ПЕЧИВА ПО СТРАНСКИ РЕЦЕПТИ

Мини пекарница Кај Жиле

Peciva so stranski smekt kaj ZileНовајлија е во градот. Со бизнисот со бели печива Живко Новески е неколку дена. Ама веднаш, навала пред дуќанот. Да ги вкусат новите печива од кај Жиле, кој нуди дански ѓеврек, италијанска канцона, француска пирошка… Ова е нешто ново, што го нема во градот.

Животот го посветил на пекарството сопственикот на мини пекарницата Кај Жиле. Преку 20 години, “комплет” го пренесува занаетот на “печењето” од Швајцарија, Австрија, Германија, Грција, Црна Гора, Србија. Бил шеф кај угледни пекари во Белград, а имал и своја пекарница. Последните 5-6 години органзирал промоции на пекарници во Ниш, Суботица, ваму-таму. За 4-5 дена  обучувал пекари.

Го сака градот поради неговата динамика и широко отворени врати за нови технологии од странските држави. Пуст мерак по родниот крај. Затоа ги почести граѓаните со свој бизнис, нови, поинакви печива, непробани, уникатни.

– Граѓаните ги прифатија печивата. Задоволни се. Кој ќе земе, пак се враќа. Немам промашување засега. Тестото е такво што три дена може да стои, а третиот е уште поквалитетно. Нудам печива што навистина се прва лига – вели Новески.

Ражени кроасани, разни погачички, што ли уште не. Над 150 видови е асортиманот, кој секоја недела ќе се збогатува и ќе се промовира нешто нови. Денешен специјалитет е пита со тиква, а другиот петок со вишна. Веќе го барале за дистрибуција по други фирми. Милува в дуќан да продава, оти не му се носи и не му се бендисува тој систем. Ќеф му е муштериите лично да ги пречекува и услужува. 

– Не најдов некое солидно место во чаршијата. Почнувам со квалитетот, а муштеријата ќе дојде и 200-300 метри. Мој адут е само квалитетот и ништо друго. Ова е ново, различно од бурек, киснато и ѓеврек. Веќе добивам пофалби, се храбрам и се надевам на успешност со понудата на светска палета на печива. Почетокот е најважен, оти после џабе е вложувањето – вели Новески.

Ако функционира како што треба, се токми да најде поголем објект на поатрактивна локација, на плоштад, оти, без искуство, не е лесно да се работи во 15 квадрати.

– Најскап производ е 35 денари. Цените треба да се нормални, оти такви се условите, иако можеби вреди 5-10 денари повеќе. Ќе се продадат повеќе и ќе бидеме сите задоволни – вели стариот мајстор на нови печива, Живко Новески.

Дуќанот во Старата чаршија уште не е откриен. Постепено се освојуваат пребирливите муштерии. Оние кои ги вкусиле мајсториите на Жиле велат дека го нашле вкусот на кој “паѓа” светот. Затоа никогаш повеќе нема да појдат на друго место по печива. 

Loading