ЗЕЛЕНА ЧОЈА ЗА ЛЕБ

Клуб ИНСОМНИА

Parite od pecalba - investicvija vo biljard klub - Biserko TrkljaКлубот Инсомниа е собиралиште за добра забава и страстни љубители на билјард. Сместен во катната гаража, со атмосфера како елитен клуб, работи од 2009 година. Сопственик е пасионираниот билјардист и менаџер, Бисерко Тркља. Патот до успехот на натурализираниот прилепчанец по потекло од Бјелина, Република Српска не бил “послан со рози”, напротив потрнлив не можел да биде.

– Пред расцепот на СФРЈ, во Бјелина имав бутик за гардероба. Продавав ориганал Левис и Дизел фармерки. Ме влечеше, оти имав сенс за претприемништво. Можеби е ген. И татко ми, по вокација професор по угостителство, беше менаџер на хотел. И домашното воспитување помогна да се изградам во личност како што сум сега – објаснува за раните бизнис води, 39 годишниот Тркља. 

Едвај полнолетен, во 1994 година, ги сетил од прва рака ужасите на крвавата војна во Босна. Дошол во Прилеп, во родното место на мајка му. Почнал со 130 германски марки в џеп и осум рала фармерки, што ги продавал од куќа на куќа. Отворил бутик за гардероба, но пропаднал по три месеци, оти му го ограбиле дуќанот. Тоа не го спречило подоцна да отвори нов и поголем дуќан.

Кога сакал да се обиде во бизнисот на татко му, го оставил бутикот  и заминал на островот Крит. Прво работел во клуб, за по неколку месеци да добие менаџерска позиција. Баран од повеќе ресторани, Бисерко го одбрал потпросечниот “Пелагос”. Со 18 часа ангажман, без одмор, ресторанот “го кренал од пепел”. Од запустено место, создал ресторан “вброен” меѓу најдобрите во едномилионскиот грчки остров. Љубовта за играта со стеки и кугли на зелена маса, го вратила во Прилеп . Отворил специјализиран клуб за билјард. Како еден од добрите играчи на билјард во поранешна Југославија, тоа го искористил како ас во ракавот за бизнисот, користејќи ги менаџерските способности. 

– Го сакав тој спорт. Иако популарното мислење беше дека билјардот е игра за денгубење и дека се игра во биртии, сам против сите го разбивав тој мит. Во 2009 година го отворив првиот професионален билјард клуб – Инсомниа, со една маса. Подоцна набавив уште една, и тој беше единствен со маси, кугли и стеки по професионални стандарди. Има правило колкава да биде масата – 3 м. со 1,6 м. Една билијард маса чини 3000 евра. Тоа не се единствени трошоци. Дополнителната опрема е 1500 евра. Тука се куглите, стеките, мерачите на време, осветлувањето, семафорите… Местото полека стануваше претесно за играње билјард по светски стандарди. Само од љубов кон играта, пак заминав на Крит како менаџер, во веќе “воскреснатиот”, реномиран ресторан. Без работно време, и по 16 часа ‘рмбав три години, а само двапати бев на плажите за одмор. Заработените парите ги вложив во обид да направам клуб за билјард на светско рамниште, кој би привлекол домашни и странски љубители на оваа игра. Меѓутоа, во Прилеп нема култура за билјард, но полека се гради – додава Тркља, кој е семеен човек со едно дете и прилепска сопруга, која му дава огромна морална поддршка.

Клубот Инсомниа, на 300 м2, има осум професионални билјард маси со соодветно осветлување и професионална опрема.      

– Ангажирани се шест вработени, но присутен сум 16-17 часа дневно. Просторот е поделен на место за релаксирање со кафе или други пијалоци и место каде се сместени сетовите за билјард. Секој ден е различен. Иако се работи од 8 до 24 часот, не се знае колку луѓе влегле. Само од Инсомниа не се вади пристојна заработувачка. За три месеци, колку што е дозволено, заради временските услови и бидејќи објектот е во затворена просторија, не се покриваат останатите месеци од годината. Ми пречи што не ми дозволуваат да отворам летна тераса, да работам цела година – завршува Тркља, кој е постојано на релација Крит – Прилеп. Го сака градов и во него има вложено многу.

Не случајно еден од поголемите европски турнири во оваа игра се одржа во нашиот град, токму на зеленото платно во Инсомнија. Тоа се должи на претприемачките способности на Бисерко Тркља, а дел од старите и нови познанства, што ги создал играјќи ширум Србија, Македонија и Република Српска. 

Loading