ПАРТИ ДО ЕУФОРИЈА

АРЕНА ПЛУС

Pretstojat iznenaduvanja  -  Vladimir JovanoskiКатадневен магнет за дневна и вечерна незаборавна забава за младите е кафетеријата Калипсо на фирмата Арена Плус во сопственост на Владимир Јованоски. Со искуството зад себе, Јованоски создал катче кое ја привлекува помладата популација на дневна шема со кафе – муабет низ избрана жанровски различна музика, и на ноќни еуфорични забави,  често со реномирани групи, интерпретатори и диџеи.

– Фирмата е регистрирана од 2001 година, а Калипсо е три години. Низ 13-те години, првин со кафетеријата Дискавери, Оскар, па Лидо, се калеше постепено овој бизнис. Сега само се унапредува, збогатува со различни содржини во дослух со времето, а кои предизвикуваат забава за незаборав на илјадници млади. Лете низ просторот од над илјада метри квадратни се собираат на концерти  на групи и на познати диџеи над две илјади гости – вели Јованоски.

Силна е конкуренцијата, но со атрактивни  диџеи и групи успешно се носат со ривалите.

– Вечерите со турбо, српско, “носат” повеќе народ, иако лично не сум заговорник низ кафетериите да се прават турбо забави. Но, тој стил  на музика ги бендисува младите и го полни просторот. Пуштаме урбана музика, хип-хоп, комерцијална музика и сл. за игра и “луда журка без крај” – вели Јованоски.

Се трудат да етаблираат друга функција, освен забавна.

– Локалните клубови се за младите. Тоа што ќе го донесеме, тоа се слуша. Порано се знаеше ден, делник, за турбо. Петок и сабота,  викенд, не е за таков стил. Но, конкуренцијата го прави своето. Ако не е Калипсо, ќе биде некој друг. А младиве повеќе сакаат таква музика, отколку современа, модерна музика што е тренд на топ листите. Таа ги пали, ги замелушува, ги фрла во транс. Како да ги маѓепсува. Почнуваме да наликуваме на кафеани, а не на клубови и дискотеки. После еден часот, кога затвораме, се оди по дискотеки за хард кор турбо-фолк. Жално е, зашто исчезна смислата на забава. Друга е забавата со турбо, а друга е со урбана. Тоа не зависи од нас. Предлагам, ако  имам денес хип-хоп, друг нека пушта хаус, третиот нека има рап или комерцијала, но да има ДЏ, да биде урбано. Не доликува за турбо фолк за кафетерија, а тоа привлекува – објаснува Јованоски. 

Во лето друга е приказната. Веќе се подготвуваат изненадувања.

– Остануваме на шемата за добри концерти на лето и добри диџеј. Секој месец ќе носиме по еден добар пејач или добра група, добар диџеј. Месеците јуни, јули и август ќе бидат полни со изненадувања. Планираме 3-4 добри диџеи и 2-3 подобри групи. Базенот е декорација. На него ќе се направи мал мост со шанк за бармен на коктели, а покрај него танчерки. Можно е гостите да се искапат при кулминација на забавата – најавува Јованоски.

Амбиентот го прават и пијалоците.

– Располагаме со доста добри кафиња, цедени природни сокови, коктели во лето. Безалкохолните и алкохолните коктели и напитоци се барани лете. Младите го препознаваат доброто кафе и  добриот коктел… Тоа радува. Излегуваат од прилепски рамки и знаат што е квалитет. Во понудата нема мезиња со “боцкалки”, оти досегашното искуство не беше добро. Идејата беше интересна, но не успеа. Затоа лете се нудат овошни салати,. сладоледи и прилози со пијачките,на пример кикиритки со пиво или  нешто што оди со  виски што е гратис, подарок на куќата – завршува Јованоски.

Калипсо нуди пристојни цени и одлични пакети, како што е цеден сок и кафе за 100 денари. Им недостасува добар послужувачки кадар. Тешко најдуваат работливи, иницијативни и умешни келнери, кои ги препознаваат гестикулациите и потребите на гостите со кревање на главата, што изнудува бакшиш.  

Loading