БОРЕЦ – БОРЕЧКИ, БОРАЧ – БОРАЧКИ

ivce1Понекогаш не знае човек каде да ја бара вината за јазичните грешки. Дали кај лекторите, кај авторите на емисиите, кај новинарите? Каде? Најверојатно, кај сите. Кога слушаме слободно, нелекторирано зборување, кога ќе се случи некоја грешка, си велиме дека можеби ќе биде тоа помини-замини, можеби нема да се повтори. Но, кога читаме преку целиот екран наслови на разни емисии, тука не можеме да речеме дека грешката е можеби случајна, и не ќе се повтори. Емисиите се повторуваат, ги гледаме често, а грешките остануваат. Еве еден пример. На некоја од нашиве телевизии се емитува емисија со наслов “По делата ќе те препознам”. Каде е овде грешката? Како треба да гласи идното време од глаголот препознавам? Дали ќе те ПРЕПОЗНАМ или ќе те ПРЕПОЗНААМ? Се разбира, точно е второто. Не со едно “А”, туку со две. Нема да навлегуваме во граматичките правила. Ќе приведеме уште неколку примери да ја потврдиме односната грешка. Ќе го земеме глаголот – ПРИЗНАВАМ. Прво лице во сегашно време гласи ПРИЗНАВАМ. Свршената форма од тој глагол во идно време нема да биде ЌЕ ПРИЗНАМ, туку ЌЕ ПРИЗНААМ, напишано со две ”A”. Така ќе биде и со глаголот ДОТРАВАМ – ЌЕ ДОТРААМ, а не ЌЕ ДОТРАМ. Истото е со ИСТРААМ – ЌЕ ИСТРААМ, а не ЌЕ ИСТРАМ. Ако сакате некој пријател да го запознаете со некого, ќе му речете: “ЌЕ ТЕ ЗАПОЗНААМ (со две ”A”)”, а не ЌЕ ТЕ ЗАПОЗНАМ. Така треба да гласи и глаголот ЌЕ ТЕ ПРЕПОЗНААМ, а не ПРЕПОЗНАМ како што е во насловот на емисијата.

Се емитува и некоја емисија од областа на економијата. И нејзиниот наслов е испишан преку целиот екран – БЕРЗА НА ТРУД. И порано сме се изјаснувале дека испуштањето на членот станува опасна појава. Каде се овде лекторите? Како можат и како смеат да допуштаат вакви грешки?! Именката ТРУД е определена, неопходно е да биде членувана. Насловот треба да гласи – БЕРЗА НА ТРУДОТ, а не БЕРЗА НА ТРУД. А редовно слушаме – ЗДРУЖЕНИЕ НА НОВИНАРИ (наместо НОВИНАРИТЕ), ДРУШТВО НА ПИСАТЕЛИ (наместо ПИСАТЕЛИТЕ ) и така до бескрај.

Мошне зачестена е погрешната употреба на предлогот – “кон”. Тој предлог, главно, означува правец – “Протестантите се упатија КОН центарот”. Го има, речиси, истото значење со предлогот НАКАЈ – “Протестантите се упатија НАКАЈ центарот”. А ние редовно го слушаме тој предлог (кон) на погрешни места. Слушнавме од новинар дека биле исплатени сите пари КОН производителите. Парите се исплатени НА производителите, а не КОН производителите. Во една емисија, во врска со односите помеѓу Македонија и Грција, еден политичар вели дека Европската унија требало да изврши поголем притисок КОН Грција. Европската унија може да изврши поголем притисок ВРЗ Грција, а не КОН Грција.

Уште еднаш (којзнае по којпат) за разликата меѓу придавките БОРЕЧКИ и БОРАЧКИ.

Прочитавме дека во Прилеп постоел “Центар за боречки вештини”. Потоа, се објаснува дека станува збор за спортски дисциплини, карете, џудо и слично. Значи спортски дисциплини од областа на борењето. Е, ако е така, тогаш тие се БОРАЧКИ вештини, а не БОРЕЧКИ. И во други пригоди сме слушнале или сме прочитале за БОРЕЧКИ организации, во кои членуваат повеќе БОРАЧИ.

Да расчистиме. Придавката БОРЕЧКИ (боречка) е произведена од именката БОРЕЦ. А придавката БОРАЧКИ е добиена од именката БОРАЧ. Значи, борците имаат БОРЕЧКА организација, а БОРАЧИТЕ ќе имаат БОРАЧКА организација. БОРАЧИТЕ се занимаваат со БОРАЧКИ спортови, а не со БОРЕЧКИ. Оваа разлика треба да ја знаат и новинарите (кои не известуваат) и оние кои се членови во соодветните организации. Уште еднаш: БОРЕЦ – БОРЕЧКИ, БОРАЧ – БОРАЧКИ!

Loading