ПОВТОРУВАЊЕ НА ПРЕДМЕТОТ

ivce1Само накратко ќе кажеме дека понекогаш предметот во реченицата треба да се повтори. Предметот е именка. На пример: “Мојата куќа (предметот) и куќата од Петрета се наоѓаат на истата улица”. Како што гледаме именката КУЌА се повторува. Ако речеме: “Мојата и куќата од Петрета се наоѓаат на иста улица”, има извесна нејасност. Не се знае точно на што се однесува присвојната заменка МОЈАТА. Не е јасно дека станува збор за мојата куќа. Може да се рече дека мојата бавча или мојата работилница и куќата од Петрета се наоѓаат на иста улица. Затоа, за да биде јасно, именката куќа (предметот) треба да се повтори: “Мојата куќа и куќата од Петрета се наоѓаат на иста улица”.

Ова го пишуваме за да објасниме дека испуштањето (неповторувањето) на предметот не само што внесува нејасност, туку може и да прозвучи непристојно, дури и вулгарно. Ќе набележиме еден таков пример. На една од нашиве телевизии слушаме извештај дека во некоја кафеана настанал голем неред. Имало кршење на инвентарот, тепачка и закана кон сопственичката. И, слушнавме ваква реченица: “Сопственичката била загрижена за својата и за безбедноста на своето семејство”. И што разбравме сега? Првиот дел од реченицата гласи дека сопственичката била загрижена за СВОЈАТА. И сега? Секој со својата фантазија нека процени за што била загрижена сопственичката. Присвојната заменка СВОЈАТА може да не наведе на разни заклучоци. Првата помисла е дека сопственичката била загрижена за СВОЈАТА!… За да нема вакви дилеми именката БЕЗБЕДНОСТ (предметот во реченицата) треба да се повтори. Значи, “Сопственичката била загрижена за СВОЈАТА безбедност и за безбедноста на СВОЕТО семејство”. Ваквите бесмислености ги слушаме често. И порано сме пишувале за сличен случај. Слична реченица: “Бучкоски ќе го брани СВОЈОТ и рејтингот на Шеќеринска”. И овде фантазијата може да не одведе на различни правци. Не е јасно на што се однесува заменката СВОЈОТ. Не знаеме што ќе брани Бучкоски. Затоа реченицата треба да гласи: “Бучкоски ќе го брани СВОЈОТ РЕЈТИНГ и РЕЈТИНГОТ на Шеќеринска”. (Извинување до госпоѓа Шеќеринска и господин Бучкоски што мораме да ги спомениме нивните имиња да ја објасниме оваа несмасност што ја слушнавме на некоја од нашите телевизии).

Слушавме интервју со словенечкиот европратеник Иво Вајгел. Одговараше тој на новинарски прашања во врска со политичката ситуација во Македонија. На српски зборуваше. А ние, на некои од телевизиите читавме превод, а на некои слушавме тонски превод. Во еден момент господин Вајгел вели: “Не бих се усудио да кажем”.  И каква грешка во преводот на нашиве новинари! Ајде, да не речеме каква глупост. И во српскиот јазик именката СУД гласи исто како и кај нас. Но ниту Вајгел ниту кој и да е човек што зборува српски не вели – “Не бих се ОСУДИО”, туку “Не бих се УСУДИО”. Нашиве новинари без малку да размислат, прават грешен превод – “Не би се ОСУДИЛ”. Па зар не знаат дека само судот може да осуди. Во српскиот јазик глаголот ОСУДИТИ сосема се разликува од УСУДИТИ. Затоа, никој неможе сам да се ОСУДИ, а кај нас нема глагол УСУДИ. Затоа, реченицата “Не бих се УСУДИО”, на македонски треба да гласи – “Не би се ОСМЕЛИЛ”. Може и “Не би си дозволил”. Веројатно може и некако поинаку, но некој самиот да се осуди е навистина, еднакво на глупост. А тоа го слушаме не од некои случајни луѓе, туку од новинари, кој се должни да го знаат безпрекорно македонскиот јазик.

Еве уште еден новинарски “бисер”. Спортските коментатори редовно известуваат за американската кошарка. Дури и малиот прст да му е повреден на некој кошаркар, тие ќе информираат. Имале меѓусебен дуел кошаркарските екипи ХЈУСТОН и ДАЛАС. Коментаторот, нашиот македонски,  соопштува: “Хјустон го доби Далас”. А зошто не ни соопштува дека Хјустон го победил Далас? Но, слушаат тие од своите српски колеги. Често ќе чујат – “Звезда је добила Партизана”. Е, па сега, ние нема да останеме покусо. Ќе бидеме информирани дека Хјустон ГО ДОБИЛ Далас. А сме слушале и дека ВАРДАР го добил РАБОТНИЧКИ.

И којзнае уште што ќе чуеме.

Loading