Треска за историја

Заврши 13. издание на Пивофест

EkstazaСамо пиво и скара четири дена беа главното мени за доручек, ручек и вечера на Пивофестот, а “десерт” беше одличната музика. Пивската треска создаде атмосфера за 400 илјади посетители, а  просторот да биде претесен и организаторите да размислуваат за друга локација.

Се заборавија грижите и сите се препуштаа на еуфоријата од претпладне до изгрејсонце. Со часови се “окупираа” штандовите, гаснејќи ја жедта со пиво наместо со вода. Мирисот на вкусна скара ги мамеше дури и вегетаријанците додека наздравуваа со криглите. Врв на пивската пена, за што уште многу денови ќе се зборува, беше концертот на Дино Мерлин на последната вечер. Успеа “да ја наштима” публиката во ист глас да пее и игра и на 13. издание на пивската фешта. Ќе се памети спектакуларниот старт со мегапопуларниот Саша Ковачевиќ, падот од сцена на пејачот од Прљаво казалиште, позирањето со гаќичките на Гоца Тржан. Годините не беа пречка Неда Украден да ја крене атмосферата, а Оливер Драгојевиќ да разнежни со неговите балади. Ечеше музика по сечиј вкус. И Слаткаристика, Љубојна, Радио Актив, ЗАА, ДНК, Наум Петрески, Ален Хасановиќ предизвикаа овации, кренати раце високо, на сите од 7 до 77 години.

Градот не мируваше до мугрите. Џускањето на неуморните, додека се точи пивска пена, продолжуваше под прстите на ДЈ-ите на алтернативната сцена,  но и во кафулињата. 

Уживаа љубителите на пиво, вкусна скара и одлична музика од повеќе градови од државава и од странство. И Могилата се наполни со 1200кампери со шатори. Дел од дијаспората одморите ги натокми со празникот на пивото. Немаше место игла да се фрли додека весела клима го потисна градот.

Стивна пивскиот ритам. Улиците и парковите се средуваат, како низ нив да не поминала толкава армија од мераклии на пиво.

Се планира следното издание со странски ѕвезди.

ЈКП Комуналец

ЏАМ, УЛИЦИТЕ И ПАРКОВИТЕ

Благодарение на искуството од минатите години, потоа и на организираноста и на екипираноста на комуналните тимови задолжени за одржување на хигиената во градов, за време на Пивофестот, градот осамнуваше како ништо да не се случувало, иако забавите траеа до разденување. Комуналец на располагање имаше доволно екипи во континуитет да го отстрануваат сметот кој се мереше во тони, одлагајќи го според сите еколошки стандаради. Според планот, освен што редовно се собираше отпадот, истовремено се освежуваа тревниците и просторот околу штандовите заради високите темперетури.              

Loading