СУДБОНОСНО “ДА” НА 88 ГОДИНИ

Поради осаменост, вдовецот од селото Секирци, Видан Спасески, ја запросил 71 годишната вдовица Смиљана Мартиноска, која не можела да одолее на брачната покана

Srekna dvojka vo poodminati godiniЖителот на селото Секирци, 90 годишниот Видан Спасески веќе две години е вторпат зет. Судбоносното “да” го кажа за 71 годишната Смиљана од истото село. Докторот, како што го викаат соселаните, бидејќи многу години бил ветеринарен техничар, а седум години работел сé и сешто во Австралија, 15 години го мачела осаменоста, откако му починала првата сопруга. Вдовечкиот живот му станал неподнослив, огромен товар носел на плеќите и душевно ослабел. Не сакал да замине во дом за стари лица, оти таму  има режим и куќен ред. Ниту сакал да се пресели кај децата и внуците да им претставува товар. Навиките не му се менувале, но осаменоста го горела до коска.

Сватови дома

Романтичната приказна на бабата и дедото тргна од поканата на Видан за заедничко продолжување на животниот век со Смиљана. Ја побарал осамената вдовица да го делат остатокот од животот, оти неа судбината ја оставила без брачен сопатник, а децата не се грижеле. Ја прифатила понудата за брак и завршиле кај матичарот.

– Направивме мала свеченост дома со гости, откако со сведоците се  потпишавме и склучивме брак. Сега двајцата живееме среќно, си помагаме еден на друг. Ќе се збогував со овој свет ако не ја најдев Смиљана и ако не прифатеше да направиме ново гнездо и двајцата да видеме себап, да побегнеме од самотијата. Со неа денот ми се продолжи, летата ми се разубавија, зимите ми станаа нездодевни, а пролетта будеше радост и ведрина кај мене. Исчезнаа од мене црните облаци на депресија што беа надвиснале со години, а во срцето се насели надеж дека животот е прекрасен со друшка, и во третата доба. Создадовме топол дом, ново гнездо во мојата стара куќа. Веќе не пијам апчиња, не се саклдисувам. Болестите ми се смирија. Ги уживам благодетите на животот во десеттата деценија, благодарение на новата домаќинка. Се чувствувам поздрав, како прероден. Психички сум постабилен. Заминаа лошите мисли, оти осаменоста ми грицкаше дел по дел од душата, ми одземаше ден по ден од животниот пат – кажува Спасески.

Со натежнатите години í покажал готовност да направи арно и за Смиљана, неа да í види насмевка на лицето и да не се мачи само по полето во обработката на тутунот и другите земјоделски работи.

– Беше намачена, сама одеше со количка. Жалев што децата не ја уважаваат. Чувствував дека е полна со скрб и дека ќе пукне од јад. Кутрата, сама се мачеш со тутунот, од расади до калапење. За среќа, и таа покажа разбирање да тргнеме во заеднички, нов живот. Пензинер сум. Имам арна пензија, плус малку австралиска. Добро би било да ја поделам со некого. И таа ќе се куртули од напорната работи и ќе í избега мислата за неправдите дома и двајцата да се спасеме. Разбра дека е добредојдена. Од неа наидов на слога и разбирање еве веќе две ипол години – кажува Докторот, кој во отсуство на добиток во дворот, со партнерката “врткаат” неколку кокошки и петли во кокошарникот.

Екскурзии на двојката

Смиљана, како уште да не е прилагодена, небаре е млада невеста, се воздржува од коментари на раскажувањата на домаќинот. Затоа Видан не молчи.

– Не знам сега што е трпеза. Сето тоа го токми под конец Смиљана. Таа готви манџи колку за двајцата, понекогаш и меси и пече леб. Не знам што е перење, метење и други домашни работи. И помагам по потреба да не се измачува и да осети убав, слободен живот. Не сакам да биде оптоварена со обврски, туку да í сум машка закрила на женската нежност. Затоа, колку што не држат нозете и снагата, потшетнуваме на екскурзии со пензионерските здруженија Поарно е вака, отколку овенати да прекапиме по домовите за стари. Се куртуливме од сопствената изолација, си се најдовме еден на друг, да скршиме некој муабет, да не го делиме животот со ѕидовите. Во природата на човекот е да не биде сам. Тоа носи болест, го нарушува и така кревкото здравје во поодминатите години – кажува Видан со очи полни животен сјај.

Скромната Смиљана уште жали за децата и за внуците. Но, вели дека избрала да им биде и ним поарно, а и таа малку да вкуси од животот без мака и без напор. Додуша понекогаш без работа í е здодевно, но се најдуваат во зборот и разбирањата со Видан.

– Од една страна, не ми баш арно, оти сум одделена од децата, од фамилијата. А од друга, ми е убаво. Збор настрана си немаме кажано. Ете, било пишано, судено и речено да куќам нов дом. Времето ми врви низ домашни работи. Дури без обврски во полето, го имам на претек. Се согласуваме и се прибравме еден со друг, иако имам кај да живеам, имам куќа, земја – кажува Смиљана, не можејќи едновремено да ги скрие и солзите радосници, и тагата за вистинскиот дом.

А Видан зрачи енергија за годините. Духовно е побогат. Кажува дека со Смиљана бил седнат на чело на свадбата на својата внука неодамна.

– Децата не ме осудуваат. Ја почитуваат одлуката да се задомам пак на 88 години, оти и тие осознааа колку е мачно самувањето. Затоа и Смиљана ужива респект кај моите деца, оти таа е моја избраничка со која делам и арно и лошо и насекаде одиме заедно каде што нé  носи редот – кажува Видан         

Во селото, Докторот го знаат и го ценат. Не го гледаат поинаку, откако се “ожени”. Повеќемина го оправдуваат и охрабруваат за решителноста со Смиљана да тераат до гроба, да видат и двајцата аир од остатокот од векот. Видан е среќен што успеал да подари среќа, да разнежни, да понуди емоции за заедништво и помош на една мачна душа.       

Им порачува на сите во одминати години, ако чувствуват осамност, да не се срамат, туку да се снајдат и да си најдат друшка, оти тоа е рецепт за повеќе живот. Тоа не е резил, тоа не е чин за осуда, туку шанса за век.  

Loading