ПРВУТ Е НА ПЕРУТ

ivce1Многу погрешни зборови кај медицинските работници се зацврстени и ретко се менуваат. Речиси редовно слушаме КИЧМА наместо ‘РБЕТ, ОТКУЦАИ на срцето, наместо ОТЧУКУВАЊА, ЗАПУШЕНИ вени, наместо ЗАТНАТИ и така со ред. Деновиве слушнавме една грешка што досега не сме ја чуле. Во една емисија на некоја од нашиве телевизии гостува докторка – дерматолог. Слушнавме убави, поучни работи во нејзиното излагање. Објаснуваше таа за многу кожни болести. Зборуваше за причините, за симптомите, а и за начинот на лекувањето. Рековме дека слушнавме грешка што досега не сме ја чуле. Објаснувајќи за некоја болест на кожата докторката вели: “Во таков случај, кожата е сува и се перута”. Глаголот СЕ ПЕРУТА е грешката што ја забележавме. Во нашиот јазик постои именка ПРВУТ, а не ПЕРУТ. Првут, тоа се ситни лушпи од мртва кожа, обично во косата, но може и на друг дел од кожата. Глаголската именка гласи ПРВУТЕЊЕ. А се знае дека од именките можат да се образуваат глаголи, со помош на повеќе наставки. Во случајов, ние ќе ја земеме само наставката “И”, таа е всушност најпродуктивна. Еве само неколку примери: од именката КАЛЕМ добиваме глагол КАЛЕМИ (тој калеми), од СРАМ имаме СРАМИ (тој се срами), од ПАЗАР – ПАЗАРИ (тој пазари) и така натаму. Според тоа, од именката првут ќе добиеме глагол ПРВУТИ (се првути), кожата СЕ ПРВУТИ. Докторката употребува српски глагол СЕ ПЕРУТА добиен од именката ПЕРУТ. Повозрасните доктори се правдаат дека учеле од српски учебници и затоа употребувале многу српски термини. Соодветната докторка беше млада личност, таа сигурно се школувала со учебници на македонски јазик. А меѓу другото, таа во своето излагање ја употребуваше понекогаш и македонската именка ПРВУТ. А зошто вели дека кожата СЕ ПЕРУТА, а не СЕ ПРВУТИ? Сигурно дека за тоа не се виновни учебниците.

Се емитуваат многу сериски емисии. Во последно време преводот е тонски. Убаво е тоа, полесно се следи дејството. Но, многу е лошо што тие преводи не се добри. Само еден пример. Во една таква емисија, едно девојче, доста уплашено, вика: “Дај ми ја кондурата”. По некое време слушаме реплика од возрасен човек, доста строго: “Облечи си ја кондурата”. Па тие актери, тие кои го говорат преведениот текст, зар не знаат дека односната именка на македонски гласи ЧЕВЕЛ, а не КОНДУРА?! Зар не знаат дека чевлите се ОБУВААТ, а не се ОБЛЕКУВААТ?! Сите обувки се обуваат а се облекуваат алиштата. Каде се тука лекторите? Претпоставуваме дека мора да ги има. Лошо е ако ги нема. А уште полошо е ако ги има, а сепак сведоци сме на вакви грешки. 

Слушаме во една телевизиска емисија, обичен човек, сопственик на овоштарник. Од источна Македонија. Гледаме неколку овошни дрва (маслинки биле) бојосани бело. Сопственикот објаснува дека ги ФАРБАЛ, со БАКАРНА КРЕЧ. Никој веќе не помислува дека зборот ФАРБА не е наш. Не е ФАРБАЊЕ, туку БОЈАДИСУВАЊЕ. Но, секоја втора жена ќе ви рече дека ја ФАРБАЛА косата. Од српскиот јазик преку скопскиот говор, преку разни канали, зборот навлегол во сите места од нашава држава. И именката КРЕЧ исто така не е македонска. Овоштарот, најверојатно за да звучи покултурно вели дека ги ФАРБАЛ со БАКАРНА КРЕЧ. Не веруваме дека таму во источна Македонија се вели КРЕЧ, наместо ВАР. Всушност, тој ги БОЈОСУВАЛ (бојадисувал) овошките со БАКАРНА ВАР, мешавина од вар со она што народот си го вика МОДЕР КАМЕН или СИН КАМЕН.

Фудбалски натпревар на нашата репрезентација со репрезентацијата на Белорусија. Коментаторот одамнешен, искусен. Пред да почне натпреварот тој го искажува своето мислење за квалитетот на двете репрезентации. Вели дека, можеби Белорусите се посилни, но во овој случај срцето и желбата за победа требало да бидат ѕвезда ВОДИЛЈА. Поубаво му звучи од нашиот збор ВОДИЛКА. Но, така! Којзнае каде ќе не одведат ваквите ѕвезди?!                                                                      

Loading