СПАСИТЕЛИ ИЛИ СПАСУВАЧИ

ivce1Во почетокот на летото слушавме на телевизија дека оваа година, на сите охридски плажи ќе имало спасители. Некој од присутните прашува, зошто не се вели СПАСУВАЧИ, туку СПАСИТЕЛИ. Како е правилно? Според него, правилно било СПАСУВАЧИ, како што било КУПУВАЧИ, а не КУПУВАТЕЛИ, МИНУВАЧИ, а не МИНУВАТЕЛИ и други такви.

Се најдовме малку во незгодна ситуација. Не можевме да дадеме никаков одговор. Многупати порано и самите сме си го поставувале ова прашање.

По разговорот пронајдовме, во несредената архива, ливче, исечок од рубриката “Јазично катче” на Благоја Корубин. Таму, некој читател го поставува истово прашање. Ќе го цитираме во целост: “Зошто за именката слушател не се вели слушач, како што е случај со другите такви именки: копач, пејач, играч, орач (а не: копател, пејател, игрател, орател и така натаму)”. Сево ова нé натера да поразмислиме повеќе, да побараме наваму-натаму што е правилно, а што не. Велиме да побараме на повеќе места, зашто исечокот од весникот беше оштетен. Го немаше комплетниот одговор од Благоја Корубин. Сепак, она што останало беше доволно, или, речиси довoлно, за некои работи да станат појасни.

Битната работа во ваквите случаи е тоа кога треба да се употреби наставката ТЕЛ (спасител), а кога наставката АЧ (спасувач). Се гледа дека наставката ТЕЛ во многу случаи оди како паралела на наставката АЧ. Навистина таа наставка (тел) не е жива и продуктивна во нашите народни говори, но и покрај тоа е доста продуктивна во литературниот јазик. За тоа постојат и причини. Некои затврдени именки уште од постаро време преминале и во современиот литературен јазик. Таква е именката УЧИТЕЛ. Тешко ќе се реши денеска некој да рече УЧАЧ, наместо УЧИТЕЛ. Потоа, значењето на наставката АЧ не се поклопува баш секогаш и наполно, по својот карактер, со наставката ТЕЛ. Има случаи каде што се поклопуваат, но не секогаш. Таа наставка (АЧ) дава именки со кои се означува вршител на дејството, но додека тој го врши тоа дејство. Корубин ја зема за пример именката ДЕЛАЧ. А за кого може да се рече дека е ДЕЛАЧ? Се разбира, за оној што дели нешто. Но тој е ДЕЛАЧ додека дели, додека го врши тоа дејство. Штом ќе престане да дели, тој веќе не е делач. Значи, делењето не престанало кај него во некое постојано својство. Има многу такви примери. Наставката ТЕЛ дава такви именки, исклучиво такви, кои дејството го означуваат како постојано својство, во вид на професија, трајна состојба и слично. Слушатели не се, всушност, луѓето само кога слушаат, само во тој момент, ами тука слушањето се зема како постојано својство, како еден нивни постојан однос, нивна постојана, трајна состојба. Слушателите на радио се секогаш тоа, секогаш слушатели, не само кога слушаат. Истото важи и се однесува и за читателите. А точно е и тоа дека и некои именки со АЧ имаат придобиено такво својство, на пример, именката ГЛЕДАЧ. ГЛЕДАЧИ на телевизиските програми. Тешко би се рекло телевизиски ГЛЕДАТЕЛИ. Велиме дека некои именки со АЧ придобиле такво својство, но именките со ТЕЛ го имаат секогаш, исклучиво само тоа својство. ДЕЛАЧОТ е ДЕЛАЧ додека дели нешто, но фудбалскиот судија не е ДЕЛАЧ на правдата туку ДЕЛИТЕЛ. Еве ја наставката ТЕЛ (делител). Судијата го прави тоа како професионалец, како човек што постојано, трајно, се наоѓа во такво својство да биде ДЕЛИТЕЛ, а не ДЕЛАЧ.

Во почетокот рековме дека наставката ТЕЛ во многу случаи се јавува како паралела на АЧ: СПАСИТЕЛ – СПАСУВАЧ. Во конкретниов случај, сепак, предност би ѝ дале на именката СПАСИТЕЛ за човекот кој тоа го извршува редовно, професионално. СПАСУВАЧОТ ќе биде оној кој во моментот извршува такво дејство.

Но, токму овие именки покажуваат дека има случаи кога се поистоветува нивното значење.

За крај: со ТЕЛ се означуваат лицата кои имаат еден посебен однос, постојан, професионален кон дејството што го вршат. А со наставката АЧ можат да го имаат и истото значење но и значење на извршување на некоја функција во самиот момент.

Loading