СОВРЕМЕН КОВАЧ

ФЕРО РВВМ

I so masinite, ne e naporno-  Romeo MinovСо мев на јаглени брикети, поттикнувани да горат од вентилатор, се загрева до вцрвенување железо за да се витка. Тоа е дел од машинскиот процес со преса и други технологии на фирмата за ковачко – коларски работи ФЕРО РВВМ на Ромео Минов. Фирмата постои две години, а пред тоа работел дома.

Ромео, под коларско – ковачки работи подразбира монтажа и демонтажа на федер – платна од камиони, комбиња и автобуси, како и виткање на главни и помошни платна за возилата. Платното е практично еден вид амортизер на сите товарни и патнички возила. Покрај тоа, подготвуваат емиши за плугови, ралници и други потрошни елементи за земјоделските машини.

Првин работел дома, но бизнисот не му дозволувал во тесен простор да преземат сериозни зафати. Ги вознемирувал комшиите, поради силната бучава при контактот на чеканот и железото. Затоа решил да крене објект надвор од градот, на стариот пат за Битола.          

Ромео објаснува дека федерите, со време, од товар и дупки, попуштаат, пукаат, се кршат, се кинат платната или се исправаат од потребниот лак и не се во состојба да ја вршат функцијата.

– Ги сменуваме, им даваме нов живот, ги обновуваме и ги доведуваме во старата форма, односно скршеното парче го менуваме со ново. Ич не е лесно и едноставно да се создаде новото. Сложен е процесот. Железото се вжештува, се вцрвува на висока температура, така вџашено се витка на машина во одредената форма или лак. Платното не се кали во вода, туку само постепено се изладува. Се собира на машина и се шпренглова. Ако платната не се скршени, туку се само искривени, се вадат и се загреваат и пак се доведуваат до првобитната позиција да ја бркаат функцијата, товарот на возилата да не биде само на гумите и бандашите, туку на платната. Практично се враќа носивоста на возилата – вели Ромео.

Во прилепско е речиси единствен мајстор. Оти, со овој занает се зафаќаат малку луѓе. Работа е тешка, опасна, напорна и нечиста.

Ука да го совлада занаетот му дал неговиот татко Трајче, кој и денеска му дава инструкции за посериозните технички зафати.

– Темел ми беше татко ми. Со мерак и со огромна помош на мојот родител, а и со љубопитност и желба да го достигнам, вклучувајќи го чувството да ги откривам тајните и марифетите на занаетот, секојдневно, уште кога работев дома, внимателно впивав од неговото умештво за да се доближам до неговите вештини. Верувам дека сум го стигнал, а со време мислам дека и ќе го надминам. Нели секој учител се гордее, кога ученикот ќе биде подобар од него – кажува  помладиот Минов.

За развој на бизнисот има тешкотии, зашто проблем му е струјата. Во погонот има само монофазна струја, а поголемиот дел од машините се трифазни. Отсуството на квалитетно напојување го надоместува со струја од агрегат.

– Бараме трифазен напон, но не сакаат да донесат. Комплицирано е да се адаптираат машините на монофазна, а поголемиот дел воопшто не се вклучуваат. Ако имам саглам струја, ќе мислам посериозно на иднината, оти бизнисот има перспектива. Но, нема млади за работа, туку само постари, на кои им недостасува стаж за пензија. Продолжувам да се борам и не се откажувам во потрагата по квалитетна струја. Агрегатот не е решение, оти е скапо и не одговара на потребите. Немам некој друг посериозен проблем – кажува Ромео.

Поправа и земјоделска механизација, плугови, емиши, ралници, витка, сечи и монтира “штици”. Ако е искривен или деформиран плугот, го поправа, со расформирање и греење, па повторно го склопува. 

Loading