РАЗВОЈОТ Е ОПСТАНОК

Зенит и Регионалната стопанска комора вечерва прогласуваат бизнис за 2013 година

Izborot na biznis  na godinata na Zenit e popularna manifestacijaНиз страниците за Бизнис 2013 претставивме бесплатно десетици фирми. Ги откривме тајните на бизнис идеите на жилавите бизнисмени и ги внесовме во историјата нивните подеми и падови. Ги афирмиравме напорите, поттикнавме конкурентска акција, стимулиравме инвестиции…

Низ приказните за трнливиот бизнис пат, се ставивме во служба на стопанството, на компаниите, мали и големи, средни и дуќани, со цел да им помогнеме во развојот или опстанокот. Во соработка со Регионалната стопанска комора, констатиравме дека локалната стопанска заедница е отпорна на бизнис бурите. Стопанствениците со висока способност за менаџирање, демонстрираа издржливост, борбеност, готовност да се фатат во костец со тешкотиите, да ги елиминираат пречките на бизнис курсот и да напредуваат. Веруваме дека на некои им помогнавме да успеат, ги охрабривме да направат уште еден обид, да не се предаваат на комплицираните проблеми, туку да се втурнат во суштинско решавање на маките. Убедени сме дека на некои им ја уништивме малодушноста и ги окураживме да влезат во акција. Многумина созреаја и се искалија, па направија успешен нов чекор напред. На некои можеби не им помогнавме, но со пренесените искуства од еснафот, им бевме сојузници и, во најмала рака, не им одмогнавме.

Бевме и ќе бидеме заговорници за подобрување на бизнис амбиентот, па и на локално ниво. Тоа е суштината на манифестацијата Бизнис на 2013 година, која петта година ја организираме и сме со намера да не ја прекинуваме. Низ страницата за бизнис ги поттурнуваме и властите да ја подобрат бизнис климата.

Заокружуваме уште една манифестација вечерва во 18.00 ч. во ресторанот Амфора, со свечено доделување на признанијата Избор на бизнис за 2013 година.

Продолжува приоритет да ни биде соработката со приватните бизниси со цел да ги доближиме до јавноста. Отстапуваме простор за манифестацијата “Изборот на бизнис за годината 2014”, на кој сопствениците можат бесплатно да ја изнесат идејата и развојот на бизнисот.

Досега наградени

2009 – Витаминка, Прилепска Пиварница, печатницата Гинис, конфекцијата Васидора, Трио, фармата Милко ХФ и Прогрес Комерц.

2010 – Мермерниот комбинат, конфекцијата Комфи ангел, Дониа, Салида, Марфил и Футура, Парадокс, Роман и Оскар Медикал.

2011 – Де-ни компани, Кули, Теракота, Микросам, Еуротерм, Ројтем, Дизниленд, Земјоделци и Ацетони.

2012 – Автоплацот Златески, Сонце ГА, Фурна Алекс, Агенција за обезбедување МК, Крин КГ, Милина и Конфекција Хатра.

Loading