ГРЕШКИ – ПРСТ И ПЛЕВА

ivce1Ќе се градела бензинска станица во близината на Зеленото пазарче во Скопје. Ова го слушнавме на една телевизија. Се слушаат остри реакции од граѓаните. И не само од нив. И новинарите искажуваат свои мислења. Не требало на тој простор да се гради таков објект. Слушаме едно искажување: “Не знам чија е таа СУЛУДА идеја, овде да се гради бензинска станица”! Како и во многу други случаи и овде, човекот зема напомош туѓ збор. Не навлегуваме во тоа дали идејата за градба е добра или лоша. Не знаеме. Но, зошто човекот вели СУЛУДА идеја? Зошто не вели дека тоа е НАЛУДНИЧАВА идеја? Тоа е нашиот збор. На нашата реакција за грешката, еден пријател вели – “Па, човекот е возбуден, а во таквата ситуација можни се и грешки”. Чудно! Значи, кога нашиов човек е возбуден побрзо му доаѓаат на ум туѓи зборови (српски) отколку наши. Не се ретки таквите случаи. Зар еднаш сме слушнале спортски новинар да рече УТАКМИЦА, потоа да се сети дека на македонски тоа се вика НАТПРЕВАР? И така на среде збор самиот ќе се прекине и ќе се коригира.

Секојдневни се советите да пиеме вакви или такви чаеви, да приготвуваме разни лекови и слично. Овојпат лекар објаснува. Зборува за жалфијата. За тоа, каде расте, како изгледа, кога треба да се бере и како треба да се употребува. Зборува за антисептичките својства. Многу било корисно за дезинфекција на ДЕСНИТЕ. А зошто да не каже дека е добра за дезинфекција на НЕПЦЕТО?! Зборот ДЕСНИ, исто како и оној претходниот (сулуда идеја) ги нема во ниеден наш речник. И не треба да ги има. Не ни требаат. Имаме наши зборови. Познати на сите. И на млади и на постари. Лекарот зборува и за други квалитети на жалфијата. Вели дека таа уништувала разни ГЛИВИЦИ. Познато е дека кај нас тоа се ГАБИЧКИ, а не ГЛИВИЦИ.

Веројатно докторот читал за жалфијата од некоја српска литература, но тоа не ги оправдува грешките. Не е многу тешко да се знае дека во македонскиот јазик не постојат зборовите ДЕСНИ и ГЛИВИЦИ. Тоа треба да го знае дури и докторот, а не само обичниот и простиот човек.

Кога станува збор за некакво мноштво, за нешто што не може да се доброи, се употребува еден израз – ПРСТ и ПЛЕВА. Дури создаден е и прилог – ПРСИПЛЕВА. На многумина не им е јасен овој израз. За плевата се знае. Тоа се ситни, преситни лушпи од житното зрно кои не можат да се избројат. Недоумица создава зборот ПРСТ! Од каде тој на ова место? Но, овде не се мисли на ПРСТ, на некој ПРСТ од раката или од ногата. Тој збор има и поинакво значење. Тој значи куп ситна земја. Зборот е регистриран во сите наши речници. Го има дури и во Старословенско – македонскиот речник, со објаснување дека тоа е земјена прашина. Значи, зборот има словенско потекло. Порано се употребуваше повеќе, сега ќе се чуе понекогаш, доста ретко.

Ќе повториме! ПРСТ значи куп земја, ситна земја, земјена прашина. Значи, материја составена од многу, многу ситни, преситни делчиња. Делчиња, чeстички кои не можат да се добројат. Исто како и плевата. Безбројно нешто, недобројно. Затоа кај народот се создал таков израз- ПРСТ и ПЛЕВА (прсиплева). Сега се користи поретко, можеби, баш поради тоа што кај луѓето не беше (и не е) јасно, што бара сега прстот во еден ваков израз. Се разбира, повеќето мислат на прстот како дел од раката или од ногата.

Се надеваме дека сега на мнозина ќе им стане појасно значењето на зборот ПРСТ.

Да заклучиме! Јазични грешки во нашава комуникација, особено на медиумите, ги има премногу. Слободно можеме да речеме – ПРСТ и ПЛЕВА.

Loading