КАЈ КАДИЈАТА

Патрдии со хонорари

So pokusi rakavi akterite od serijalot za Itar PejoЧешитлаците и курназлаците на легендарниот Итар Пејо, филмувани во серијата “Авантурите на Итар Пејо” ќе имаат судска завршница, иако серијата со 70 епизоди веќе се емитуваше на Канал 5 телевизијата. Точно 14 актери од прилепскиот театар, кои ги играа улогите на Пејо, невестата, кадијата, валијата, бегот, оџата, анџијата, чорбаџијата… го товарат сопственикот на продукциската куќа Емпти пејџис продукција од Скопје, Владо Младеновски, за измама од околу 40 илјади евра. Актерите му поднеле кривична пријава до јавното обвинителство на сопственикот на продукцијата, поради недоплатени надоместоци за авторство во околу 50 епизоди од серијата, што се снимаше во Мариово пред две години. Јавниот обвинител вели дека постапката е во тек, а Младеновски го признава долгот, но тврди дека не извршил измама. Во меѓувреме, продукцијата има блокирана сметка од друга фирма.

Игор Трпче, носителот на улогата на Итар Пејо, смета дека со колегите чесно, коректно и професионално го завршиле снимањето, но хонорарите не се доисплатени повеќе од две години.

– Не бевме договорени да работиме џабе. Снимивме околу 70 епизоди. Тие веќе се емитуваа. Мајтапите и мудростите на Пејо од приказните се гледаа и репризно, проследени со реклами од по 15 минути во епизода. Но, не се сосема исчистени надоместоците за авторскиот труд. Платени се околу 20 епизоди, а остатокот не е. Бараме чаре, оти сметаме дека сопственикот нé измами, ветувајќи дека ќе ги доплати останатите обврски. Станува збор за околу 39 илјади евра. Очекуваме ново рочиште во судот и правдата да застане на страната на измамените – вели Трпче.

Од друга страна, Младеновски не ги негира обврски кон Пејо, попот и останатите протагонисти од серијата.

– Точно е дека не е сé платено. Но, никого не сум излажал. Ќе се платат долговите. Треба да се утврди колку се, оти се “надуени” за околу десет илјади евра повеќе. Но, тоа ќе го кажат вештаците. Адвокатот ќе дојде на суд да објасни деке не се бега од борчот и дека не станува збор за измама – вели Младеновски.

Инаку, како што потврди Младеновски, продукцијата веќе има црвено салдо на сметката и блокада поднесена од друга фирма.

Според легендата за курназлаците на Итар Пејо, популарната серија се снимаше во неколку села во прилепскиот дел од Мариово во 2013 година.

Loading