СОСЕДИТЕ ВЛЕЧАТ ПОРОЖЕ

ivce1Помало друштво. Некулкумина. Седиме и слушаме нешто од програмата на Радио Скопје. Во емисијата,новинарката разговара со академик Блаже Ристоски. Академикот е од ретките или од најретките личности кои зборуваат на чист литературен македонски јазик. Темата на разговорот широка. Прашањата разно-разни. Во еден момент стана збор за односот на соседните држави спрема Македонија. Одговара Ристоски и вели дека сите тие изигруваат конструктивност, но оставаат едно пороже да се влече. Токму тој збор – ПОРОЖЕ го предизвика нашето внимание, а и вниманието на другите од друштвото. Еден пријател вели дека не знае што значи тој збор. Друг вели дека не само што не знае што значи, туку дека првпат го слуша зборот ПОРОЖЕ.

Ние како да се присетивме. Одамна, многу одамна, од најрани детски години сме го употребувале зборот ПОРОЖЕ. Се потсетивме дека како дете не само што сме го слушале тој збор, туку и сме го држеле в рака предметот кој го носи тоа име. Некогаш, подоцна, во повозрасни години, кога ќе се присетевме по некаков повод на тој збор, мислевме дека е само обичен локализам. Сега, кога слушнавме да го употрбува академик Ристоски, не натера да провериме во Речникот. Во тритомниот, а и во оној на Зозе Мургоски. Се изненадивме дека е одбележан во двата речника. Значи зборот нема само локално значење. А што е тоа ПОРОЖЕ? Тоа е јаже со кое се врзувааат воловите, говедата за рогови. Дури има и пословица “каде јунчето,таму и порожето”.

Воловите се врзуваат и се водат со порожето. Во многу случаи порожето им се намотува и се приврзува за роговите на воловите и тие така пасат и си го носат врзано за рогови. Често се случува да се одврзе и да се влече по земја. Говедото се движи и го влече. Затоа, ако некој работи многу бавно, ја влече многу работата, се вели: “Се влечи како некое пороже’.

Кога вели академик Ристоски дека соседите влечат некое пороже, се мисли на тоа  дека имаат нешто недоречено, неразјаснето. Нешто што уште не е решено. Може да се рече дека влечат јаже или влечат ортома. Но, ете, Ристоски го обрал зборот ПОРОЖЕ. А ние пак ја изразуваме благодарноста што ете, се потсетивме на тој збор и што ни стана јасно дека тој немал само локално значење.

Порожето се користи само кај говедата, таму каде што има рогови. Товарните добици (коњи, маски, магариња) се врзуваат со ОГЛАВНИК. Некои го викааат ОГЛАМНИК. Тука имаме премин на “ВН” во “МН”. Според нас правилно е ОГЛАВНИК. Тука јажето се врзува за главата од добитокот на специјален начин. Јажето е специјално направено за да може да се врзе окулу главата. Тоа, всушност би било ОКОЛУГЛАВНИК. Оглавник е само скратена, попрактична форма. Оглавниче може да се направи и за некое јунче, теле, кое уште нема рогови. Ќе споменеме еден израз што го користеле старите. Ако многу луѓе, наредени еден по еден во колона, која змијулесто се извива ќе речеа: “Гледај како се наспорожиле, како некое пороже”.

Да се вратиме на една друга тема пак на една емисија од радио Скопје. Завршува емисијата, а новинарката ни се обраќа нам на слушателите и вели: ”Останете во добро здравје”. Тоа не е првпат. Тоа е една од честите грешки за погрешната употреба на предлогот “ВО”. Зошто новинарката не ни вели СО добро здравје туку ВО добро здравје. Колкупати сме рекле или колкупати нам некој ни рекол – “Одете СО здравје”, ”Останете СО здравје”, ”Да ве оставиме СО здравје”. Ете , новинарката, како многу нејзини колеги не поздравува со “Останете ВО добро здравје”.

Замислете некој да ни рече ”Одете си ВО здравје” или “Да ве оставиме ВО здравје”.

Благоја Ивчески

Loading